Трамп и Путин – има ли скриена врска меѓу нив? | Свет | DW | 03.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп и Путин – има ли скриена врска меѓу нив?

До неодамна незамисливо: републикански претседателски кандидат го фали претседателот на Русија и неговата политика, навестува признавање на анексијата на Крим и го критикува НАТО. Што се крие зад тоа

Од пред извесно време медиумите во САД зборуваат за „броманса“ на силните мажи Доналд Трамп и Владимир Путин. Во превод тоа би значело „братска романса“, но не е сосем погодено – побргу би можело за нив да се зборува како за сродни души. А не е јасно дали тие воопшто се имаат сретнато. Во понеделникот Трамп изјави дека никогаш не го сретнал и не го познава рускиот претседател: „Тој кажа една убава работа за мене – дека сум бил гениј. И тоа е се`. Јас него никогаш не сум го сретнал“.

Но, во поранешни интервјуа го тврдеше токму спротивното: „Да, во контакт сум со Путин. И, можам да ви кажам дека тој многу се интересира и го следи она што вие и јас го велиме во интервјуата“. Тоа беше на крајот на 2013., значи пред одвај двеипол години.

На викендот телевизијата АБЦ (Еј-Би-Си) го конфронтираше Трамп со неговите контрадикторни изјави. Тој рече: „Не верувам дека било кога сум го сретнал Путин“. На забелешката од водителот дека би морал да знае ако некогаш го има сретнато, Трамп одговори: „Да, мислам да“.

Дали прерано му слабее меморијата на еден 70-годишник? Или Трамп одеднаш сака нешто да прикрие? Многубројни новинари веќе истражуваа и дојдоа до сознание дека досега не е документирана некаква средба меѓу Путин и Трамп. Кога пред три години Трамп организираше избор за „Мис на светот“ во Москва, сакаше безусловно Путин да дојде како почесен гостин. Но, тој не дојде.

Russland Wladimir Putin

Владимир Путин

Други новинари претпоставуваат дека Трамп има деловни врски со руски олигарси и прима пари од Русија - шпекулации кои ги потхранува и самиот Трамп тврдокорно одбивајќи да ги објави своите даночни пријави. Тој планираше во Москва да гради „Трамп облакодер“ и „Трамп хотел“, но тоа не се реализира. Пропадна и обидот на Русите да им пласира „Трамп вотка“.

Меѓусебното воодушевување меѓу Трамп и Путин побргу е затоа што се ист тип на луѓе, смета Мајкл О`Хенлан, експерт за надворешна политика од тинк-тенк Институтот Брукингс. „Загрижувачки е дека Трамп во Путин препознава истомисленик, според мотото: `Ние силните земји ќе си го поделиме меѓу нас светот. Путин може да си ја има својата сфера на влијание се` додека ја остава нашата на мира`“, вели Мајкл О`Хенлан.

Но, доволно ли е сродноста на душите на двете алфа-ѕверки како објаснение за тоа што надворешно-политичките изјави на Трамп честопати звучат како Путин да му ги издиктирал по телефон? Трамп, на пример, смета дека НАТО е надживеано, а дали САД би ги бранеле балтичките земји зависело од тоа дали би биле доволно платени од нив. Како претседател може да си замисли официјално да ја признае руската анексија на Крим, рече Трамп на викендот: „Ќе го разгледам внимателно тоа. Но, според она што го слушнав, луѓето од Крим порадо би сакале да се во Русија“.

Во ова се вклопува и фактот дека делегатите на Трамп на партиската конвенција се погрижија од партиската програма на Републиканците да се избрише залагањето за поголема испорака на оружје на Украина.

За кратко време Трамп ги урна повеќедецениските принципиелни убедувања на Републиканците: национализам наместо интернационализам, протекционизам наместо слободна трговија, „САД на прво место“ наместо обврската за помош во рамките на НАТО. Мит Ромни, претходник на Трамп како претседателски кандидат на Републиканците, уште ја означуваше Русија како „геополитички противник број еден“. Затоа не е за чудење дека Путин би се радувал да го види Трамп во Белата куќа.

DW.COM

Реклама