1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема туристички визи за Руси додека трае војната во Украина

Миодраг Шориќ
Миодраг Шориќ
16 август 2022

Земјите од ЕУ и по ова прашање го прават тоа што најдобро го умеат: делуваат нехомогено. Мора да се повлече јасна линија, но може да постојат исклучоци, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/4FYH8
Гостите од Русија досега беа радо видени гости во шопинг-центрите и бутиците во западна Европа
Гостите од Русија досега беа радо видени гости во шопинг-центрите и бутиците во западна ЕвропаФотографија: Matej Kastelic/Panther Media/picture alliance

Дебатата дури сега започнува: може ли руски туристи да си одмараат во Шпанија или Франција додека армијата на Москва во Украина убива илјадници жени и деца? Во никој случај, сметаат сѐ повеќе луѓе во ЕУ.

И де факто земјите од Шенген-просторот би требало да не им издаваат веќе визи на Русите, барем додека Москва ја држи Украина под окупација. Русите досега ја поддржуваат оваа војна, или барем се прават како да немаат никаква врска со вооружениот напад. Ним треба да им се стави до знаење дека во Европа се непожелни. За многу жители на Москва може да е нормално да уживаат во животот во кафулиња и ресторани, додека нивните сограѓани пролеваат нечија крв. Во цивилизиран свет тоа не е нормално.

Да се прифати и неправда

Секако дека паушалната забрана на визи за сите руски државјани, барем во некои делови, е неправедна. Ќе бидат погодени и недолжни: луѓе кои не ја поддржуваат војната, но немаат храброст да протестираат против неа. Такви „колатерални штети” тешко може да бидат спречени, исто како и околноста дека некои Руси дури тогаш уште посилно ќе се свртат кон Кремљ.

Миодраг Шориќ
Миодраг Шориќ

И нека го сторат тоа. Но, одмор на плажите на Азурниот брег или шопинг викенд на Шанзелизе за нив веќе не смее да има. Ќе останат со непријатно чувство како да се „на обвинителна клупа”, а токму тоа и е намерата. Русите за време на војна не може да бидат третирани како секој нормален народ, исто како и Германците во периодот од 1939 до 1945 година, како и годините потоа.

Покрај тоа, во прилог на укинување на туристичките визи за Русите зборуваат и безбедносни аспекти. Па, така, Русинот Вадим Красиков патуваше токму со туристичка виза до Берлин за таму ладнокрвно да застрела еден барател на азил од Грузија, веројатно по налог на руската служба. Тоа, според оценки на германски политичари кои се занимаваат со надворешна политика, ја прави Русија „терористичка држава”. Европа треба да биде заштитена од една таква држава.

Хомогени правила од сите Шенген-членки

Сепак, одредени лица од Русија и натаму треба да имаат можност да стапнат на европско тло. Германија и Европа имаат демографски проблем. Огромен број компании со години бараат стручна работна сила. Изминатите години милиони Руси, пред сѐ млади образовани лица, се преселија во Европа и тој тренд и натаму треба да се поддржува. Руски студенти и научници кои сакаат на запад да се доквалификуваат, треба да имаат можност да дојдат, а истото важи и за опозиционерите. Во ограничена рамка мора да бидат можни и посети на роднини.

Клучно е владите на ситеШенген-земји да се договорат за уедначени правила, како и за тоа ваквите санкции да бидат укинати кога ќе се постигне траен мир во Украина. Со месеци мнозинството Германци поддржуваат испорака на тешка артилерија за Украина. Едно малцинство е против, пред сѐ со посочување на германската историја како аргумент. Токму тие би ја поздравиле одлуката да не им се издаваат туристички визи на руски државјани. Таквата форма на санкции постигнува брзи ефекти, а не чини човечки животи.

Прекинот на издавање туристички визи не може да го игнорираат ниту провладините медиуми во Русија. На почеток веројатно ќе го третираат со подбив, можеби и со прашањето дали не треба и други западни земји да го следат примерот. Подоцна ќе почнат да ги наведуваат предностите од тоа Русите  да останат во своите граници, како и порано за време на Советскиот сојуз. И дека со тоа кафулињата и рестораните во Москва ќе добијат сосем нов сјај.

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Фатмир Бесими, министер за финансии

Бесими: Борбата со сивата економија ќе биде бескомпромисна

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница