1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Преговори: Зеленски гледа „добри идеи“, Русија - напредок

ЖА /АРД
26 декември 2025

Украинскиот претседател Зеленски изрази задоволство по телефонскиот разговор со американските посредници Виткоф и Кушнер. И руското Министерство за надворешни работи гледа бавен напредок во преговорите со САД.

https://p.dw.com/p/55z4H
Украинскиот претседател Володимир Зеленски стои пред украинско знаме
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал „многу добар“ телефонски разговор со специјалниот претставник на САД Стив Виткоф и со советникот на американскиот претседател, Џаред КушнерФотографија: Yevhen Kotenko/Ukrinform/IMAGO

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски  изјави дека имал „многу добар“ телефонски разговор со специјалниот претставник на САД Стив Виткоф и со советникот на американскиот претседател, Џаред Кушнер. „Разговаравме за некои важни детали од тековната работа“, објасни Зеленски на социјалните мрежи. „Постојат добри идеи што можат да придонесат за заеднички резултат и траен мир“. Зеленски им се заблагодари на Виткоф и Кушнер за нивниот „конструктивен пристап, интензивна работа и љубезните зборови“. Тој нагласи: „Работиме вистински деноноќно за да го приближиме крајот на оваа брутална  војна што Русија ја води против Украина и да обезбедиме сите документи и чекори да бидат реални, ефикасни и сигурни“.

Русија забележува „бавен, но стабилен напредок“

Во средата, Зеленски изјави дека Украина  успеала да издејствува некои отстапки во најновиот нацрт на  планот од 20 точки  договорен меѓу Вашингтон и Киев за завршување на војната. Нацртот.  Москва моментално го разгледува нацртот. Тој предлага замрзнување на сегашната линија на фронтот, но исто така отвора пат за повлекување на украинските трупи и воспоставување демилитаризирани зони. Русија, која сè уште не се откажала од своите максималистички барања, сè уште не формулирала став за ова прашање - но во моментов исто така е вклучена во преговори со САД. „Во процесот на преговори за решавање на украинскиот конфликт, мислам на процесот на преговори со  Соединетите Американски Држави, може да се забележи бавен, но стабилен напредок“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, според државната новинска агенција ТАСС.

Повторно обвинувања против европските држави

Во исто време, таа се обиде да внесе раздор меѓу САД и Европа во мировните напори. Москва ги повикува своите колеги во САД „активно да се спротивстават на обидите на западноевропските земји да го торпедираат и поништат постигнатиот напредок во преговорите за Украина“, рече Захарова. По објавувањето на мировниот план од 28 точки, широко критикуван како „руска листа на желби“, европските шефови на држави и влади се приклучија на преговорите на страната на Украина, обидувајќи се,  во случај да се постигне договор, да го избегнат најлошото за земјата,  нападната пред речиси четири години  од страна на  Русија.

Борбите продолжуваат и на Божиќ

Во меѓувреме, нема  пауза во војната, дури ни на Божиќ. Киев за време на ноќта нападнал нафтени цистерни во рускиот град Темрјук. Неколку луѓе се убиени во  руските напади во Украина.