1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц се надева на решение на спорот до крајот на јуни

БГ
11 јуни 2022

Германскиот канцелар Шолц по средбата со бугарскиот премиер Петков порача дека се уште верува оти може да се најде решение за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија до крајот на јуни.

https://p.dw.com/p/4CZoo
Олаф Шолц Кирил Петков
Фотографија: BGNES

Германскиот канцелар Олаф Шолц си замина од Софија со верба дека се уште може да се најде решение за надминување на бугарско-македонскиот спор до крајот на француското претседателство со ЕУ. На прашањето дали побарал од бугарската влада да се откаже од блокадата на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, Шолц рече дека сега е „моментот за јасни зборови“, и додаде дека таа порака ја испратил и во приватните разговори и јавно.

По средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков, германскиот канцелар рече дека е многу важно да продолжи процесот на проширување на ЕУ. 

„Сметам дека има шанса за постигнување напредок. Ќе продолжиме со разговорите и се надевам на напредок до крајот на француското претседателство. Јас сум убеден дека сите ние, како европејци, имаме одговорност за ЕУ и за стабилноста на Балканот. Важно е да го искористиме процесот на проширување сега, за доброто на Европа“, рече Шолц. 

„Да бидеме фер кон другите“  

Шолц рече дека со Петков се согласиле дека Северна Македонија има сигурна перспектива во ЕУ.
„Затоа ја поддржувам загриженоста на Северна Македонија, затоа што ги исполнува условите како ниедна друга земја. Албанија и Северна Македонија се сега подготвени да продолжат натаму.“

„Германија разбира дека не е лесно да се надминат историските разлики меѓу две земји, но германското искуство покажува дека е збогатувачко за сите земји кога ќе се надминат  недовербата и ќе се изградат пријателски односи со соседите“, рече Шолц.

Германскиот канцелар го наведе примерот на неговата земја, но и на Бугарија, како земји кои многу добиле од ЕУ. 

„По ужасните разорувања кои ги предизвика Германија во Втората светска војна, за нас беше многу важно да бидеме повторно дел од Европа. И за Бугарија беше голем момент кога го пронајде патот до Европската Унија, и тука да се чувствува како дома. Секогаш треба да го имаме на ум она што самите сме го доживеале кога ги гледаме другите. 

„Мораме да бидеме фер кон оние кои толку долго ги вложуваат сите свои надежи и нивните национални напори кон можноста, да станат членки на ЕУ“, рече Шолц. 

Кирил Петков
Бугарија бара гаранции дека Скопје ќе ги исполни нејзините услови. фото: Кирил ПетковФотографија: BGNES

Според канцеларот, руската агресија врз Украина ја зголемила подготвеноста на многу земји-членки на ЕУ „да му го отворат патот на Западниот Балкан“, што „досега не било случај“. 

Радев: Проблем се и критериумите од Копенхаген  

Неговиот домаќин, Петков повтори дека Бугарија има три услови чиј гарант треба да биде ЕУ за да го дигне ветото за Северна Македонија.

„Позицијата на Бугарија во оваа фаза е дека ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ за Северна Македонија може да се укине само доколку Скопје даде гаранции дека ќе го спроведе Договорот за добрососедство и ќе ги вклучи Бугарите како една од државотворните нации во својот устав“, рече Петков.

По разговорите со Петков, германскиот канцелар замина на состанок во четири очи со бугарскиот претседател Румен Радев. Од кабинетот на Радев соопштија дека бугарскиот претседател на средбата истакнал дека проблемот меѓу двете земји не е само историјата, туку и почитувањето на Копенхашките критериуми во Северна Македонија, во прв ред, правата на поединците и недискриминацијата. 

Претходно, во саботата го посети Скопје од каде ја изрази германската поддршка за Северна Македонија за отворање на преговорите со ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема