1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Герхард Шредер го тужи Бундестагот

Јенс Јенсен
12 август 2022

Само што го преживеа обидот за негово исклучување од СПД, веќе преминува во офанзива - поранешниот канцелар Герхард Шредер поднесе тужба против Бундестагот.

https://p.dw.com/p/4FRyn
Ex-Bundeskanzler Gerhard Schröder
Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер (СПД) го тужи Бундестагот барајќи враќање на правата кои му беа одземени во мај годинава. Шредер бара да му бидат вратени канцеларијата и соработниците, соопшти неговиот адвокат Михаел Нагел за агенцијата ДПА. Тужбата е поднесена во Управниот суд во Берлин, информира Нагел.

Заклучокот на Комисијата за буџет на Бундестагот за кратење на средствата за опрема на канцеларијата на Шредер во Бундестагот и ставање на канцеларијата во мирување, е незаконска, се вели во изјава на адвокатската канцеларија која го застапува Шредер. Се „тврди дека господинот сојузен канцелар а.Д. (кратенка која се додава за луѓе кои биле канцелари, а веќе не се на таа функција и која значи - канцелар „кој не ја извршува функцијата“, н.з.) Герхард Шредер 'веќе не ги извршува' т.н.  'последователни должности'“, а „не се утврдува што воопшто се 'последователни должности', како се утврдува нивно извршување или неизвршување и каква е процедурата воопшто што притоа треба да се спроведе“, се вели во изјавата од адвокатската канцеларија.

„Напишано на челото“

На целата постапка ѝ е „напишано на челото“ дека „за одлуката на комисијата за буџет важни биле други причини, а не оние кои се наведени поради 'новите правила'“, додава адвокатот на Шредер и оценува дека такви одлуки „со начинот на којшто се донесени“ потсетуваат „повеќе на апсолутистичка кнежевска држава“ и не смеат да постојат во една демократска правна држава.

Поранешниот канцелар Герхард Шредер е мета на големи критики поради неговиот ангажман за руски енергетски компании и поради неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин. Меѓутоа, Комисијата за буџет на Бундестагот својата одлука не ја образложи со работата на Шредер за енергетските компании или со неговиот став за руската инвазија на Украина. Според правилата, она што го добиваат поранешните канцелари произлегува од „последователните обврски од функцијата“. Парламентарците тоа очигледно не можеле да го препознаат во случајот на Шредер.

Wien Gerhard Schröder und Präsident Putin
Критичарите на Шредер бараат тој да се дистанција од рускиот претседател Путин (архивска фотографија)Фотографија: Kremlin/Russian Look/imago images

Персонални трошоци - 400.000 евра

За трошоци за персоналот во канцеларијата на поранешниот канцелар Шредер минатата година се влеале повеќе од 400.000 евра од државната каса. Освен тоа, Шредер по завршувањето на функцијата лично добива 8300 евра месечно, како и телохранител.

Актуелниот канцелар Олаф Шолц во мај оцени дека одлуката на Комисјата за буџет е „консеквентна“. Европскиот парламент со големо мнозинство се изјасни за санкции против Шредер. Дури и најблиски соработници на поранешниот канцелар, како претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, кој своевремено ја извршуваше функцијата на шеф на Канцлерамтот, се дистанцираа од Шредер.

Во Социјалдемократската партија, меѓутоа, Герхард Шредер засега останува член. Во понеделникот надлежната партиска комисија отфрли исклучување на екс канцеларот од СПД.