Трамп и потрагата по еднорогот | Свет | DW | 21.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп и потрагата по еднорогот

Апсурден театар во Вашингтон. Директорот на ФБИ Џејмс Коми по барање на Белата Куќа треба да го истражува она што никогаш не се случило. Тоа е чисто губење време, оценува Миодраг Шориќ.

Џејмс Коми треба да истражува кога и како администрацијата на Обама го прислушувала изборниот тим на претседателскиот кандидат Доналд Трамп. Притоа, директорот на ФБИ Коми - и други припадници на тајни служби - повеќепати изјавија дека нема никакви докази оти Трамп бил прислушуван.

Секој кој е барем малку разумен најдоцна во тој момент би требало да се откаже од намерата на продолжување на истрагата. Но, не и Доналд Трамп. Тој не потклекнува. Неговиот портпарол објави: истрагата допрва почнува. Со други зборови: Коми и неговите колеги уште многу месеци ќе се занимаваат со нешто што никогаш не се случило. Исто како да тргнале во потрага по еднорог само затоа што авторот на некоја книга за деца тврди дека тој постои. И тоа е начин за трошење милиони долари од даночните обврзници.

Демократите не се подобри. И тие се во потрага по доказен материјал. Тие инсинуираат дека актуелниот претседател бил избран само благодарение на помош од страна на Кремљ. Има докази за средби на соработници на Трамповата предизборна машинерија и руската страна, но јасен доказ дека Кремљ и Трамп се договарале или дека влијанието на Москва било решавачки за изборите - нема. Истрагата на американските тајни служби досега не донесе пробив.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Но, тоа не им пречи на демократите. Тие инсистираат на тоа ФБИ, НСА или ЦИА и натаму да ја истражуваат врската на претседателот со Москва. Можеби сепак нешто ќе биде пронајдено? А, и доколку не биде: само поради фактот што обвинувањата постојано ќе се повторуваат, претседателот ќе биде претставен во лошо светло. Тоа има ефект. Рејтингот на Трамп во моментов е на екстремно ниски 39%. Збрката во главниот град му нанесува штета на неговиот авторитет. Тоа предизвикува бес кај човекот кој и онака лесно се возбудува.

Нема време за граѓаните

Американските пратеници се зафатени со политички игри. Тие, за разлика од Германија, немаат толку многу време да се занимаваат со решенија на вистинските проблеми. Зашто, нивните сонародници секои две години избираат нов Претставнички дом. Со оглед на тоа што пред да се излезе на избори има кампања, пратениците може да се занимаваат со носење законски иницијативи само непосредно по влегувањето во парламентот. Тоа го прави овој период дотолку подрагоцен, или барем би требало да го прави.

Америка под раководство на Доналд Трамп е земја полна со возбуда, со инсценирана вонредна состојба која никако да заврши. Политичката класа ги потисна, ги заборави интересите на сопственото население. Борбата за власт стана цела сама за себе. За реформа на здравството, на даночниот систем или на инфраструктурата не останува време, нема сила.

Непријателите на Америка ќе се радуваат. Неговите пријатели и сојузници, меѓу нив и Германија, мора да се замислат: можеме ли и натаму навистина да сметаме на американската политика, или потрагата по еднорогот сосема ќе ја апсорбира?

DW.COM

Реклама