1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоРусија

„Во Русија владее студена граѓанска војна“

Јури Решето
14 јули 2022

Оние во Русија кои не се согласуваат со политиката на Кремљ бегаат од земјата. Се вели дека над 100.000 Руси ја напуштиле земјата од почетокот на војната. Оние кои остануваат си ги ризикуваат работните места и слободата.

https://p.dw.com/p/4E6Kn
Протест во Москва против руската агресија врз Украина во февруари годинава
Протест во Москва против руската агресија врз Украина во февруари годинаваФотографија: Denis Kaminev/AP/picture alliance

Можно е ова да и е последен пат во животот да ги оценува тестовите на учениците пред летниот распуст. Наставничката по математика од Москва, Татјана Червенко се надева дека и во новата школска година ќе ја задржи работата. Но, тоа не е сигурно. Поради нејзините антивоени ставови не е на милост на раководството во училиштето. Во интервју за ДВ се жали: „Полека но сигурно ми вршат притисок, дури и за тривијални работи.“

Татјана Червенко покажува тетратка во која ученик има чкртано нешто на рабовите. Сосем безопасно. Наводно. „Не ни се загледав во тоа, но директорката ми замери бидејќи не сум си ја извршила својата должност. Сум требала да ги повикам родителите на детето во училиште. Само поради чкртаниците!“, вели наставничката.

Кога почна руската агресорска војна против Украина стотина луѓе излегоа на улица. Меѓу нив беше и Татјана Червенко. Иако протестите поминаа мирно таа била уапсена и морала да плати казна од околу 300 евра. Тогаш била повикана од директорката на разговор во четири очи да и зборува за нејзините политички ставови. „Знаеме за вашите активности“ и рекла директорката и додала „Тоа не е дозволено. Прашав:зошто?Тоа е мое слободно време. Рече да, но може да има приговори од родителите на учениците.“ Од тогаш раководството на училиштето будно ја следи, вели Татјана.

 „Само одете си!“

Приказната за Татјана Червенко не е изолиран случај. Владини претставници заплашуваат ширум Русија. Велат секој што е против војна е и против државата. И би морал доброволно да ја напушти работата. Закани за ректорите на универзитетите неодамна пристигнаа од Думата, долниот дом на рускиот парламент. Претседавачот Вјачеслав Володин се закани: „Се работи за безбедноста на нашата земја. За иднината на нашата земја. Затоа вие почитувани ректори треба да бидете свесни за вашата одговорност, со сета толеранција. Ако не, тогаш одете си. Станете и одете си“.

Повеќе: Казни за повиците за мир во Украина: Прогон на противниците на војната во Русија

Руското здружение на наставници „Сојуз на наставници“ стравува дека ваквите изјави од самиот врв ќе допрат до дното како повик за акција и дека наставниците, кои размислуваат критички, сега ќе бидат замолчени. Членката на здружението Светлана Лосовскаја од Улан-Уде во изјава за ДВ со критика: „Ова е погубно за Русија. За целото руско општество. Моментално доживуваме еден вид студена граѓанска војна во Русија. Општеството е поделено“. Но, Светлана Лосовскаја се надева дека ќе останат луѓе кои ќе ја зборуваат вистината до крај.

Руските гласови против војната во Украина

Но, во Русија ги има сè помалку. Се проценува дека повеќе од 100.000 руски експерти веќе ја напуштиле својата татковина поради страв од прогон поради критиките кон Кремљ. Новинари, истражувачи, ИТ експерти, уметници и актери бегаат во Грузија, балтичките земји, Турција или Германија.

Меѓу нив е и познатиот млад историчар и теолог Константин Михајлов. Тој веќе неколку недели живее во Виена и како истражувач сака да може слободно да зборува за својата работа, вели тој за ДВ.

„Има сè повеќе забрани, Владата сè повеќе се вклучува во историјата за која имаат многу малку познавања. Затоа претпочитам да зборувам од безбедна дистанца, дури и за безопасни работи, “ вели Михајлов. 

Ризични истражувања

Работите кои некогаш биле безопасни, денес не изгледаат толку безопасни за руските власти. Михајлов спроведува истражување поврзано со Руската православна црква, оти сака да се специјализира за родови прашања, вклучувајќи ја и хомосексуалноста. Ваквото истражување е ризично во модерна Русија, се жали Константин Михајлов. Моментално работи на книга за новите религиозни движења. Но, сè повеќе религиозни движења во Русија се прогласуваат за екстремни: „Се разбира, јас не сум член на овие движења, но би можел да бидам прогласен за екстремист затоа што ги истражувам.“ Официјално, во Русија сè уште нема цензура, признава Михајлов и додава: „Но постои самоцензура организирана од државата“.

Поради отворениот антивоен став, има и многу практични работи кои ги мотивираат особено младите Руси да бегаат од земјата. Како на пример ИТ експертот Роман Стич. Ова 23-годишно момче најмногу работи за клиенти во странство. Откако Русија беше исклучена од меѓународниот систем за трансфер на пари,СВИФТ како дел од западните санкции, тој едвај можеше да работи од Москва, вели Стич за ДВ.

„Вработувам 80 луѓе - и прво мислев на нив. Има и политички причини. Не сакам да плаќам даноци во милитаристичка Русија и не сакам повеќе да ме поврзуваат со таа земја, ниту сакам да имам нешто со таа земја во иднина“.

Но, со Грузија може. Роман Стич и го должи својот нов почеток на оваа земја. Таму си ја гледа и иднината. И иднината на илјадници други, како што вели „пристојни“ Руси – така ги нарекува сонародниците кои отворено се позиционираат против војната.

За разлика од Роман Стич, наставничката по математика Татјана Червенко не сака да ја напушти Русија. Неодамна и дошла расплакана ученичка која има роднини во Украина и не знае со кого може да разговара за тоа. Токму во вакви моменти таа е потребна како наставничка и педагог, вели Червенко. Во моментов е на летен распуст. Ако по него остане без работа правдата ќе ја бара на суд. Таа сака да се бори до крај.