1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, 30.10.2019
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, 30.10.2019Фотографија: Kremlin Press Office/Anadolu Agency/picture alliance
ПолитикаУнгарија

Колкава е цената на Орбановата проруска политика?

Жужана Вег
18 август 2022

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упорно одржува добри односи со Русија, па дури се става и во улога на портпарол на Кремљ. Но, Унгарија за тоа плаќа висока внатрешно- и надворешнополитичка цена.

https://www.dw.com/mk/mal-kar-golema-steta-proruskata-politika-na-ungarskiot-premier-orban/a-62849721

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во јули, во романското одморалиште Баиле Тушнад одржа говор кој предизвика бес. Го критикуваше мешањето на европски и неевропски „раси“. Според него, тоа ќе предизвика потиснување на народите на Западна Европа и формирање на „мешани“ земји во еден „постзападен“ свет.

Токму оваа терминологија, која потсетува на нацистичкиот наратив, предизвика жестоки реакции на меѓународен план. Помалку возбуда предизвикаа изјавите на Орбан за Русија и руската војна во Украина, но и тие заслужуваат барем исто толкаво внимание.

Унгарскиот премиер во Баиле Тушнад се постави во својство на гласноговорник на Кремљ, зборувајќи за руската загриженост од можно членство на Украина во НАТО, која ја означи како разбирлива, иако не е и оправдана причина за агресија. Ги повтори и заканите од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе го помести фронтот кон Запад.

Игнорирање на Украина

Орбан отворено алудираше на одговорноста на Западот, особено на САД, за војната поради игнорирање на безбедносните задршки на Русија и повика на итни мировни преговори. За тие да бидат успешни, според него, преговорите треба да се водат меѓу Русија и САД, бидејќи, според Орбан, само САД можеле соодветно да одговорат на безбедносните задршки на Москва.

Жужана Вег, политиколог
Жужана Вег, политикологФотографија: Privat

И покрај тоа што унгарскиот премиер не ја оправдува директно руската агресија, ваквите барања и целосното игнорирање на сувереното право на Украина на самостоен избор за членство во безбедносен сојуз, ѝ ја ускратуваат способноста на Украина да дејствува. Со тоа здраво за готово ја прифаќаат руската аргументација која се коси со вредностите и меѓународните обврски на кои почива и членството на Унгарија и во ЕУ и НАТО.

Вето против ЕУ-санкции

Тоа што во говорот Орбан го презема рускиот наратив, сосема се совпаѓа со активностите на унгарската влада од почетокот на руската инвазија во Украина кон крајот на февруари 2022. За Унгарија приоритет е одржување на добрите односи со Москва и таа ги ја става под прашање антируската политика на санкции на ЕУ.

Па така, на пример, во јуни годинава владата на Орбан дури се закани и со вето за шестиот пакет европски санкции само за рускиот патријарх Кирил да се тргне од „црната листа“ на ЕУ - притоа ова следеше откако Унгарија успешно издејствува изземање од европското ембарго за увоз на руска нафта.

Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија
Петер Сијарто, министер за надворешни работи на УнгаријаФотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

Додека ЕУ бараше нејзините земји-членки да ја намалат зависноста од рускиот гас, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто се состана со својот руски колега во јули годинава за да преговара за испорака на дополнителни 700 милиони кубни метри природен гас за Унгарија. Она што ја замаглува сликата е дека за време на неговата посета на Москва, во февруари, Орбан веќе преговараше со Путин за испорака на дополнителни 1 милијарда кубни метри природен гас покрај веќе договорените 4,5 милијарди кубни метри годишно - со надеж дека ќе го избоксува тоа пред парламентарните избори во Унгарија во април 2022 година. Тоа не му успеа.

Загрозена социјалната политика на Орбан

Но, пред неколку дена изгледа беше постигнат договор кој се чини е далеку под очекуваните резултати. Гарантираната дополнителна количина за Унгарија за месец август изнесува само 52 милиони кубни метри гас и тоа во услови кога Русија заради ограничување на испораките кои транзитираат преку Австрија, не ги добива ниту редовните, договорно предвидени количини.

Со тоа е загрозена социјалната политика на Орбан за ограничување на цените за енергија и домување за унгарското население. При посетата во Москва на почетокот на февруари, Орбан изјави дека ако се обезбедат руските испораки на гас, тогаш се обезбедени трајно ниски цени на снабдување. 

Унгарија и Полска: раздвоени патишта

По најновиот развој на нештата, предностите од прорускиот став на Орбан се дискутабилни. Но, по горенаведеното е сепак малку веројатно дека ставот на Унгарија ќе се приближи кон ставот на западните сојузници на земјата. Тие сѐ повеќе се фрустрираат од Унгарија како партнер. Но, покрај редовната критика од САД и европските институции што ги добива на сметка на правната држава, поради кои Унгарија одамна е болна точка за ЕУ, Орбан со ставот кон Русија го прокоцка и својот најважен сојузник - полската влада под водство на десничарско-националистичката партија ПиС.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во посета на рускиот претседател Владимир Путин во Москва, 1.02.2022
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во посета на рускиот претседател Владимир Путин во Москва, 1.02.2022Фотографија: Sputnik via REUTERS

Според полскиот премиер Моравјецки, патиштата на двете земји се раздвоиле. Дури и Орбан зборува за тоа унгарско-полската соработка да ја остави за поствоените времиња. Словачка и Чешка, другите две членки на Вишеградската група, уште пред војната се дистанцираа од Унгарија. Прорускиот став на земјата уште повеќе го зголеми јазот меѓу нив и Унгарија.

Соработка на деснорадикалните сили

Неуспехот на релацијата меѓу Фидес и ПиС го поткопува и настојувањето на Орбан да формира нов деснорадикален сојуз во рамки на ЕУ. Тој би ги опфатил партиите на европските конзервативци и реформисти предводени од ПиС, и групата Идентитет и демократија, предводена од француската партија Национално собрание и италијанската Лега. Сепак, Фидес и натаму ќе ги негува овие релации во надеж дека тие ќе дојдат на власт. Поздравниот говор од Орбан на конференцијата Конзервативни политички мерки во Тексас на 04.08.2022, во која изрази поддршка за поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, и за негово враќање на власт во 2024, покажува дека тој се залага за долгорочна меѓународна соработка на деснорадикалните сили.

- повеќе: Унгарија: Крај за моделот Орбан?

Ако Орбан сега игра само на една карта, тоа укажува дека тој не сака да ги подобри релациите со владеачката структура во САД и со европскиот мејнстрим. Тоа пак е предвесник на натамошно заострување на конфликтот со западните сојузници и ледено доба во дипломатските релации, во време кога единството на Западот е толку важно како никогаш предходно во периодот по завршувањето на Студената војна.

Унгарскиот премиер Орбан со лидерот на полската партија Право и правда (ПиС), Јарослав Качински, во Варшава, 22.09.2017
Унгарскиот премиер Орбан со лидерот на полската партија Право и правда (ПиС), Јарослав Качински, во Варшава, 22.09.2017Фотографија: Pawel Supernak/PAP/dpa/picture alliance

Корисна играчка за антизападните сили

За Унгарија не доаѓа предвид напуштање на ЕУ и особено не на НАТО, бидејќи тоа не е во интерес на Орбан. Но, неговите жалби за пропаст на Западот и добронамерните гестови кон неговите противници, пред сѐ Русија, но и Кина, ќе останат дел од унгарските надворешнополитички инструменти со што западните партнери мора да се помират.

- повеќе: Орбан контра ЕУ-ембарго на руската нафта: „Атомска бомба за економијата“

Додека Орбан на ваков начин сака да го зголеми просторот за маневар за Унгарија, фактички го предизвикува токму спротивното: откако си ја поткопа позицијата на партнер на кој Западот може да се потпре, Унгарија со нејзината политика станува корисно пинг-понг топче на силите кои сакаат да ги заслабнат сојузите во кои таа самата е членка.

Жужана Вег е истражувач на Европскиот универзитет Виадрина и визитинг истражувач во Германскиот Маршалов фонд на САД (ГМФ). Написот го одразува само мислењето на авторката, а не и на институциите во кои таа спроведува истражувања.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Балкански земји, како Србија и Северна Македонија - преку Бугарија ќе можат да добиваат азербејџански гас кој е поевтин од рускиот

Македонски приклучок до „новата епоха“

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница