1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп изгуби: Државјанството по раѓање останува

Метју Форд
1 јули 2026

Врховниот суд на САД ја блокираше иницијативата на Трамп за укинување на државјанство по раѓање, оставајќи го американскиот закон непроменет. Зошто прашањето беше толку важно за Доналд Трамп?

https://p.dw.com/p/5GM7V
Плакат на кој пишува „право на раѓање, државјанство е право“ на протестот во април 2026, САД
Одлуката за правото на државјанство по раѓање се сметаше за една од најзначајните одлуки во мандатот на Врховниот судФотографија: Kent Nishimura/AFP

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави ја блокираше иницијативата на Доналд Трамп за укинување на автоматското државјанство по раѓање, со што американското законодавство останува непроменето. Но, зошто ова прашање беше толку значајно за поранешниот претседател и што всушност значи неговиот пораз?

Еден од првите потези во вториот мандат на  Доналд Трамп  беше обидот да се редефинира 14-тиот амандман од Уставот на САД.  Во серија извршни наредби, тој повика на  укинување на концептот на државјанство по раѓање,кој постои од 1868 година.

Сепак, неговото барање беше одбиено, откако Врховниот суд пресуди против Владата. Американската унија за граѓански слободи (АКЛУ) ја оцени одлуката како „една од најјасните изјави за тоа кои сме како држава“, додавајќи дека „без разлика кои се вашите родители, ако сте родени тука – вие припаѓате тука“.

Трамп ја нарече постојната политика „срам“, а неговиот потпретседател Џ. Д. Венс претходно ја опиша како „најглупава имиграциска политика во светот“.

Каков е постојниот закон?

14-тиот амандман предвидува дека „сите лица родени или натурализирани во САД, кои подлежат на нивна надлежност, се државјани на САД и на државата во која живеат“.

Ова долги години се толкува дека сите деца родени на американска територија автоматски добиваат државјанство, без оглед на статусот на нивните родители. Исклучоци постојат, на пример, за деца на странски дипломати или на окупациски сили.

Колку луѓе би биле погодени?

Институтот за миграциска политика проценува дека годишно околу 255.000 деца во САД се раѓаат од родители кои не се државјани на земјата.

Промените не би биле ретроактивни, што значи дека лицата кои веќе стекнале државјанство по раѓање не би биле засегнати. Според податоците на Пју Рисрч Центар, помеѓу 2006 и 2023 година тоа се однесува на околу 4,4 милиони Американци.

Интересно, многу истакнати личности од најблискиот круг на Трамп стекнале државјанство по оваа основа, иако нивните родители тогаш не биле државјани – меѓу нив државниот секретар Марко Рубио, директорот на ФБИ - Кеш Пател и сопругата на потпретседателот - Уша Венс.

Какви последици ќе имаше промената?

Иако судот пресуди дека нема да има измени, предложените реформи на администрацијата на Трамп значително би го промениле начинот на доделување државјанство.

Според предлогот, при раѓање на дете ќе се утврдува статусот на родителите за да се оцени дали детето има право на државјанство и на со него поврзаните документи. Самиот извод од матичната книга на родени повеќе не би бил доволен за добивање пасош или матичен број.

Статусот на државјанство на детето би зависел и од државата на потекло на родителите. Во некои случаи, особено ако земјата на потекло не доделува автоматско државјанство на деца родени во странство, детето би можело да остане без државјанство.

Професорката Ким Лејн Шепеле од Принстон предупредува дека отворањето на ова прашање веќе го прави државјанството поранливо: „САД нема лесно достапен начин за докажување државјанство, бидејќи најголемиот дел од граѓаните се потпираат на правото стекнато по раѓање“.

Маж држи транспарент и американско знаме пред Врховниот суд на САД
Демонстрантите се собраа пред Врховниот суд за време на усните расправи во априлФотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance

Таа додава дека евентуалните нови проверки би создале административен хаос, бидејќи родителите немаат секогаш документ веднаш по раѓање за да го докажат својот статус.

Како е во другите земји?

Трамп често тврди дека САД се единствената држава со ваква пракса, што не е точно. Според Пју Рисрч Центар, уште 32 држави, најчесто во Северна и Латинска Америка,  нудат државјанство по раѓање.

Во Европа и други региони, системите се посложени. Држави како Франција и Грција го признаваат правото ако родителите се родени таму, додека Германија, Австралија и Велика Британија го доделуваат на деца на легални жители со престој. Некои земји, како Израел и Либерија, имаат построги критериуми.

Политички последици за Трамп

Трамп претходно го опиша правото на државјанство по раѓање како „магнет за нелегална имиграција“ што според него им овозможува на  странските државјани неправедно да пристапат до американските бенефиции. Неговиот неуспех да ја помине една од неговите водечки политики за имиграција преку судовите несомнено ќе предизвика вознемиреност.

Способноста да се наметнат строги политики за имиграција како оваа е клучна за исполнување на неговите ветувања. Трамп многу се посвети на масовно депортирање на „нелегални странци“, ограничување на пристигнувањата на бегалци и успехот на неговата  Агенција за имиграција и царинска контрола (ИЦЕ).

Иако неуспехот ќе биде фрустрирачки  за него и неговата администрација, малку е веројатно дека ќе го одврати од овој дел од стратегијата „Америка на прво место“ што го дефинира. Но, иако победата можеше да отвори врата за уште поекстремна политика за оние кои веќе се граѓани, одлуката од вторникот (30.06) треба да ги ублажи тие загрижености, барем засега.