1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Шпагата на Џо Бајден помеѓу Израел и Саудиска Арабија

Тања Кремер
13 јули 2022

Ерусалим, Витлеем и Ријад: при четиридневната посета на регионот и потрагата по нови сојузи, на Џо Бајден ќе му биде потребна голема дипломатска умешност.

https://p.dw.com/p/4E3SJ
USA Mexiko Präsident Joe Biden und Andrés Manuel López Obrador Treffen
Фотографија: Susan Walsh/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден денеска (13.07) во Израел се среќава со Жаир Лапид, од неодамна премиер на чело на привремена влада, по оставката на Нафтали Бенет, чија коалиција се распадна.

Бајден турнејата ја започнува во Израел, а по краток престој на Западниот брег, лета во Саудиска Арабија. Бајден последен пат официјално беше во Израел во 2016 година, како вицепретседател на Барак Обама. Оттогаш регионот претрпе промени: Израел, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко, уште за време на владата на Доналд Трамп, потпишаа договор за нормализација на дипломатските односи.

Израел и САД се блиски сојузници, но сепак, како што истакнуваат набљудувачи, постои загриженост дека се намалени инвестициите на САД  во нивните стратешки интереси на Блискиот Исток.

„Иран како пресвртна точка“

„САД не можат да си дозволат повлекување од регионот, но кај темата Иран стигнуваме до пресвртна точка“, вели Ксенија Светлова, политички аналитичар и поранешен пратеник во Кнесетот.

Американските сојузници во регионот, додава таа, имаат потреба од „силна и  самоуверена Америка, која нема да дозволи настанување вакуум кој би го пополниле други сили.“

Во заднина е и загриженоста поради нуклеарните амбиции на Иран, а важноста и централната улога на темата ја истакна и новиот преоден премиер Жаир Лапид пред посетата на Бајден.

„Зошто патувам во Саудиска Арабија“

Посебно внмание во Израел доби планираната посета на Бајден во Саудиска Арабија. Дел од населението се надева на приближување меѓу двете земји. Досега Ријад опстојуваше на ставот дека нормализација на дипломатските односи со Израел е можна само по формирањето суверена палестинска држава. Бајден пред патувањето на Блиски Исток во „Вашингтон пост“ објави коментар под наслов: „Зошто патувам во Саудиска Арабија“, во кој директниот лет од Израел во Ријад го нарече „мал симбол за проникнувачките односи и чекорите кон нормализирање на односите меѓу Израел и арапскиот свет, на чие продлабочување и проширување работи мојата влада“. 

Посетата на Бајден на Саудиска Арабија е и знак за спорен пресврт во политиката на американскиот претседател. Уште за време на својата изборна кампања, Бајден инсистираше Ријад, поради кршењата на човековите права, да се третира како „париј“, укажувајќи на  убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги  во 2018 година.

Американскиот претседател на 15 и 16 јули ќе учествува на самитот на Советот за соработка на државите од Заливот што се одржува во Џеда. Во фокусот ќе бидат заедничките цели во областа на енергијата и обезбедувањето храна, поврзани и со војната во Украина.

Israel vor dem Biden Besuch
Плаката во Израел пред посетата на Џо Бајден: Добредојдовте претседателе во двете најсакани земји Фотографија: Jack Guez/AFP

„Златна ера“

Меѓутоа, изгледите за јавно нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел се чинат преуранети. „Добрата вест е што Саудиска Арабија со својата клучна улога во Блискиот Исток, за разлика од порано, сега не води непријателска политика кон Израел“, вели генерал-мајорот Амос Гилеад, директор на Институтот за политика и стратегија во градот Херцлија.

Според негови информации, постоат веќе мноштво неформални контакти меѓу Израел и Саудиска Арабија. „Во целина, живееме во златна ера меѓу нас и арапските земји“, истакнува Гилеад.

Настрана од тоа, интензивирана е и безбедносната соработка меѓу Израел и САД. Откако Пентагон во 2021 година го премести Израел од „Американско европската централна команда“ во „Централната команда“ (CENTCOM), овозможена е соработка на израелската војска со другите арапски земји, иако некои од нив уште не го признаваат Израел официјално. 

„Една од целите на посетата на Бајден е засилување на неофицијалниот сојуз против закани, во кои спаѓа и Иран“, подвлекува Гилеад.

Средба во Витлеем

Пред заминувањето за Саудиска Арабија, американскиот претседател кратко ќе посети и една палестинска болница во Источен Ерусалим, а во петок во Витлеем ќе се сретне и со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. 

Жителите на Витлеем посетата на Бајден ја пресретнуваат со помешани чувства, зашто изгледите за сопствена независна држава и  крај на израелската окупација  сѐ повеќе се губат.

„Ситуацијата се влошува, назадуваме. А на палестинскиот народ неодложно му е потребна позитивна перспектива. Светот не ни обрнува никакво внимание, никој не нѐ гледа“, смета Симон Ришмави, 20-годишен палестински студент.

Слично е мислењето и на неговата колешка Мирал Асаф. Таа се надева дека „Бајден ќе ја согледа реалноста на терен. Во медиумите многу нешта кои се случуваат овде, се погрешно прикажани.“

Палестинците и американската влада се трудат за поправање на  разнишаните односи од времето на Трамп.  Поранешниот американски претседател ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а го затвори палестинскиот конзулат во Ерусалим, преломен момент во децениски долгата американска надворешна политика.

Од Бајден ветеното повторно отворање на конзулатот за палестинските претставници останува една од најважните политички теми, Израел е категорично против.

Уште претходно, Вашингтон упати повик до Израел за прекин на изградбата на доселенички населби и работа кон создавање решение со постоење две држави. Но, не се гледа  некакво израелско палестинско приближување.

Во „Вашингтон пост“ Бајден изјави: „Во соработка со Конгресот, мојата влада ја зголеми поддршката за Палестинците за околу 500 милиони долари. Истовремено, одобрен е досега најголемиот финансиски пакет за помош на Израел – преку четири милијарди долари.“