1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаКосово

Ветеран на ОВК: „Судот е неправеден“

Вјоса Ќеркини
21 февруари 2026

Независноста на Косово беше неговиот доживотен сон, за кој се бореше како член на ОВК: Гезим Хаџимуса беше длабоко трогнат од судењето во Хаг против неговите поранешни водачи. Ова е неговата приказна.

https://p.dw.com/p/599D7
Членови на ОВК, вклучувајќи го и Гезим Хаџимуса 17.02.2025
Членови на ОВК, вклучувајќи го и Гезим Хаџимуса - приватни фотографииФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Ветеранот на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Гезим Хаџимуса, вели дека судењето во Хаг е неправедно и дека обвинетите поранешни команданти само го бранеле својот народ. За него, процесот против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи е длабоко личен – бидејќи го доживува како судење на целото Косово и на неговата долга борба за незавиност. 

Хаџимуса (58) беше меѓу десетиците илјади граѓани што на 17 февруари ја преплавија Приштина, носејќи албански знамиња со црн орел и знамиња со амблемот на ОВК. По повод 18 години независност, толпата истовремено славеше и протестираше против судењето во Хаг.

„Убаво е да се види целиот народ на улица. Славиме, но и протестираме. Без нашите лидери, кои се во Хаг, нешто недостасува“, вели Хаџимуса.

Обвинителството бара по 45 години затвор за секој од четворицата поранешни водачи на ОВК.Специјалниот суд, формиран во 2015 под притисок на Европската унија, на Косово речиси се отфрла од сите како неправеден. За луѓето како Хаџимуса, тоа е судење на целото косовско движење за независност и на отпорот кон српската репресија.

„Овој суд е неправеден и не требаше ни да постои. Ние тогаш се браневме. Процесите против Рамуш Харадинај, Фатмир Љимај и други веќе ги водеше Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, и тие беа ослободени. Сепак, нашите лидери се притворени без нови докази“, додава тој.

Прослава на независноста на Косово и протест против судењето во Хаг, Приштина, 17.02.2026 година
Приштина, 17.02.2026 година - прослава на независноста на Косово и протест против судењето во ХагФотографија: Armend Nimani/AFP/Getty Images

Затвор во осумдесеттите и долг пат до отпорот

Приказната на Хаџимуса почнува уште во 1987 година, додека служел задолжителен воен рок во СФР Југославија. По само неколку месеци бил уапсен, бидејќи со други војници Албанци коментирале дека не сакаат да се борат против својот народ. „Само зборувавме. Ништо не направивме“, вели тој. Бил осуден на пет години затвор, од кои три поминал во затворот во Фоча, Босна и Херцеговина.

Политичката ситуација се влошувала; притисокот, пропагандата и недовербата растеле. „Не нарекоа терористи уште пред да постои ОВК“, се сеќава тој.

По студиите по машинство, се приклучил на Косовскиот совет за човекови права, поминал една година како бегалец во Германија и потоа се вратил на Косово, во време кога режимот на Слободан Милошевиќ го маргинализирал албанското население.

Воена парада по повод Денот на независноста, 17.02.2026 година.
Во Приштина се одржа воена парада по повод Денот на независноста, 17.02.2026 година.Фотографија: Florion Goga/REUTERS

Одлуката да ѝ се приклучи на ОВК

Во март 1998 година, слушнал што се случило во Доње Преказе – родното место на Адем Јашари. Во нападот на српските специјални единици биле убиени Јашари и неговото семејство - вкупно 58 луѓе, меѓу кои жени и деца. Тој момент, кој го промени текот на косовската историја и меѓународното јавно мислење, бил пресвртница и за Хаџимуса.

„Плачев. По тоа, немаше друг избор“, вели тој.

Станал еден од првите борци на ОВК во регионот Неродимље, вооружен само со стар калашников, 90 куршуми и две рачни гранати. На почетокот биле 35 – меѓу нив пет жени – а сите доброволци, многумина едвај над 20 години. Подоцна бројот им пораснал на речиси илјада.

„Имавме малку храна, малку муниција. Се боревме против југословенската војска што војуваше против целото население“, додава.

Куќата на Адем Јашари во Доњи Преказ сега е меморијален центар, 27 јули 2021
Куќата на Адем Јашари во Доњи Преказ сега е меморијален центар, а тој постхумно е одликуван како херој. Фотографија: Mahmut S. Alakus/AA/picture alliance

Крајот на војната и новиот почеток

Во март 1999 година НАТО започна воздушни напади врз Југославија, по што, по речиси три месеци, ЈНА и српската полиција се повлекоа од Косово. Хаџимуса го памети денот кога, на импровизирана бина во Урошевац, пред КФОР и локалното население, почувствувал дека сите ризици биле оправдани.

По демобилизацијата во септември 1999 година, работел во безбедносните институции на косовската влада и бил член на градскиот совет во Урошевац.

Неговиот животен сон се оствари на 17 февруари 2008 година со прогласувањето на независноста. „Владееше голема еуфорија. Слободата беше нашиот идеал. Верувавме дека ова е почеток на нешто ново“, вели тој.

Но, државата почнала од нула – со слаба администрација, економски предизвици, непотизам, висока невработеност и масовно иселување. Иако Косово го признале повеќе од сто држави, пет членки на ЕУ и Србија не се меѓу нив. Хаџимуса смета дека политиката на ЕУ во дијалогот со Србија е често наклонета кон Белград.

„Тешко е, но сме слободни“, вели тој.

Гезим Хаџимуша покажува слика од Урошевац во 1999 година, на која се слави крајот на војната 17.02.2025.
Гезим Хаџимуса покажува слика од Урошевац во 1999 година, на која се слави крајот на војнатаФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Мирен живот во Догановиќ – и лекови за притисок

Денес Хаџимуса живее во селото Догановиќ, општина Качаник – во куќа опкружена со овошки и полиња. Со сопругата Вјолца, ќерките Зана и Греса, сопругот на ќерката и внукот, води тивок семеен живот.

Но, на 9 февруари 2026 година, кога обвинителството во Хаг побара вкупно 180 години затвор за поранешните команданти на ОВК, доживеал шок. „Од тој ден пијам лекови за притисок“, признава Хаџимуса.

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот