Украина: Трамп и Зеленски зборуваат за добар состанок
29 декември 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваа позитивно за нивните разговоринасредбата во Флорида. „Остварен е голем напредок, многу сме поблиску до руско-украински договор“, рече Трамп. Тој додаде дека сè уште има едно или две тешки прашања. Наредните недели ќе покажат дали може да се постигне решение за прекин на војната во Украина. Зеленски рече дека имал одлична дискусија со Трамп. Тие не изнесоа конкретни податоци за напредокот, на пример за прашањето за евентуалните територијални отстапки.
Нивните проценки за моменталната состојба на разговорите, исто така, се разликуваа во некои аспекти - на пример, во врска со безбедносните гаранции наменети да се спречи Русија повторно да ја нападне Украина по по евентуалниот прекин на огнот. Зеленски рече дека проблемот е решен 100 отсто, додека Трамп наведе 95 насто.
Европејците биле вклучени
Делегации од Украина и од САД претходно разговараа на приватниот имот на Трамп, Мар-а-Лаго. Според американскиот претседател, европските шефови на држави или на влади се придружиле преку видео врска. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, подоцна напиша на мрежата X дека е постигнат добар напредок за време на едночасовниот разговор. Европа е подготвена да продолжи со соработката со Украина и со американските партнери со цел да се зацврсти напредокот. „Непобитни безбедносни гаранции“ се неопходни од првиот ден.
Барање за помош од Русија за обнова
Претставниците на Русија, која ја започна војната пред речиси четири години, не учествуваа во билатералните разговори; САД се сметаат за посредник. По состанокот, Трамп рече дека Русија ќе помогне во обновата на Украина. Од Москва сè уште нема официјален коментар. Рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев напиша во првата реакција на X: „Целиот свет ги цени мировните напори на претседателот Трамп и на неговиот тим“.
Трамп: „Сериозни мировни намери“ и кај Путин
Уште пред состанокот, американскиот претседател рече дека е уверен дека може да се постигне договор за завршување на војната. Рускиот претседател Владимир Путин, како и Зеленски, има „сериозни“ мирни намери, рече Трамп. Тој нагласи дека, во случај на договор за мировниот план, Украина ќе добие „силни“ безбедносни гаранции во кои ќе бидат вклучени и Европејците.
Зеленски по состанокот изјави дека преговарачките тимови на двете земји ќе се состанат повторно во наредните недели за да ги финализираат сите договорени теми. Во јануари, може да има состанок во Вашингтон со Трамп, Украинците и Европејците, најави тој.
„Продуктивен“ телефонски разговор со Путин
Трамп разговарал со Путин по телефон кратко пред средбата со Зеленски . Разговорот поминал „добро и многу продуктивен“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл. Тој не даде дополнителни детали за содржината на разговорот.
Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека Трамп и Путин веруваат дека прекинот на огнот предложен од ЕУ и од Украина ќе го продолжи конфликтот. Понатаму, двајцата се согласиле дека Украина треба да донесе брза одлука во врска со регионот Донбас. Регионот Донбас ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск. Русија контролира големи делови од него, но исто така тврди дека поседува и области што никогаш не ги освоила. Според Ушаков, телефонскиот повик бил инициран од Трамп и траел околу еден час и 15 минути.