1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Како се регрутираат агентите на ИЦЕ и кои се тие?

16 јануари 2026

Во вториот претседателски мандат на Доналд Трамп има голем пораст на бројот на агенти на Службата за имиграција и царини (ИЦЕ). Но, кои се овие луѓе и каде ги регрутира владата?

https://p.dw.com/p/56t5P
САД Минеаполис 2026 | Службениците за имиграција кршат врата
Федерални службеници за имиграција се подготвуваат да влезат во дом за да извршат апсење откако еден полицаец ја скршил врататаФотографија: John Locher/AP Photo/picture alliance

Агентите на Службата за имиграција и царини (ИЦЕ) на САД, некогаш релативно незначајна гранка на властите за спроведување на законот, сега станаа клучна компонента во иницијативата на Доналд Трамп за масовна депортација.

Откако Трамп ја презеде функцијата пред една година, бројот на агенти на оваа служба скокна од 10 илјади на 22 илјади лица, благодарение на кампањата за регрутирање од Министерството за внатрешна безбедност, спроведена со цел да се идентификуваат „квалификувани патриотски Американци од цела земја“.

Во периодот меѓу 20 јануари и 10 декември 2025 година, администрацијата на Трамп депортираше 605 илјади лица, а 1,9 милиони имигранти „доброволно заминале“.

Вакво значително зголемување на бројот на агенти е невообичаено и без преседан во историјата на ИЦЕ, служба формирана во 2002 година. Тоа отвора прашања за процесот на проверка на кандидатите, чиј број, според Министерството, минатата година бил 220.000 лица.

Намалено времето за обука, зголемен бројот на агенти

Времетраењето на обуката е намалено од 16 на 8 недели. Условот да се учи шпански во помал обем, јазикот на повеќето неовластени имигранти во земјата, исто така е укинат. Од ИЦЕ не одговараат на серија прашања од ДВ за постапката на регрутирање.

Загриженоста во врска со обуката на агентите и перципираната политизација на службата се зголемени по смртта на Рене Никол Гуд, што предизвика протести низ целата земја и доведе до оставка на десетина федерални обвинители во сојузната држава Минесота.

САД Минеаполис 2026 | Демонстранти на марш за Рене Гуд
Демонстрации во Минеаполис по смртта на Рене Никол ГудФотографија: Christopher Katsarov/The Canadian Press/ZUMA/picture alliance

„ИЦЕ бара кандидати кои исполнуваат специфични услови за подобност и соодветност, како државјанство, стандарди за физичка подготвеност, истраги на потеклото и за некои позиции и постоечка обука или искуство во спроведување на законот“, вели за ДВ Мелиса Хамилтон, американска адвокатка и поранешна полицајка и затворска службеничка.

„Истовремено, неодамнешните сојузни иницијативи за регрутирање го нагласуваат обемот покрај квалитетот, со значително финансирање насочено кон пополнување на десетици илјади отворени места и нудење стимулации за привлекување на големи групи кандидати во краток рок“, додава таа.

Акцијата за регрутирање го опфаќа Чичко Сем

Хамилтон, која моментално е професор по право и кривично право на Универзитетот Сари во Англија, вели дека елементи од стратегијата за регрутирање на ИЦЕ, како посета на саеми за работа или објавување огласи на сојузни веб-страници за работа, се типични за спроведување на законот, но дека организацијата користи и невообичаени методи.

„Поновиот пристап на ИЦЕ се разликува во обемот и интензитетот на медиумското присуство, со рекламни кампањи со невообичаено висок буџет и адресирање на широката јавност насочена кон генерирање голем број апликации“, посочува таа.

САД Камарило 2025 | Рација на Службата за имиграција на САД
Откако Трамп ја презеде функцијата пред една година, бројот на агенти на ИЦЕ скокна од 10 илјади на 22 илјади лицаФотографија: Michael Owen Baker/AP/dpa/picture alliance

Ваквото присуство во медиумите и на социјалните мрежи, кое користи алатки за регрутирање што се потпираат на клучните пораки на Трамп, се покажа како контроверзно. Тоа вклучува и прикажување на Чичко Сем, персонифициран симбол на американската влада најпознат по тоа како беше користен за регрутирање војници за време на Првата светска војна, а сега се појавува на веб-страницата за кариери на ИЦЕ, како и објавување на официјалните страници на социјалните медиуми на сликата „Американски напредок“ често критикувана поради тоа што прикажува бели доселеници на пат кон нивната „манифестна судбина“ (идеолошки концепт од 19 век кој значи дека Американците имаат „божја“ или историска мисија да се шират територијално и да го наметнат својот систем, вредности и начин на живот, н.з.), додека Индијанците се повлекуваат од видно поле.

Според документ од 30 страници во кој увид имал весникот „Вашингтон пост“, сметката за тоа што министерството го опиша како „регрутирање во воено време“ за 2026 година треба да изнесува 100 милиони долари (86 милиони евра). Темпото изгледа дека ќе продолжи, со оглед на тоа што „Големиот прекрасен закон“ на Трамп за ИЦЕ предвидува буџет од 170 милијарди долари во следните четири години за чување на границите и внатрешни работи.

Рекламите ја таргетираат базата на Трамп

Но, се чини дека не постерите или слоганите, туку најголемо влијание имаат „напорите за информирање на јавноста базирани на податоци“, како што ги нарекува Министерството.

Многу аналитичари сметаат дека ИЦЕ користи модерни методи да таргетира групи кои ја делат идеологијата на Трамп. Хамилтон укажува на праксата на гео-оградување, што во случајов значи дека веб-пребарувачите и објавите на социјалните мрежи може да бидат прецизно идентификувани и да им се прикажат реклами за регрутирање на секого во близина, на пример на воени бази, спортски настани или саеми за оружје и трговија.

САД Калифорнија 2025 | Политика за имиграција на САД | Протести против рација на ИЦЕ
Времетраењето на обуката на службениците на ИЦЕ е намалено од 16 на 8 неделиФотографија: BLAKE FAGAN/AFP/Getty Images

Во документот се наведува дека ИЦЕ се стреми и да го „преплави пазарот“ со реклами на социјалните медиуми и да користи инфлуенсери на страници како Рамбл, платформа за споделување видео клипови популарна кај политичката десница.

„Пораките за регрутирање на ИЦЕ, особено неодамнешните кампањи, се чини дека се дизајнирани да одекнуваат кај луѓе кои се подложни на патриотски и теми за национална безбедност. Исто така, се чини дека се дизајнирани да бидат привлечни за МАГА базата и имплицитната порака 'Америка на прво место' содржана во нив“, вели Хамилтон, нагласувајќи дека материјалите за регрутирање на ИЦЕ немаат директна спецификација за политички критериуми за кандидатите.

Бонуси за регистрација до 50 илјади долари и „опции за отплата и опции за простување на студентски кредит“ се исто така достапни за новите регрути. „Кампањата ги таргетира невработените и оние со работничко потекло“, наведува Хамилтон. „Веројатно не им се допаѓа на оние кои се заинтересирани за социјална правда“, додава таа.

Возрасната граница е укината, но регрутирањето е успешно?

Иако се чини дека ИЦЕ таргетира лица од одредена политичка и економска демографска припадност, од почетокот на годината ги укина и ограничувањата во однос на возраста на апликантите, со што е проширен кругот на потенцијални кандидати од кои може да се избира. Долната возрасна граница претходно беше 21 година, а горната од 37 до 40 години, во зависност од местото.

Министерството за национална безбедност инсистира дека нивните процеси на регрутирање обезбедуваат „ригорозни стандарди за обука и подготвеност“.

Иако со критики, акцијата за регрутирање функционирала, барем на некои нивоа, смета Хамилтон. „Успехот зависи од користените критериуми. Ако целта беше брзо да има значително зголемување на бројот на агенти, се чини дека е исполнета. Ако целта е да се привлече многу искусен персонал за спроведување на законот, оценката е мешана, при што се наведува и загриженост во врска со нивото на искуство на новите регрути во однос на сложените барања во врска со спроведувањето на имиграцијата“, вели Хамилтон.

Министерството не прави нужно такво разликување. „Со овие нови патриоти во тимот, ќе може да го постигнеме тоа што многумина го нарекуваат невозможно и да го исполниме ветувањето на претседателот Трамп - Америка да ја направи повторно безбедна“, напишаа фалбаџиски од Министерството минатиот месец.