1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Може ли Венс да го „спаси“ Орбан пред изборите?

АРД
8 април 2026

Може ли американскиот потпретседател Џеј Ди Венс да му помогне на Виктор Орбан и да го запре падот во изборните анкети пред парламентарните избори во Унгарија оваа недела?

https://p.dw.com/p/5Bpis
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан
Посета во сенка на изборен пад: американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Будимпешта за да му даде поддршка на својот „пријател“, унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Непосредно пред парламентарните избори во Унгарија, закажани за в недела (12.04.2026), американскиот потпретседател Џеј Ди Венс пристигна во Будимпешта за да му даде поддршка на својот, како што го нарече, „пријател“, унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Венс слета на аеродромот во Будимпешта во утринските часови и во текот на денот на повеќе наврати се појави јавно заедно со Орбан. Посетата доаѓа во момент кога унгарскиот премиер, според анкетите, значително заостанува зад својот главен ривал – Петер Маѓар од партијата Тиса.

Обид за последно „будење“ на кампањата

Политикологот Карстен Шнајдер од Централноевропскиот универзитет во Виена смета дека Орбан преку оваа посета се обидува повторно да го насочи вниманието кон себе во завршницата на кампањата.

„Мојот впечаток е дека кампањата на Петер Маѓар се фокусира на внатрешните проблеми во земјата“, вели Шнајдер. Тој посочува дека стагнирачката економија, растечката нееднаквост, високата инфлација и распаднатиот здравствен систем претставуваат катастрофален биланс по 16 години владеење на Орбан. Средбата со Венс, според него, треба да биде последно бодрење пред изборите.

Обид за доминација во медиумите

„Ова е обид да се доминира во медиумскиот простор и во вестите“, оценува Шнајдер. „Тоа произлегува од оправданата нервоза, бидејќи сè поизвесно е дека Орбан нема да ги добие изборите.“

По состанокот зад затворени врати, Венс и Орбан заеднички се појавија пред новинарите. Американскиот потпретседател јавно вети дека ќе му помогне на Орбан колку што може во пресрет на изборите.

„Заедно, американскиот претседател и унгарскиот премиер постигнаа големи работи, и токму тоа сакаме да го прославиме денеска. И секако, сакам, колку што можам, да му помогнам на премиерот во претстојните избори“, изјави Венс.

Заеднички ставови за Русија и Украина

На прес-конференцијата доминираа две теми. Првата, и за Орбан најважна, беше неговиот план за постигнување мир меѓу Русија и Украина – тема која постојано е централна на неговите  митинзи и јавни настапи.

Венс не штедеше пофалби за Орбан, нагласувајќи дека тој и поранешниот американски претседател Доналд Трамп направиле најмногу за да се стави крај на војната.

„Веројатно Доналд Трамп и  Виктор Орбан  се двајцата лидери кои најинтензивно работеле на решавање на овој вооружен конфликт“, рече Венс, додавајќи дека преку дипломатија и разговори успеале  да ги разберат потребите и на Украина и на Русија.

ЕУ како заеднички „противник“

Венс истакна дека лидерството на Орбан е клучно – за разлика од, како што рече,  Европската Унија.  ЕУ во изјавите на двајцата беше спомната исклучиво како проблем, кој преку цензура и бирократија им ја попречува среќата на унгарските граѓани.

Еднаквоста во ставовите беше второто доминантно прашање на прес-конференцијата. Орбан ги наброја политичките области во кои, како што рече, постои целосен консензус: миграцијата, родовите прашања и семејната политика.

Политичка подлога на поддршката

Според Шнајдер, токму овој идеолошки консензус е причината поради која  САД му даваат поддршка на Орбан. Но, постои и дополнителна димензија.

„Орбан служи и како раздорен фактор  во Европската Унија, а тоа е  отворената цел на администрацијата на Трамп – да ја ослаби Европа, ако не и целосно да ја урне ЕУ“, вели тој.

Изборен митинг и пораки на лојалност

Посетата на Венс не заврши со прес-конференцијата. Подоцна во текот на денот, двајцата се обратија на најавен масовен митинг во Будимпешта, со надеж дека ќе успеат да ги подобрат анкетните резултати на Орбан.

На изборен настан под мотото „Ден на пријателството“, Венс му се придружи на Орбан во доцните попладневни часови. За време на говорот, тој телефонски го вклучи  Доналд Трамп,  што беше дочекано со аплауз од околу 2.000 до 3.000 присутни.

„Го сакам овој Виктор, ја сакам Унгарија“, порача Трамп, додека Венс увери дека тој и Трамп стојат „рамо до рамо“ со Виктор Орбан.

Автор: Леон Волебен, АРД