1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Тивкото мнозинство на Ковачевски

31 март 2022

Опцијата пред Ковачевски во следните месеци е да се соочи со предвремени избори или да ги избегне преку длабока, широка реконструкција на сопствениот кабинет, владата, дипломатијата и односот кон општеството.

https://p.dw.com/p/49GGR

На барање на публиката, Македонија доби трета опција. Во ликот на Димитар Ковачевски и неговиот X-фактор стил на владеење без фанфари, вибер-дипломатија и тапани во тунел. Не станува збор за негов подем, раст на популарност или подршка кај граѓаните. Попрво станува збор за неговата статично издигање акцентирано од тонењето на ривалите во неговата матична партија и класичната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заминувањето или отстранувањето на Зоран Заев од владата и партијата ја растерети сцената од товарот на лични пизми и клановски ривалства кои ја држеа земјата на раб на колективна хистерија.

Вистина, Ковачевски сам по себе не е ни прва, ни втора, ниту трета опција. Сѐ додека не се стави во споредбена улога со враќањето на отпишаните Тихи (Црвенковски), Прле (Шеќеринска) и Паја (Димитров) и нивната „авангарда на експерти и стручна јавност”. Ако ништо друго, Ковачевски покажа дека всушност Македонија може да опстои и секако ќе постои без наведените вечни скојевци и нивните магли. Со харизма позајмена од санта мраз, со моден стајлинг позајмен од ‘Евтинија' и поставеност соодветна на возраста, Ковачевски е лоботомична игла среде нервот на „јавноста” и ладно пиво за општеството заситено од кавги на деструктивни титани.

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Заминувањето на Заев го растовари Ковачевски од баналниот рефрен за „едно општество” подеднакво како и од „стратегијата на помирување” склучена со Мицкоски. Со првото растоварување Ковачевски си овозможи директно договарање со ДУИ, лишено од посредништвата на „профи-Албанци” наследени од Црвенковски или Заев. Со тој пристап, Ковачевски ја амортизира бунтовноста на Ахмети против инфилтраторот Заев и воедно ја отвори можноста за евентуално враќање на респектабилен број гласови од Албанците на следните избори. За разлика од Заев кој презирот кон Албанците го прикриваше со се понедостојни иронични гримаси, цинични двосмислености и глумење наивност, пристапот на Ковачевски е далеку пометодичен, лишен од емоционалности, вербално досаден и целосно различен од вообичаената препотентна а спразна, арогантна а кукавичка, националистичка а непатриотска поза на школата на СДСМ. Тоа е голема предност на Ковачевски и неочекувана главоболка за Али Ахмети. Доколку Заев во телефонскиот именик на Ахмети беше заведен како Камиказа, сетики Ковачевски заслужува да биде заведен како Вирус. Доколку првиот надимок се должеше на самоубиствената умисленост на провинцијален фактор во Скопје, вториот е секако одраз на природата на новиот Премиер подеднакво како и на ослабениот имунитет на Ахмети.

Повеќе од авторот: Кличко го нокаутира Хантингтон

Дали Ковачевски се среќава со Мицковски? Се разбира и подразбира, нередовно но често. Но одбивањето на Ковачевски да продолжи со јавните моно-етнички средби тет-а-тет или во сенка на фикусот од Водно, укажува дека за разлика од Заев, Ковачевски навреме разбрал дека една моно-етничка кохезија неминовно создава друга моно-етничка кохезија. А сепак, чинам дека тоа не е клучната причина за внимателното дистанцирање од праксата на Заев-Мицкоски за договарање зад и карање пред камери. Попрво би рекол дека тоа е прашање на потребата за апсолутна дискреција по прашање на државните политики, што налага остро кастрење на уши и очи во процесот на разрешување на тековните предизвици. Односот на Мицкоски, неговата партија и медиуми укажува дека тој или нема разбрано или не сака да разбере дека минатогодишното кастрење на владата и СДСМ од Шеќеринска, Димитров, Филипче не е само поради нивната непопуларност, туку е тесно поврзано со нужноста од апсолутна дискреција, доверливост, колегијалност и доверба со домашни, регионални и сојузнички фактори. Доколку Мицкоски не сака, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде принудено да разбере дека процесот на цементирање на доверливоста нема да ги одмине ниту нив, ниту ДУИ и секоја политичка партија во земјата.

Претседателите на владите во Скопје и во Софија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков
Претседателите на владите во Скопје и во Софија, Димитар Ковачевски и Кирил ПетковФотографија: Reg. Nordmazedonien

Жалбите и критиките за исклученоста од процесите на преговорите во спорот меѓу Македонија и Бугарија кои прво зачестија во Скопје а сега и во Софија, се доволни за паничарење на општествата. Но недоволни за промена на курсот и праксата се додека самите критичари не се докажат како веродостојни актери во процесите преку давање приндонес кон наоѓањето на решенијата наместо профитирање од контроверзите и споровите. За некои од нив докажувањето подразбира доброволно простување или дискретно отстранување од процесите за носење одлуки на највисоко ниво. За другите, подразбира умешност на напуштање на излитените, некомпатибилни модуси и адаптирање кон новите реалности на времето и поднебјето. Така да, кој врз какви темели и служби си ја градел кариерата и ќарот. 

Ерозијата на довербата на граѓаните во класичните партизирани медиуми и банализацијата на ботовските машинерии низ социјалните мрежи одамна ја има девалвирано битноста на факторот „јавност”. Овозможувајќи подем на тивкото мнозинство во општеството кои се чувствува комфорно во неагресивното сивило на Ковачевски и на дистанца од загадувачката трулост на наследените лидершипи од владејачките и опозициски партии. И тоа е секако добра можност за Ковачевски, но сепак далеку од тоа да биде и гарантирано добитна комбинација на следните избори.

Повеќе од авторот: Прва глобална војна

Присуството на Оливер Спасовски, Бојан Маричиќ, поведенијата на Тупанчевски, Фетаи се потсетници дека процесот на расчистување со минатото се уште не завршен. Ароганцијата на Артан Груби и амнестијата за Фатмир Бесими од секаква одговорност се исто така потсетници дека чистката се уште ја нема опфатено ДУИ. Третирањето на дипломатијата како азил за ислужени или награда за послушни покажува дека Ковачевски ја продолжува истата несовесна пракса на претходниците. Пред Премиерот се не повеќе од четири до пет месеци во кои желбата, чувството или претчуствувањето на општеството ќе може да го преврти во цементирана долгорочна подршка. Во спротивно, за очекување е дека сегашните слабости ќе бидат искористени од неговите ривали во партијата, опозицијата и факторите кои не сакаат промени. 

Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Вториот фактор кој треба да се има предвид е веќе ненадминливиот расчекор по прашање на евроинтеграциите помеѓу центрите во ЕУ и оние во САД. Шизма која е сама по себе проблематична, а сега засилена и со евидентната катарза во односот на САД кон регионалните актери. Примерот со триумфот на Бериша во Албанија, победата на Курти, враќањето на Мило Ѓукановиќ, дебаклот на преговорите во Босна и Херцеговина се процеси поврзани со една, иста невидлива нишка која се протега од Вашингтон до регионот. Од едната страна на нишката е дихотомијата во американската надворешна политика помеѓу идеолошки оптеретениот Стејт Департмент и прагматичниот воено-политички сегмент во Вашингтон. Од оваа страна на нишката е заситеноста на домашните општества од последиците на стратегијата на outsourcing во надворешната политика на САД диктирана од псеудо-либерализмот на Сорос.

Повеќе од авторот:  Значајниот молк од Централна Азија

Суштината на таа политика е фаворизирањето на тнр. невладин сектор на сметка на постоечките партии, водено преку псеудо-НВО креирани, финансирани и управувани од Отвореното Општество и Стејт Департментот. И тоа би било речиси прифатливо, доколку во обидот за истиснување на „ислужените, компромитирани, компромитирани” партиски мастодонти, Стејт Департментот не фаворизира не помалку ислужени, компромитирани и корумпирани мастодонстки групи и ликови од тнр. невладин сектор. Создавајќи една за нас погубно лажна, неодржлива илузија базирана врз едвај 2% финансиски самозадоволни исклучоци во општеството во мисија на докажување на „успешни реформи, економски пробиви, современи политики”. На сметка на апсолутното мнозинство кое ниту верува ниту ги прифаќа таквите пропаганди и самите пропагандисти. Овој пристап ја минира долгорочната верба во одржливоста на проектите предводени од сорос-идеолошкиот концепт и судбината на самиот сегашен Премиер. Ковачевски е секако дел од таа мантра со останатите експоненти на outsourced првенци на демократско-соросовската стратегија на „оптимизам по секоја цена”. И како таков, лесно потрошлив и лесно заменлив. Се додека е предвидлив. 

Опцијата пред Ковачевски во следните месеци - независно каков ќе биде епилогот на договорите со Бугарија и преговорите со Европска Унија - е да се соочи со предвремени избори или да ги избегне преку длабока, широка реконструкција на сопствениот кабинет, владата, дипломатијата и односот кон општеството. Периодот за решавање кон која опција ќе се приклони е веќе започнат и завршува пред летото. Временски теснец во кој Ковачевски има шанса да се докаже како актер достоен на улогата. Или пак како статист ги дочека есенските дождови во кои неговата роља ќе биде сосема споредна.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница