1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

За храброста да се каже „Не“ – Матијас Брант

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
18 мај 2026

Матијас Брант смета дека дошол моментот кога човек или ќе падне во резигнација или ќе се обиде самиот да придонесе за спречување на подемот на авторитарните сили во Германија. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/5DuTD
100 години Вили Брант: Со неговиот син Матијас Брант, 1963
Матијас Брант како мало дете трча кон својот татко Вили Брант, тогашен градоначалник на Берлин (18.12.1963 година)Фотографија: picture alliance/Zettler

„Според моето чувство, заглавени сме во еден вид парализираност, затоа што немаме искуство како да се однесуваме кон вакви политички сили.“ Ова го напиша Матијас Брант, синот на канцеларот Вили Брант. Кога зборува за политичките сили на кои треба јасно да им се каже „Не“, тој мисли на партијата АфД и на нивната авторитарна реторика.

Тој е еден од најтивките и најповлечените од јавноста меѓу германските уметници. Во моментот е еден од најпознатите германски театарски, филмски и телевизиски актери. Неговата скромност и критичност кон помпата и славата за многумина е неразбирлива, затоа што како најмлад син на најомилениот и најхаризматичен германски канцелар, Вили Брант, тој пораснал на политичката сцена во поранешниот германски главен град на Рајна – Бон. За бонското време тој пишува на многу суптилен начин, низ погледот на малечко дете, во збирката раскази „Вселенска патрола“ („Raumpatrouille", Kiepenheuer & Witsch, Келн, 2018).

Во март оваа година, кај истата издавачка куќа во Келн, излезе неговата најнова книга: „Да се каже НЕ. За 20 Јули 1944, за моите родители и за личната одговорност денес“ („Nein sagen. Über den 20. Juli 1944, meine Eltern und persönliche Verantwortung heute"). Датумот 20 јули 1944 за Германците е симбол на отпорот против Хитлер од страна на мала група офицери во германскиот Вермахт, обединети околу офицерот и благородник Клаус фон Штауфенберг (Claus Schenk Graf von Stauffenberg). Тие извршиле неуспешен атентат врз Хитлер во неговата главна резиденција во Источна Прусија. Бомбата експлодирала, но Хитлер бил само лесно повреден. Истата вечер биле ликвидирани сите учесници во атентатот.

Секоја година, на 20 јули, се одржува комеморација во спомен-куќата во Плецензе во Берлин (Plötzensee). Спомен-куќата, всушност, е малата градба во која нацистите ликвидирале со бесење или со отсекување на главата околу три илјади луѓе кои се обиделе да пружат отпор на Хитлеровата диктатура.

Зошто Матијас Брант долго избегнувал политички ангажман

Минатата година Матијас Брант бил замолен од Елизабет Руге (Elisabeth Ruge), неговата соседка и внука на еден од учесниците во атентатот, да го одржи свечениот говор на комеморацијата. Таа била член на претседателството на фондацијата „20 Јули 1944“, но не инсистирала тој по секоја цена да биде говорник, туку само го замолила да размисли.

Брант во книгата ја опишува својата првична дилема. Се сомневал дали тој е, воопшто, вистинската личност за таков говор. „Да зборува во спомен на луѓето кои биле доволно храбри да кажат ‘Не’, кога да се каже ‘Не’ било опасно по живот“, пишува Брант.

Тој самиот, иако е син на прочуен политичар, никогаш не сакал гласно да се пројавува во политичкиот живот. Затоа, иако имал јасна политичка самосвест, кога бил замолен да говори во политички контекст, тоа секогаш било поврзувано само со неговиот татко. Колку и да стоел настрана од политиката, сепак сфатил дека задачата што му била понудена е поврзана со одговорноста – во едно тешко време да се даде личен придонес.

Рут и Вили Брант како симбол на отпорот и нова Германија

Иако сè уште најрадо би останал настрана, следејќи ја политиката со интерес, но молчејќи, како што правел долго време, му станало јасно дека реалноста повеќе не дозволува такво молчаливо набљудување. Молбата да одржи говор во спомен на атентаторите на Хитлер го разбудила во него чувството на верност кон споменот на неговите родители – Рут и Вили Брант.

Татко му, како млад социјалдемократ, ја напуштил Германија по доаѓањето на Хитлер на власт и заминал во егзил во скандинавските земји. Таму ја запознал Норвежанката Рут, со која заедно работеле во движењето на отпорот. По војната заедно се вратиле во Сојузна Република Германија.

Нивниот син пишува дека колку повеќе минувале годините, толку посилно му се враќале спомените за родителите и нивната борба против режимот на Хитлер. Иако многу добро ја знаел нивната приказна, сепак верувал дека таа не го определува неговиот идентитет. Кога ја прифатил понудата да зборува на 20 јули, сфатил дека тоа сака да го направи и за да им се приближи уште повеќе на своите родители.

„Да се каже НЕ“ како граѓанска и морална одговорност денес

„Мојата генерација“, пишува Брант, „имаше среќа долго време да расте во мир.“ Тоа му го дозволило луксузот да стои настрана од политиката, но сега дошол моментот кога човек или ќе падне во резигнација или ќе се обиде самиот да придонесе за спречување на подемот на авторитарните сили во Германија.

Да се каже „Не“ значи ангажман за зачувување на основните принципи и вредности на демократијата – граѓанските вредности. Вредностите според кои сите германски граѓани се еднакви, независно од етничкото потекло.

„Како може, како смее да се зборува на едно вакво место, кое бара само молк?“ Со овој парадокс Брант го започнал својот говор. Петнаесетте минути го направиле свесен дека има уште многу нешта што сака да ги каже за таа тема и во тој контекст. Тоа го мотивирало да ја напише книгата.

Немоста пред незамисливата храброст на германските офицери, кои иако како членови на Вермахтот положиле заклетва дека ќе му служат на Хитлер, како луѓе и граѓани не можеле да го прифатат стравотниот нацистички терор, кај Матијас Брант разбудила емпатија кон овие храбри луѓе, но и му помогнала подобро да ја разбере големата храброст на неговите родители.

Варшавското гето и историскиот чин на Вили Брант

Во едно интервју вели дека неговата мајка во Норвешка ги познавала Германците само како окупаторска војска, но кога дошла во Германија, ги прифатила со многу отвореност и човечко разбирање. Еднаш му објаснила на сина си како успеала да ја надмине скепсата кон Германците – со помош на вербата на неговиот татко во нова Германија.

Да знае дека неговите родители не сноселе одговорност за „срамот на нацистичка Германија“ била најголемата среќа што можеле да му ја подарат, пишува Матијас Брант.

Тој отсекогаш се восхитувал на храброста на татко му. Дека во Германија имало луѓе што го мразеле и го доживувале како предавник, особено кога Вили Брант како канцелар во седумдесеттите ги потпишал договорите за добрососедство и пријателство со Советскиот Сојуз, Полска, ГДР и Чехословачка – и кога клекнал пред споменикот во Варшавското гето – Матијас Брант сознал уште како дете.

Сепак, мајка му имала дарба да направи тешкотиите да изгледаат полесни. Од неа научил дека „отпорот не означува само борба, туку и способност да се сочува сопствената надеж.“

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.