Што ни е Гоце, што им е Делчев?
4 мај 2026
Апостолот на македонската револуционерна борба, идеолог и великан, Гоце Делчев кој животот го посветил на ослободување на Македонија, денес, на 123- годишнината од загинувањето во село Баница, повторно е меѓу своите, низ колективната и национална меморија за неговото дело.
Одбележувањето на денот на раѓањето и на загинувањето на Делчев, во Македонија отсекогаш имало и повеќе од емотивен карактер. Неговото име повеќе од еден век е синоним за гордост, одважност, смелост, а надворешните обиди неговото дело да се толкува, реинтерпретира или да се екстрахира неговото име од супстратот на македонската револуционерна борба, будат и отпор и гнев.
И други на пиедесталот
Гоце Делчев (4-ти февруари 1872, Кукуш - 4-ти мај 1903, Баница) е историската фигура за која заседанија на заедничката македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања (која почна со работа во мај 2018 година), завршуваа со изјави од бугарските членови: повторно не се договоривме за Гоце Делчев (чиј е), што создаваше нови бариери меѓу двете земји.
Како што во една прилика изјави македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, поранешен претседател на македонскиот тим во заедничката историска комисија - „не е основно прашање, ниту работа на Комисијата да го утврдува идентитетот на Гоце Делчев“.
Но, незадоволство не е помало ни кога ударот доаѓа однатре. За односот на Македонците кон делото на Гоце Делчев, доволно сведочи лавината жестоки критики што се слеаја кон Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, кој пред неколку дена без да биде прашан или со нешто предизвикан, во поткаст изјави дека „Делчев е мит, кој што ништо не напишал во животот и ниедна битка не изјавувал никаде“.
По бројните реакциите објасни дека не помислил да ја намалува вредноста, значењето и улогата на Гоце Делчев за македонската историја.
„Она за што говорев е повеќе за тоа што во нашата колективна меморија се запоставени Чупоски и Мисирков, и дека и тие исто така треба да се на пиедесталот, особено за развојот на македонскиот идентитет“, напиша тој, и се извини доколку нешто било поинаку разбрано.
Цвеќе во Благоевград
Денес, одбележување на 123- годишнината од загинувањето на Делчев има и во Македонија, и во Бугарија, но таму скромно. Во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски присуствува на панихида во црквата „Св. Спас“, а во свечената сала во Владата ќе се одржи трибина насловена „Темел на државноста - визија за иднината“. На трибината ќе учествуваат министрите за образование, за култура и за надворешни работи, Весна Јаневска, Зоран Љутков и Тимчо Муцунски, како и директорот на Националната универзитетска библиотека, Јовица Никчевски. Денеска напладне во Кристалната сала на Собранието, за особено значајни остварувања во областа на науката државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година ќе им биде доделена на проф. д-р Михајло Марковиќ и на проф. д-р Соња Новотни за делото „Континуитетот на Македонскиот јазик I“.
Во Бугарија, според прес-центарот на БТА, во Благоевград ќе има положување цвеќе пред споменикот на Делчев на плоштадот „Македонија". Други настани поврзани со 4-ти мај и Делчев не се наведени.
Што им значи Делчев на Бугарите?
Како одговор на ова прашање, честопати се спомнува кампањата на Бугарската национална телевизија спроведена пред две децении (од јуни 2006 до февруари 2007 година), за избор на сто „велики Бугари“, Целта била да се оцени и да се презентира перспективата на современите Бугари кон големината на заслужните личности во историска, културна, национална смсла... На прво место е Васил Левски, националниот хероj за осолободување на Бугарија нарекуван „Апостолот на слободата“, а Гоце Делчев е дури на 54-то место. За споредба, пејачот Азис е на 21-во место, а Слави Трифонов (во тој период шоумен) на 27-мо место. И двајцата се пред Никола Вапцаров (28-мо), пред Климент Охридски (51-во) и пред Гоце Делчев (54-то место). Тодор Александров завршил на дното на класификацијата, на 93-то место.
Одгoвор на преименувањето
Иако Делчев е во втората половина од класификацијата на „стоте најголеми“ во Бугарија, битката за него се чини дека се одвива по принципот акција - реакција. Кога некогашното Царево Село во Македонија во чест на Гоце Делчев во 1950 година е преименувано во Делчево, веднаш потоа во 1951 година бугарскиот град Неврокоп бил преименуван во Гоце Делчев. Нема информација дека денес таму ќе има некакво одбележување на 123- годишнината од загинувањето на Делчев.
Во Делчево денеска ќе биде положено цвеќе на споменикот на македонскиот револуционер, а ќе се одржи и историски час за неговиот лик и дело. Оваа општина, освен што го чува споменот на патронот, отворена е за соработка со пограничните општини од Бугарија. Пред неколку дена на бизнис форум ги презентираше новите можности за инвестиции што ги нуди, кој на едно место ги обедини бизнис-заедницата од Делчево и од пограничниот регион, инвеститори, општини од Бугарија и претставници од Македонско-бугарската стопанска комора.
„Ние сме природен партнер со општина Делчево. Силата на Благоевград се неговите два универзитета. Ние сме економија водена од знаење. За време на дискусијата, неколку пати слушнав „пограничен регион“, „преку граница“... Сакам сите заедно да посакаме двете земји да направат што е потребно оваа граница да исчезне што е можно поскоро", им се обратил на присутните градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев.
„Ако тешко оди со историјата, барем да ни тргне со економијата“, коментираат дел од читателите на информацијата.