Нетанјаху: Европејците да го следат примерот на Трамп | Свет | DW | 11.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нетанјаху: Европејците да го следат примерот на Трамп

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од ЕУ-државите да го признаат Ерусалим за главен град на Израел, следејќи го примерот на САД.

„Основата за постигнување мир е прифаќањето на реалноста. Ерусалим е главен град на Израел и никој тоа не може да порекне“, изјави израелскиот премиер утрово на почетокот на средбите со ЕУ-министрите за надворешни работи во Брисел.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и за безбедност Федерика Могерини, напротив, истакна дека еднострано признавање на Ерусалим за израелска престолнина не доаѓа предвид за ЕУ. Решение треба да се постигне преку директни преговори, а целта мора да биде постоење на две држави, при што Ерусалим може да биде главен град за двете страни.

По одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, на викендот дојде до нереди во палестинските области, со учество на илјадници Палестинци. Статусот на Ерусалим се сметаше за едно од клучните прашања во преговорите меѓу Израел и Палестинците.

Frankreich Paris Emmanuel Macron und Benjamin Netanjahu (picture-alliance/E. Blondet)

Бенјамин Нетанјаху и Емануел Макрон: да му се даде шанса на мирот

Вчера, при посетата на Нетанјаху на Париз, на заедничката прес-конференција, францускиот претседател Емануел Макрон побара од израелскиот премиер да се одважи на храбри гестови кон Палестинците. Како еден од можните гестови го спомена замрзнувањето на доселеничката политика на Израел на палестински територии.

Макрон изјави дека на израелскиот премиер му го пренесол своето несогласување со одлуката на Трамп. Франција смета дека таа е во спротивност со меѓународното право и е опасна за мирот во регионот. Истовремено тој ги осуди сите форми на напади против Израел во последните денови. Макрон ја потенцираше заложбата за постоење две држави како решение на конфликтот меѓу Израел и Палестинците. 

Повеќе на темата: 

„Трамп не знае што прави"

Трамп долева масло на огнот

Нетанјаху не ја прифати критиката на одлуката на американскиот претседател, истакнувајќи дека колку побрзо Палестинците ќе се соочат со реалноста дека Ерусалим е главен град на Израел, дотолку побрзо е можен мир. Нетанјаху ги критикуваше европските реакции на одлуката на Трамп за еднострани, зашто не вклучуваат и осуда на ракетирањето на Израел од страна на Палестинците или подбуцнувањето против израелската држава.

Макрон пак во телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таипр Ердоган апелирал на негова умереност во однос на конфликтот меѓу Израел и Палестинците, откако Ердоган на собир на неговата исламско-концервативна партија АКП во Сивас изјавил: „Палестина е недолжна жртва, а Израел е терористичка држава.“

Нетанјаху од своја страна реагираше остро на изјавите на турскиот претседател: „Не сум навикнат да добивам лекции по морал од лидер кој ги бомбардира курдските села во својата земја, апси новинари, му помага на Иран во заобиколувањето на санкциите, а на терористите, и оние во Појасот Газа, им помага во убивањето недолжни луѓе.“

 

DW.COM

Реклама