Нафта за кеш? Тензиите меѓу Украина и Унгарија ескалираат
14 март 2026
Додека Унгарија влегува во последниот месец од предизборната кампања, тензиите меѓу неа и Украина како да достигнуваат нови пикови со секој ден. Владејачката партија Фидес во Унгарија анти-украинските пораки ги направи клучен столб на својата кампања, тврдејќи дека Украина би можела да се меша во изборите, па дури и да ја нападне Унгарија. Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ја поддржува Русија со сите средства што му се на располагање, освен со „напади со ракети или дронови“. Додека руските трансфери на нафта до Унгарија преку Украина се во прекин, Унгарија ја блокира многу потребната помош од ЕУ за својот сосед и Будимпешта уште повеќе го зголемува притисокот.
Унгарскиот потег: спроведување на законот или „бандитско“ однесување?
На 5 март унгарски специјални сили запреа две безбедносни комбиња во сопственост на украинската Ошадбанк, кои транспортираа готовина и злато од Виена до Украина преку Унгарија. Покрај тоа, привремено приведоа и седум украински државјани.
Унгарските власти велат дека дејствувале врз основа на сомневање за перење пари. Украинската банка и нејзиниот австриски бизнис партнер тврдат дека се работело за легален, редовен транспорт на готовина, што го натера украинскиот претседател Зеленски да ја обвини Унгарија за „бандитско“ постапување.
Милиони во кеш и злато
Уапсените Украинци во меѓувреме се ослободени и протерани од Унгарија. Иако комбињата беа вратени во Ошадбанк, нивниот скапоцен товар - готовина во вредност од околу 80 милиони долари (70 милиони евра) во банкноти од евра и долари и 9 килограми (20 фунти) злато - остануваат во рацете на унгарските власти и веројатно нема да бидат вратени во скоро време. Со владин декрет издаден на 9 март, се наредува готовината и златото да се чуваат најмалку 60 дена за да се овозможи истрага за „потеклото, дестинацијата, употребата и намената“ на средствата. Ден потоа унгарскиот парламент – во кој партијата Фидес на Орбан има мнозинство - донесе закон со ист ефект.
Правни експерти со сомнеж за обвинувањата на Унгарија
Уште од самиот почеток, владее загриженост за легалноста на запленувањето на средствата и обвинувањата за перење пари. ДВ испрати неколку прашања до унгарските власти. До моментот на објавување на овој текст не стигна никаков одговор.
Миклос Лигети, раководител на правниот сектор во огранокот на невладината организација за борба против корупцијата „Транспаренси Интернешнл“ во Будимпешта за ДВ вели дека е скептичен во врска со тврдењата за перење пари. „Доколку стануваше збор за вистинска операција против перење пари, тогаш требаше да идентификуваат сомнителни трансфери или синџири на трансакции насочени кон прикривање на потеклото на парите“, оценува тој. „Во случајов никој не сакал да сокрие ништо за парите“, додава правникот.
Ретроактивна легализација на дејствијата на Унгарија?
Лигети и други правни експерти се сомневаат и дека унгарската влада можеби се обидува отпосле да го легализира своето постапување. „Тие се обидуваат да прикријат незаконски, неосновани постапки против однесување кое на никаков начин не било нелегално, нарекувајќи го овој транспорт закана за националната безбедност на Унгарија“, вели Лигети. Јулија Поце, правен истражувач во Центарот за студии за европска политика со седиште во Брисел, ја дели загриженоста на Лигети. „Не може едноставно ретроактивно да создадете правна основа за да ја заплените пратката. Ова е фундаментален правен принцип“, вели таа за ДВ.
Прекршување на принцот на ЕУ за владеење на правото?
Поце е убедена дека постапките на Унгарија ги кршат принципите на ЕУ за владеење на правото. На прашањето на ДВ за новиот закон, портпаролот на ЕК рече дека „продолжува внимателно да ја следи ситуацијата“. Односите меѓу Украина и Унгарија се затегнати уште откако беа суспендирани испораките на руска нафта во Унгарија преку Украина, по рускиот напад врз нафтоводот Дружба кон крајот на јануари. Будимпешта ја обвинува Украина за намерно блокирање на испораките на нафта како средство за мешање во унгарските избори. Заплената на средствата се чини дека е директно поврзана со тој спор.
Мило за драго
„Очигледно нашите мерки се поврзани со затворањето на гасоводот“, изјави унгарскиот министер за транспорт Јанош Лазар на јавен настан на 9 март, кој беше емитуван на неговиот Јутуб канал. Ваквите коментари фрлаат сомнеж врз правната основа зад запленувањето на средствата. „Изјавата дека ако Украина ја уценува Унгарија преку гасоводот Дружба, Унгарија повратно ќе ја уценува Украина, јасно укажуваат дека владата игра политичка игра“, вели Миклос Лигети од Транспаренси Интернешнл.
Иако Украина одолговлекувањето на поправките го припишува на војната, претседателот Зеленски рече и дека би претпочитал да не го поправа гасоводот сè додека Русија продолжува со војната против Украина и дека поправки би биле можни само за време на прекин на огнот.
Украина таргет на унгарската владејачка Фидес
Орбан и неговата партија Фидес заостануваат на анкетите во пресрет на парламентарните избори во април, па владата уште посилно ја портретира Украина како закана за енергетската безбедност и сигурност на Унгарија. Владата на Орбан испрати т.н. мисија за утврдување факти во Украина за да ја процени состојбата на гасоводот „Дружба“.
Украина пак вели дека не се закажани официјални посети и дека од таму членовите на мисијата ги третира како „туристи“, наведуваат украинските медиуми. ЕК за ДВ изјави дека не била вклучена во планирањето на мисијата, но самата работи на формирање група за утврдување на фактите во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
Додека двете страни продолжуваат да ја заоструваат реториката, вистинската состојба на гасоводот „Дружба“ и судбината на запленетиот имот на Украина и планираниот заем на ЕУ за Украина и нејзините одбранбени потреби, остануваат нејасни - барем засега.