Украинска криза: Србија помеѓу чекан и наковална | Информации и анализи за Балкан | DW | 23.02.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Украинска криза: Србија помеѓу чекан и наковална

На Србија и на Вучиќ ќе им биде тешко да минат низ украинската криза без гребнатини, велат аналитичарите. Според нив, кризата е меч со две острици за власта пред избори.

Огромно мнозинство од српските граѓани ја смета Русија за традиционален пријател на Србија

Огромно мнозинство од српските граѓани ја смета Русија за традиционален пријател на Србија

„Путин ја матираше Украина“, е ударната порака на денешната насловна страница на таблоидот Информер. Нешто подолу е насловот посветен на проценката на економистите дека Србија има гас и храна за наредните 6 месеци. Весникот Политика, пак, насловува со поинакви зборови - „Како Владимир Путин ги изненади лидерите на Запад“. Еден ден претходно, булеварскиот печат близок на властите пренесе дека Украина прва ја нападнала Русија.

На фактот оти на киосците ширум Србија демнат вакви натписи се осврна и претседателот Александар Вучиќ, критикувајќи ги таблоидите, кои инаку ги користи во нападите врз политичките противници. „Кога ќе ги погледнете нашите наслови, ќе видите дека во 80 отсто од медиумите не постои никаква објективност, туку тие 80 отсто медиуми се на руска страна, а останатите 20 насто се априори против Русите.“

„Ние сите себеси си нанесуваме штета, наместо да се обидеме да бидеме мирни и да се провлечеме низ светската криза без гребнатини“, додаде Вучиќ.

Но, тоа нема да биде лесно, сметаат аналитичарите. „Српската позиција е помеѓу чекан и наковална: помеѓу принципот на неповредливост на територијалниот интегритет на државите и прагматизмот кој налага зачувување на добрите односи со Русија, пред сѐ во контекст на енергетиката и на застапувањето на српските интереси во Советот на безбедност на ОН“, вели за ДВ Младен Лишанин од Институтот за политички студии.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги критикуваше српските таблоиди за пристрасно известување во полза на Русија, во актуелната украинска криза

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги критикуваше српските таблоиди за пристрасно известување во полза на Русија, во актуелната украинска криза

Две точки за шпага

Очигледни се двете точки меѓу кои Србија и нејзиниот претседател треба да направат шпага. Првата е прорускиот сегмент во Србија, културната и историска блискост, дополнително зацементирана со пропагандата во последните децении.

Низа анкети го потврдуваат тоа, како на пример онаа која пред неколку месеци ја објави фондот ИСАЦ: во неа 59 осто од луѓето рекле дека Русија ја гледаат како „најважен стратешки партнер“. Уште поголем е процентот на оние кои во Русија гледаат традиционален пријател (82%), и оние кои се противат на српското влегување во НАТО (84%).

Велесилата, така се смета, безусловно ја поддржува српската позиција во поглед на Косово, иако шефот на Кремљ, Владимир Путин, и деновиве се повикува на „косовскиот преседан“ за да го оправда откинувањето на Украина дел по дел.

Повеќе: Санкциите против Русија стапуваат во сила, САД очекуваат голем руски напад врз Украина

Другата точка на шпагата е, исто така, тука: Србија не може да ги поддржува руските акции во Украина, а да не си попречи себеси по прашањето на Косово. Всушност, ни официјален Киев не го призна тоа еднострано отцепување.

Распарчувањето на Украина „многу Срби со чувство на злоба го гледаат како одмазда за сето она што Западот на чело со САД ѝ го направи на Србија по распадот на СФРЈ“, пишува во еден коментар неделникот Време.

„Тоа што Русија сега ѝ го прави на Украина е она што Западот ѝ го правеше на Србија во случајот со Косово - на сила одзема дел по дел од украинската територија, бидејќи правото на посилниот е над меѓународното право. Тука се крие нелогичноста во чувството на симпатизерите на Путиновата украинска политика. Тоа е и показател на политиката на двојни стандарди на Западот“, се додава во коментарот. 

Рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Србија во јануари 2019 година

Рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Србија во јануари 2019 година

Сѐ потешко е да се биде неутрален

Вучиќ е премногу искусен да си дозволи евтина грешка на меѓународниот паркет, па воодушевувањето од руската воена акција им го препушта на таблоидите. Тој самиот приближно порача: го почитуваме интегритетот на Украина, но ќе го осудиме рускиот напад кога украинскиот претседател Зеленски ќе го осуди бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Дали сепак шпагата овојпат ќе биде премногу болна дури и за Вучиќ, кого го бие глас дека успешно седи на различни столови? Дали дојде време кога за да се повлече Србија веќе нема да биде доволен формалниот пат кон ЕУ, економија свртена кон Запад, и тоа што војската почесто изведува воени вежби со земјите од НАТО отколку со Русија?

Претседателот е во Монако, каде го посети тамошниот војвода, и завиено рече дека веќе почнале притисоците Србија да воведе санкции против Русија. „Она што очекувам да следи по сѐ што се случи, во политичка смисла нема да биде едноставно за Србија“, рече Вучиќ.

Политикологот Младен Лишанин се согласува оти неутралната позиција ќе биде сѐ потешка како што кризата ќе ескалира. „Србија нема да ја држи руската страна на начин на кој тоа го прават Венецуела или Сирија, бидејќи политичките и економските врски со Запад тоа не ѝ го допуштаат - иако нема индиции дека Москва ќе го бара тоа.“

„Но, Србија нема да може ни да го следни главниот прозападен курс, со оглед на претстоечките  договори за гас со Москва, присуството на руски компании во енергетскиот сектор, нивното учество во критичните инфраструктурни проекти и потпирањето во руската поддршка за косовското прашање“, додава соговорникот на ДВ. 

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Не треба да се пропушти добра криза

Вучиќ во ноември од Москва донесе поволна цена на гасот, барем за неколку месеци. Путин со еден потег на пенкалото нареди Србија да ја плати братската цена од 270 долари за илјада кубни метри, иако пазарната цена беше речиси четирикратно проголема.

Тој подарок Вучиќ триумфално го изнесе пред избирачите, и тој не не е мал. Зашто, српските власти во земјата контролираат речиси сè, но не можат да влијаат на прелевањето на економската криза и особено на скокот на цената на енергенсите. А тоа баш и не им треба пред изборите на 3 април.

Лишанин токму во предизборниот контекст ги чита и приземните насловни страници на белградскиот печат деновиве. „Односот кон НАТО е поважен за поширокото јавно мислење отколку за самите носители на политички одлуки: медиумите блиски до властите пренагласено ќе го форсираат прорускиот наратив, за да ги компензираат отстапките што Белград ќе биде подготвен да ги направи кон западните центри на моќ и со тоа да ја минимизираат политичката штета пред изборите“, вели тој. 

Актуелната криза е и шанса Вучиќ и неговата СНС да ѝ дадат поинаков, всушност стар тон на изборната кампања. Наместо да се зборува за акумулираните проблеми или протести поради Рио Тинто, може да се зборува за тоа дека големо зло се надвиснува над Србија - можеби војна, можеби глад - и се знае за кого треба да се гласа за надминување на тоа зло.

Вучиќ деновиве од нигде никаде изјави дека во земјата има доволно млеко во прав, сол и конзервирана храна. И оти ѝ наредил на војската да биде подготвена.