1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој му ги испраќа најопасните закани на Мицкоски

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
19 септември 2023

Покрај поддршката и пофалбите да издржи храбро, овојпат, во добро спакувана обланда, од најголемите поддржувачи се искажани и закани што ги чека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ако попуштат пред притисоците. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4WUVx
Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Притисокот со кој е соочен претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата Христијан Мицкоки да се усвојат уставните измени и Македонија да ги продолжи преговорите со Европската унија е евидентен и секојдневен. Тоа може јавно да се види, слушне и прочита од изјавите на наши сојузници и пријатели, светски државници и дипломати, од странските и домашните релевантни политичари, медиуми, новинари и јавни личности. Иако можат да се оценат како еден вид притисок, сепак тоа е во рамките на вообичаени активности на политичарите, дипломатите, новинарите, владата, опозицијата кога се во прашање значајни одлуки од државен и поширок меѓународен интерес кои различно се толкуваат и прифаќаат и од јавноста и од политичките партии во власта и од опозицијата.

Така е што се однесува до јавните настапи во врска со уставните измени кои, ако се усвојат, ќе овозможат Бугарите да влезат во Уставот заедно со други делови од народи, вкупно 11, што живеат во Македонија. Тоа е, како што е општо познато, главниот предуслов за продолжување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, најзначајниот и најголем државен стратегиски приоритет.

Епски јунаци ја спасуваат Македонија

Она што е злонамерно и ги анулира добронамерните укажувања, кои драматично се прикажуваат како мешање во внатрешните работи на суверена држава за одлуки кои треба сами да ги донесеме, е создавањето на амбиент дека зад ова што се кажува јавно е само глумење префинетост и висока политичка култура, а во четири очи паѓаат тешки и опасни закани против Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и лично кон Христијан Мицкоски, кои се држат во тајност.

Оваа угодна и добра позиција на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски како епски јунаци што ја бранат Македонија од надмоќниот надворешен и домашен непријател наеднаш почна да се топи пред сѐ посериозните и поуверливи најави не само за отворање на вратите на ЕУ за проширување, туку и за реформи во самата Унија, кои одат во прилог на земјите од Западен Балкан. Таа реалност, која доаѓа од највлијателните и најмоќни европски земји и Америка, предизвикаа поместувања во заканите кон ВМРО-ДПМНЕ. 

Каменот одблизу доаѓа

Се појави една стара, одамна истрошена доктрина на опасни закани, спакувана во форма на силна поддршка. Како што велат, каменот одблизу доаѓа. Овојпат заканите дојдоа од најголемите и најконзеравтивни поддржувачи на херојството на Мицкоски да не се попушта пред бугарскиот диктат, пред опасностите од бугаризација и асимилација. Тоа се јавни личности кои се сметаат за големи интелектуалци, академици, писатели, научници, новинари, дипломати, кои, кога беше потребна вистинска храброст да се спротивстават на злоупотребите на властите и воспоставувањето на режим со држење под надзор на илјадници јавни личности и нивно прислушување и следење, главно се ставија во служба на „груевизмот“, давајќи силна поддршка со свои јавни настапи на глорификација на „најдобриот и најмудриот премиер“ што го имала Македонија во својата историја. А, пак најхрабрите меѓу нив повеќегодишното молчењето го прогласија за јунаштво. Сега, кога може сѐ да се каже без последици и без страв, ги лечат комплексите на кукавичлукот.

Нивниот стратегиски државен интерес за спас на Македонија се состои во поништувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија, со „НЕ“ на Америка и на ЕУ и барање на други алтернативи за иднината на Македонија. Какви и кои алтернативи, тоа веќе се неважни детали кои треба да ги решава некој друг. Покрај големата поддршка и пофалби на Мицкоски да издржи храбро, овојпат, во една добро спакувана обланда, се искажани и заканите што ги очекуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ако попуштат пред притисоците.

Мицкоски во пеколот или на престолот

Новото е што сега заканите се многу посилни кон Мицкоски од неговите најсилни поддржувачи во форма што го чека ако попушти и ги прифати уставните измени.

Мицкоски се предупредува и заплашува дека во тој случај ќе биде запаметен како блед екс премиер кој никогаш не се држел до зборот и дека ги изневерил своите сопратијци, го предал членството и ја упропастил  партијата... До крајот на животот ќе си го носи срамот на неспособност и несовесност. Му се порачува дека ако се изгласаат уставните промени, ВМРО-ДПМНЕ нема што да бара на следните избори. Се оди дотаму дека шефот на Белата палата може да биде елиминиран од структурите на НАТО и ЕУ и да му се изврши партиски пуч. Ќе клекне, или ќе ја држи главата исправена. Во пеколот или на престолот. Тоа се главно пораките напишани во еден дневен весник со јазик од тајните седници на ВМРО од 19 век упатени од долгата рака на револуционерната организација до Мицкоски да бере памет што ќе прави ако Бугарите влезат во Уставот.

Од каде сега наеднаш ваква паника и закана врз Мицкоски да не потклекне? Дали има предзнаци дека овие од Европа и од Америка, со оглед на новите геостратегиски интереси, навистина сериозно работат на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија? Дали и Мицкоски добил такво уверување од своите пријатели во сестринските европски партии, или во разговорите со странските политичари, па сега сака да да го ублажи амбиентот кој самиот го направи со индиректни пораки дека е подготвен за компромис.

И во двата случаи на неговата подготвеност за компромисно решение и избори и уставни измени, што најверојатно е најдобрата и најбезболна опција, соочен е со силен напад и во партијата и уште посилен од најанахроните сили надвор од партијата.

Има ли шанса старо-новиот предлог за уставни промени?

За волја на вистината, Мицкоски  не го оспори влезот на Бугарите во Уставот, туку манипулираше со бугаризација, асимилација и бугарски диктат и со фактот дека власта нема двотретинско мнозинство за уставни измени. Притоа оставајќи отворена врата дека во некои други околности, ако ВМРО-ДПМНЕ има двотретинско мнозинство, уставните промени се можни. Тоа означува дека корисните будали секако ќе останат со прстот во уста и со својата срамна улога да застанат на погрешната страна на историјата која ја одредува иднината на Македонија.

И другите околности што навестуваат компромис осамнаа повторно во медиум кој ги брани ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски да нема отстапки пред бугарскиот диктат. Но, веќе не се работи за закани, туку за вистински компромис со дилемата - дали е тоа личен предлог по најновите сознанија на новинарот, или е некаква пошироко усогласена најава за можно решение да се изгласаат уставните промени, што би било подобро да е така.

Како и да е, авторот се залага да продолжат разговорите во земјата за да се дојде до можно подобро решение и да не се испушти златната шанса. Веќе не се предмет на оспорување ниту Договорот за добрососедство со Бугарија, ниту преговарачката рамка на ЕУ, ниту Бугарите во Уставот, а уште помалку опасноста од бугаризација и асимилација. Предлогот е премиерот и  владата да го повлечат амандманот за уставни промени и да дадат старо-нов, подобро срочен предлог, каде ќе биде нагласена националната држава на македонскиот народ што почива и на историското, културно и државно наследство, работи што во разни форми веќе се напишани во Уставот. Дали ова ќе го реши проблемот со Бугарите, а ќе отвори меѓуетнички проблеми на домашната сцена е веќе друго прашање, за кое подготвените за компромис не размислувале.

Тежнението треба да оди кон целосно граѓански устав, а не зајакнување на националната држава, со што би се расчистиле многу прашања. Одземањето на стекнати права е многу поопасно од Бугари во Уставот заедно со сите други делови од народи, или етнички заедници. Несреќата е во тоа што во светот, во многу земји и во нашето минато имало идеални устави со високи дострели напишани на хартија, но барањата за остварување на напишаните уставни права многу луѓе однеле во смрт и во затвори.

Останува најдоброто решение предложено одамна - и уставни промени, и избори, и консензус за остварување на реформите за влез во ЕУ. И не е точно дека уставните промени и почнувањето на преговорите ќе влијаат пресудно на изборните резултати. Видете ги релевантните истражувања на јавното мислење.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема