ЕУ: Нови санкции за руските киднапери на деца од Украина
12 мај 2026
Европската Унија во понеделникот воведе санкции против 16 лица обвинети дека ѝ помогнале на Русија да киднапира десетици илјади деца од Украина и да ги принуди да го променат својот идентитет или да бидат дадени на посвојување.
Санкции се воведени и против седум центри осомничени дека ги индоктринираат децата или ги обучуваат за служба во вооружените сили, било за Русија или за проруските милиции во Украина.
Вкупно, повеќе од 130 поединци и субјекти сега се под санкции на ЕУ поради овие киднапирања.
Од седиштето на ЕУ соопштија дека замрзнувањето на имотот и забраните за патување се воведени бидејќи санкционираните се сметаат за „одговорни за дејствија што ја поткопуваат или ја загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитетот и независноста на Украина“.
Илјадници деца депортирани и изложени на асимилација
Откако Русија ја започна целосната инвазија врз Украина на почетокот на 2022 година, се проценува дека околу 20.500 деца биле незаконски депортирани или присилно префрлени во Русија или во територии под руска контрола во источна Украина.
Официјални лица од ЕУ наведуваат дека многу од овие деца се лишени од украинскиот идентитет и култура, добиваат руски пасоши и се даваат на посвојување. Дел од нив се испраќаат во училишта за индоктринација или во воени кампови.
„Русија се обидува да им го избрише идентитетот“, изјави латвиската министерка за надворешни работи Баиба Браже на средба со колегите од ЕУ во Брисел, каде што беа одобрени санкциите. „Ако се погледне Конвенцијата за геноцид, ова е една од карактеристиките на тоа кривично дело. Затоа станува збор за многу сериозна ситуација.“
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства, обвинувајќи го за лична одговорност за киднапирањата.
Досега се вратени околу 2.200 деца, но нивната идентификација е сложена. Децата одведени на мала возраст тешко можат да се препознаат и по само неколку години, а нивното враќање претставува тежок процес. Во некои случаи, тие не се секогаш прифатени по враќањето дома.
Меѓународен притисок и нови дипломатски чекори
Европската Унија, заедно со Канада, во понеделникот беше домаќин на состанок на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, која брои 47 земји. Целта е зголемување на дипломатскиот притисок врз Русија и мобилизирање поддршка за идентификација и пронаоѓање на однесените деца.
„Војната има многу лица, но киднапирањето деца е едно од најстрашните“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос. „Ова мора да престане, а Русија треба да сноси одговорност.“
Меѓу санкционираните се раководители на детски кампови, владини претставници и воени офицери задолжени за обука на младите.
Меѓу 16-те санкционирани е и Лилија Швецова, директорка на кампот „Црвен каранфил“ на окупираниот Крим. Според ЕУ, таа надгледувала активности насочени кон обликување на политичките и идеолошките ставови на децата, вклучително и украинските.
Како и другите на списокот, таа е обвинета дека „поддржува и спроведува мерки што придонесуваат за депортација, присилен трансфер, насилна асимилација, вклучително и индоктринација или милитаризирано образование на украински малолетници“.
Вратени само околу 2.000 деца
Само 2.126 украински деца досега се вратени во татковината, додека процесот на нивно идентификување и лоцирање останува исклучително тежок.
Украина се соочува со сериозни пречки во утврдувањето на идентитетот на децата и нивната точна локација, бидејќи нема пристап до териториите под руска окупација. „Руските власти ги сместуваат децата во семејства на руски државјани и во руски институции. Со тоа ги кршат своите меѓународноправни обврски за повторно спојување на семејства разделени во текот на вооружен конфликт“, наведува Државното обвинителство на Украина во одговор на прашање од „Дојче веле“.
За децата за кои постојат прецизни податоци за нивниот идентитет и престој, постои одредена надеж за нивно враќање, но бројките остануваат многу ниски. До сега Украина успеала да врати вкупно 2.126 деца. Дел од нив биле директно депортирани во Русија, други преселени во рамките на окупираните територии, а некои биле изложени на руската политика на таканаречено „превоспитување“.
Ограничени механизми за враќање на децата
Максим Мaксимов, директор на канцеларијата „Вратете ги децата дома“ од Украина, опишува два начина за враќање на децата. Првиот е преку посредување, односно индиректни преговори. На руската страна ѝ се доставуваат списоци со имиња на украински деца, по што, со посредство на рускиот повереник за човекови права и преку други медијатори, се водат разговори за нивно враќање. „Во вакви постапки никогаш не сме успеале да вратиме повеќе од десет деца одеднаш“, вели Максимов.
Вториот начин е таканаречен „организиран повраток“, во кој клучна улога играат организации од граѓанското општество. „Понекогаш се успева да се вратат поголем број деца, но не смеам да откривам како точно се спроведува ова“, додава тој.
„Децата кои се враќаат се целосно дезориентирани и немаат доверба во возрасните“, истакнува Максимов. Очигледни се и последиците од идеолошката индоктринација на која биле изложени додека престојувале во Русија.
Украина се обидува да им обезбеди психолошка и социјална поддршка, но настојува да избегне дополнително идеолошко влијание врз нив.