1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер и СПД: Оставете го старецот да си зборува што сака

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау
9 август 2022

Огранокот на СПД во Хановер нема да покрене постапка за исклучување од партијата на бившиот канцелар Герхард Шредер. Без оглед на оправданиот гнев, тоа е всушност мудра одлука, смета Јенс Турау.

https://www.dw.com/mk/sreder-i-spd-ostavete-go-starecot-da-si-zboruva-sto-saka/a-62754132
Berlin East Side Gallery | Schröder und Putin Umarmung
Фотографија: Anne Barth/REUTERS

Веднаш да биде јасно: гневот и огорчувањето на многумина, односно на сите социјалдемократи во Германија поради однесувањето на нивниот бивш партиски претседател и  бивш канцелар, Герхард Шредер,  може предобро да се разбере. А со тоа и нивната желба едноставно да го исфрлат од партијата.

Герхард Шредер упорно и тврдоглаво опстојува на своето пријателство со рускиот господар на војната, Владимир Путин. Неодамна, по својата втора посета на Москва од почетокот на војната во Украина, пак, зборуваше дека Путин е спремен за преговори, додека рускиот претседател истовремено испраќаше нови војници во војна. Тоа не предизвика згрозување само во Германија. Или: си замина од лукративната функција во рускиот концерн Роснефт дури откако во Европскиот парламент се чу дека и тој како близок другар на рускиот претседател би требало да биде ставен на пописот на санкционирани лица, на кој се руски олигарси и Путинови подлизурковци.  

Едвај некој од  германските социјалдемократи  – во секој случај никој кој би бил спремен тоа и јавно да го признае, воопшто има некакви врски со Шредер. Секако дека поранешниот канцелар ѝ нанесе голема штета на својата партија, на својата татковина, а посебно на своите бивши пријатели, со тоа што упорно го поддржува Путин. Но, дали е тоа доволно за да биде исклучен од партијата?  И дали на социјалдемократите им е паметно правење таков обид?

Не е баш едноставно некој да се исфрли

Градскиот огранок на партијата во Хановер, која формално е надлежна за тој спорен член, донесе поинаква одлука и нема да покрене постапка за исклучување. Тоа е добра одлука.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау, автор на коментарот

Зашто, за исклучување на некое лице од политичка партија во Германија се поставени високи препреки. Партиите го отсликуваат и претставуваат политичкото мислење на општеството и затоа мораат во своите редови да толерираат различни ставови и гледишта. Законот за политички партии вели дека некој може да биде исклучен од партија дури поради „намерно кршење на статутот“. Или поради „битно кршење“ на темелните начела на соодветната партија.

Однесувањето на Шредер  во директорска фотелја на руски концерн може да се доживее, особено по почетокот на војната, како нешто невкусно и неразбирливо – а такво е мислењето и на авторот на овој текст. Но, строго земено, каква врска има тоа со партијата на која ѝ припаѓа? Кога Шредер во Москва  брбла за наводна Путинова спремност на мировни преговори, тоа е шлаканица во лице за храбрите Украинци. Но, и политичарите од други партии, почнувајќи од партијата Левица, па до локални политичари на ЦДУ од подрачјето на бивша Германска Демократска Република, заговараат преговори со Путин дури и под услови на Кремљ: а тој не сака разговори со „фашистите“ од Киев, и не ни помислува да се повлече од освоените подрачја во соседната држава. Значи, Шредер не е осамен во повиците да се разговара со Путин.

А Ангела Меркел?

А што е тогаш со бившата канцеларка Ангела Меркел, која долго, речиси до крајот на својот мандат ланската година, упорно опстојуваше на гасоводот Северен тек 2 (во меѓувреме ставен на мраз по кратка постапка) и упорно повторуваше дека тоа е само „економски проект“ на пазарното претприемаштво? Иако одамна требаше да ѝ биде јасно што значи таква втора спојка со Русија на штета на економските интереси и на Полска и на Украина.

Секако, Шредер е екстремен случај. Тој со своите функции во руските фирми, по престанокот на канцеларскиот мандат во 2005 година заработи поприличен имот. Шредер сѐ до денешен ден го брани Путин, кого своевремено го нарече „демократ од најчист ков“, што денес звучи речиси како лош виц. Но, од друга страна, дури и тој ја осуди војната, што го нагласи и партиското преставништво во Хановер во својата одлука.

На германските социјалдемократи и онака не би им било лесно да се ослободат од Шредер на таков начин. Десет години, од 2010 до 2020 година, на СПД ѝ требаа за да се ослободи од бившиот сенатор за внатрешни работи на градот-покраина Берлин, Тило Сарацин, без оглед на безбројните изјави во неговите книги во кои заговараше нетрпеливост кон странците. Беа потребни дури три партиски дисциплински постапки.

Шредер е жалосен никој и ништо

Шредер денес е црна овца во својата партија. Ако некој во странство уште мисли дека тој како бивш канцелар уште може да дигне телефонска слушалка и некому во Германија или во Европа да му каже што треба да прави, тогаш тоа е повеќе од бесмислица. Тој веќе одамна нема никакви конци кои би можел да ги влече. Всушност, тој денес е речиси трагична личност. Целото негово залагање за Путин воопшто не може да се види во политиката на актуелната германска влада под водство на СПД.

Се чини неподносливо, но можеби сепак е подобро што СПД реши да го остави на мир бившиот канцелар. И едноставно да го игнорира она што тој го зборува. Во секој случај, тоа е подобро отколку правна битка развлечена со години, со неизвесен исход.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница