1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканци го критикуваат Трамп за повлекувањето војници

ЖА /ДВ
4 мај 2026

Откако Доналд Трамп најави драстично намалување на американските трупи во Германија, над планираните 5.000, врвни републиканци предупредија дека тоа испраќа „погрешен сигнал“ до рускиот претседател Владимир Путин.

https://p.dw.com/p/5DD2i
Американски војник на тенк во американската воена база Графенвер, фотографија од 2022 година
Американскиот претседател се закани дека ќе го намали бројот на војници во Германија Фотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/IMAGO

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира значително да го намали бројот на американски војници стационирани во Германија, „многу повеќе“ од веќе најавеното  повлекување на околу 5.000 припадници на американската армија.

„Ќе го намалиме бројот драстично и ќе одиме многу подалеку од 5.000“, изјави Трамп пред новинарите во Флорида во саботата (2.04), еден ден откако Пентагон официјално нареди делумно повлекување на силите.

Портпарол на американското Министерство за одбрана соопшти дека повлекувањето ќе биде спроведено во период од шест до дванаесет месеци. Како дел од истата одлука, укинат е и план од ерата на Бајден за распоредување американски баталјон со крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел на германска територија.

Одлуката беше објавена по јавна расправија меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц  и Доналд Трамп претходно минатата недела. Мерц ја доведе во прашање  стратегијата на Вашингтон во војната против Иран и изјави дека Техеран ги „понижува“  Соединетите Американски Држави на преговарачката маса, што предизвика  остра реакција од Трамп.

Во моментов, во Германија се стационирани повеќе од 50.000 американски војници.

Републиканците предупредуваат: „Погрешен сигнал до Путин“

Во САД, Демократите веднаш ја критикуваа планираната одлука за повлекување. Но, загриженост изразија и високи републикански функционери.

Сенаторот Роџер Викер и конгресменот Мајк Роџерс, претседатели на Комитетите за вооружени сили во Сенатот и Претставничкиот дом, соопштија дека се „многу загрижени“ поради одлуката.

Во заедничка изјава тие оценија дека потегот „ризикува да ја поткопа одвраќачката моќ и да испрати погрешен сигнал до рускиот претседател Владимир Путин“. Тие додадоа дека сите значајни промени во  американското воено присуство во Европа  мора да бидат разгледани и координирани со Конгресот.

„Очекуваме Министерството за одбрана во наредните денови и недели активно да соработува со надзорните комитети за оваа одлука и нејзините последици врз американската одбрана и трансатлантската безбедност“, се наведува во соопштението.

Републиканските конгресмени потсетија и дека Германија ги исполнила повиците на Трамп за зголемување на трошоците за одбрана и им овозможила на американските сили пристап до своите бази и воздушен простор во тековната војна со Иран.

Како реагира Германија?

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во саботата изјави дека делумното повлекување било очекувано и дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

Тој додаде дека „Германија е на вистинскиот пат“, со оглед на напорите за проширување на вооружените сили, забрзување на воените набавки и изградба на дополнителна инфраструктура.

Американското воено присуство во Германија започна како окупациска сила по Втората светска војна, а го достигна својот врв во 1960-тите години, кога за време на Студената војна таму беа стационирани десетици илјади американски војници.

Според најновите официјални американски податоци, во Европа има околу 86.000 американски војници. Само во Германија се распоредени повеќе од 36.000 активни припадници на армијата, како и над 11.000 припадници на Националната гарда, резервниот состав и цивилен персонал, според Центарот за податоци за одбранбената работна сила на САД.

Иако повлекувањето на 5.000 војници веројатно нема значително да ја намали борбената моќ, „во однос на пораката за американската посветеност, разликата е многу голема“, изјави американски одбранбен функционер за агенцијата Асошиетед прес.

Долгорочни последици од повлекувањето

Трамп со години најавува можност за намалување на американските трупи во Германија, но засега не е јасно кои бази или операции ќе бидат директно погодени од оваа одлука.

Со децении, десетици големи американски воени бази во Европа играат клучна улога во глобалните операции на САД. Германија е домаќин на повеќе стратешки објекти, вклучително и Европската команда на САД во Штутгарт, медицинскиот центар во Ландштул и воздухопловната база Рамштајн. Во земјата се стационирани и американски нуклеарни ракети.

„Американските трупи во Германија треба да служат како одвраќачка сила од надворешни закани, како што е Русија. Проблемот со повлекувањето е што германската влада не може брзо да го пополни овој вакуум, дури и ако вложи финансиски средства“, изјави Марина Мирон, воен аналитичар на Кралскиот колеџ во Лондон, за ДВ.

Според неа, на долг рок ова може да ѝ даде можност на Германија да преземе посилна улога во рамките на НАТО, но истовремено создава голем и итен безбедносен јаз.

Суда Дејвид-Вилп, потпретседателка за надворешни односи и висок соработник во Германскиот Маршалов фонд на САД во Берлин, за ДВ изјави дека американското присуство во Европа е важно и за самите САД.

„Не ѝ помага на соработката да се создаваат тензии токму во момент кога  Германија покажува подготвеност да биде доверлив и способен партнер на САД, не само во однос на Блискиот Исток, туку и предизвиците во Индо-Пацификот“, оцени таа.