ЕУ сака побрзо да се ослободи од руската енергија
17 септември 2025
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја најави иницијативата за побрзо прекинување на целиот европски увоз на нафта и гас од Русија, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Руската воена економија го финансира крвопролевањето во Украина и се одржува со приходите од продажбата на фосилни горива“, напиша Фон дер Лајен на социјалните мрежи. За да се заврши ова, Европската комисија ќе предложи да се забрза транзицијата од руските фосилни горива. Фон дер Лајен не објасни како точно ќе изгледа тоа.
Сегашниот план на ЕУ од јуни предвидува да нема повеќе увоз на гас од Русија од 2028 година - според податоците од Европската комисија, испораките на гас од Русија учествуваа со речиси 19 проценти од вкупниот увоз во 2024 година. Според сегашните планови, увозот на нафта треба целосно да се прекине до крајот на 2027 година. И покрај значителното намалување на увозот од почетокот на војната, во 2024 година, според податоците на ЕУ, 13 милиони тони руска сурова нафта сепак стигнале на европскиот пазар. Особено Унгарија и Словачка увезуваат големи количини.
Трамп ги поврзува санкциите против Русија со крајот на увозот на енергија
Трамп неодамна ги услови натамошните санкции на Соединетите Американски Држави кон Русија, меѓу другото, со запирање на купувањето руска нафта од страна на европските партнери. Бидејќи ја вклучи и Турција, членка на НАТО, сега е нејасно дали иницијативата на ЕУ е доволна за него. Турција, имено, увезува големи количини евтина енергија од Русија и не покажува намера тоа брзо да се промени.
Темата на „конструктивниот телефонски разговор“ со Трамп, според Фон дер Лајен, биле и натамошни чекори за зголемување на економскиот притисок врз Русија. Претседателката на Комисијата повторно најави брзо презентирање на предлогот за 19-тиот пакет санкции на ЕУ, кој првенствено би бил насочен кон руските банки и енергетскиот сектор, како и употребата на криптовалути за заобиколување на санкциите.
Се очекува Комисијата да го достави својот предлог за овој пакет до земјите од ЕУ уште оваа недела. Фон дер Лајен минатата недела изјави дека Комисијата разгледува и дополнителни мерки против таканаречената руска „флота во сенка“ и трети земји.