1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц: САД „немаат убедлив план“ во Иран

ЖА / агенции
18 март 2026

Канцеларот Мерц повторно ја одби можноста за германско учество во војната и порача дека Германија би се спротивставила на нападот врз Иран доколку била консултирана.

https://p.dw.com/p/5Ae0o
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во Бундестагот
Мерц рече дека Германија не била консултирана за војната од самиот почеток и дека сега нема да се вмешаФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Пред почетокот на самитот на Европската унија во Брисел, германскиот канцелар Фридрих Мерц повторно јасно се дистанцираше од воената операција на САД и Израел против Иран, нагласувајќи дека Германија нема да учествува во конфликтот.

Во обраќање пред Бундестагот, лидерот на  ЦДУ  истакна дека Берлин би се спротивставил на нападот доколку бил навремено консултиран. „Ќе советувавме да не се тргнува по тој пат“, изјави Мерц.

Оваа изјава означува поостар тон во однос на неговата порака по посетата на Вашингтон пред две недели, кога рече дека не сака „да ги поучува“  САД  во врска со Иран.

Германија нема да учествува во операциите во Ормускиот Теснец

Фридрих Мерц  подвлече дека додека трае војната,  Германија нема да се приклучи  на операции во Ормускиот Теснец за обезбедување слободно движење на бродови, особено не со воени средства.

Сепак, тој нагласи дека  Германија не сака да создаде долгорочни тензии во трансатлантските односи и дека по завршувањето на борбите ќе даде свој придонес за воспоставување трајна безбедносна архитектура.

„Ќе интервенираме таму каде што нашите национални капацитети и надлежности тоа го дозволуваат“, додаде Мерц.

Трамп врши силен притисок врз НАТО-сојузниците

Американскиот претседател Доналд Трамп со денови врши силен притисок врз НАТО-партнерите да се вклучат во обезбедувањето на стратешки важниот теснец за транспорт на нафта, но доби повеќе одбивања.

Во вторникот, Трамп ги оцени одбивањата на сојузниците како  „глупава грешка“ и порача дека повеќе нема потреба од нивната помош.

„Европа мора да биде посамоуверена“

Откако го посети Трамп во Вашингтон,  Мерц сè појасно се дистанцира  од американскиот пристап кон Иран. Во Бундестагот повика на поголема самостојност и единство на Европа во новата глобална геополитичка реалност.

„Не сакаме повеќе да се потценуваме“, изјави тој. „Ние, Европејците, мораме обединето и решително самите да ја гарантираме нашата безбедност и слободата.“

ЕУ самит: Иран, Украина, економија и буџет

Во четврток во Брисел,  војната со Иран  и нејзините последици ќе биде една од централните теми на ЕУ‑самитот. Лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, за мерки за зајакнување на економската конкурентност на Унијата и за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.

Мерц потсети дека се потребни длабоки економски реформи на ниво на  ЕУ.

„Ги ослободуваме европските економии од ограничувањата што самите ги создадовме и отвораме простор за нова динамика на раст“, истакна тој.

Според него, приватните инвестиции и стабилните цени на енергијата се клучни за одржлив раст и за стратешка автономија на Европа.

Тој повика и на намалување на бирократијата: „Сè што не ни треба од регулативите – мора да се укине“, порача Мерц до Европската комисија.