1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дел од американските војници од Германија ќе одат во Полска

ЖА
25 јуни 2020

Американскиот претседател Трамп сака да го казни Берлин и да го намали бројот американски војници во Германија. При посетата на полскиот претседател Дуда, најави намера да премести дел од трупите во Полска.

https://p.dw.com/p/3eIz8
US-Präsident emfängt Polens Präsidenten Duda
Фотографија: AFP/S. Loeb

Американскиот претседател Доналд Трамп има намера по планираното повлекување на речиси 10.000 американски војници од Германија, да ги засили трупите во Полска. На прес-конференцијата со полскиот претседател Анджеј Дуда во Белата куќа, Трамп потегот го објасни со недоволните издвојувања на Германија за одбраната. Дел од војниците стационирани во Германија, рече Трамп, ќе се вратат во САД, додека друг дел ќе биде прераспределен низ Европа, а „Полска ќе биде една од овие локации."

На Трамп не му се допаѓаат потезите на Германија

Американскиот претседател одново го критикуваше гасоводниот проект Северен тек 2, со кој ќе се носи гас од Русија во Германија. „Германија ѝ плаќа милијарди долари на Русија за купување енергија преку овој гасовод, но истовремено сака САД да ја заштитуваат од Русија. Тоа не оди едно со друго", истакна Трамп.

„Мислам дека луѓето во Германија се многу незадоволни поради тоа".

Повеќе:

Трамп ги повлекува трупите и остро ја критикува Германија

Економски стравувања: Што ако американските војници заминат од Германија?

Трамповата казна за непослушната Германија

Што ќе значи повлекувањето на американските војници од Германија

Американскиот претседател ја потврди намерата бројот на американски војници стационирани во Германија да биде редуциран од сегашните 34.500 на 25.000. Колкумина ќе бидат преместени во Полска, не е јасно. Но, факт е дека полската национал-конзервативна влада одамна инсистира на доаѓање американски трупи во земјата, првенствено како заплашување на Русија. Претставите на Варшава одат дури и до постојана американска воена база во Полска, која во полската јавност често се нарекува и „Форт Трамп".

Полска ја достигна целта од два проценти

Досега во Полска се стационирани околу 5.000 американски војници. Претседателот Трамп укажа дека Полска, покрај САД, спаѓа во сегашните вкупно осум НАТО-членки кои ја исполнуваат целта од два проценти, а Германија плаќа само дел од тоа, „нешто повеќе од еден процент", како што рече тој.

Целта на НАТО – два проценти, предвидува сите сојузници во Алијансата до 2024 година да издвојуваат најмалку два проценти од својот Бруто домашен производ за одбрана. Германија во изминатите години значително ги зголеми издатоците за воениот буџет, но лани тој изнесуваше 1,38 проценти од БДП.

Евентуалното преместување на американски војници од Германија во Полска беше постојана тема во изминатите недели. Полскиот претседател Дуда притоа истакна дека американските трупи не смеат да бидат повлечени од Европа. Американското воено присуство на Европа ѝ гарантира сигурност по крајот на Втората светска војна, што не смее да се промени, изјави Дуда.