Замор од Балканот или замор од Европа | Информации и анализи за Балкан | DW | 22.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Замор од Балканот или замор од Европа

Кризата отворена од страна на Путин, би требало да отвори нова страница во европските напори за забрзана интеграција низ пристапниот процес. На пример преку формирање на еден вид Европска Конфедерација.

Ивор Мицковски, автор на колумната

Ивор Мицковски, автор на колумната

Војните кои произлегоа од распадот на Југославија, желбата и идејата за Голема Србија, многу слична на онаа денес практикувана од Москва и „рускиот мир“, лудилото на Милошевиќ, како да беа предвесник за тоа што денес го прави Путин. Впрочем и југословенскиот распад и империјалното воскреснување на Русија по распадот на СССР, некако спаѓаат во истата идеолошка и политичка матрица. Се сеќава ли некој на 1,740 дена опсада на Сараево?! Или Западот и Европа кога денеска зборат за својот изгубен 30 годишен мир по падот на Берлинскиот ѕид, намерно ги забораваат југословенските војни, затоа што поголем дел од регионот и покрај сите деноминации, и понатаму не го гледаат ни како Западен, ни како Европски?!

Кризата отворена со инвазијата на Путин врз Украина, помалку ја буди меморијата на таа историска претходница и европска трагедија, но и потсетува на компликациите, поделеностите, тензиите и слабостите кои и понатаму го опфаќаат поголемиот дел од бурниот Балкански полуостров.

Евроинтеграциските процеси и перспективата за влез во ЕУ санкционирани уште во 2003-та година на ЕУ самитот во Солун, речиси 20 години подоцна, и понатаму доцнат во својата реализација, напротив дури и се уназадуваат. Реформите доцнат и кај земјите аспиранти, додека Европа делува како повторно погодена од еден вид на „Balkan fatigue“, замор од Балканот.

Остануваат нерешени серија на клучни прашања, почнувајќи од Дејтонскиот договор, кој можеби донесе мир, но донесе и таков институционален хаос кој денес се преведува во експлицитен обид за сецесија на босанските Срби. Нерешено останува и српско-косовското прашање, кое веќе некоја година делува како изгубено во политичката агенда на Европа. Ако на ова го додаме бугарско-македонскиот спор, односно, ревизионистичката и блокирачка политика на Софија кон Скопје, каде како предуслов за почеток на преговорите, се поставува националното, историското и јазично негирање на македонскиот идентитет, народ и нација, тогаш јасно е дека работите не само што стагнираат, туку и се влошуваат.

Повеќе од авторот: Путин - лидер на недемократскиот свет

Војната во Украина наместо да го вклучи алармот во ЕУ и да ја потсети дека нејзин геополитички интерес е интеграцијата на Запад Балкан, делува како дополнително да ја оддалечува од стратешкиот императив на Европа, целосно да го интегрира континентот. И тоа токму во моментот кога присуството и влијанието на надворешни протагонисти само ја комплицираат состојбата во регионот и го подигаат нивото на тензии.

Тука се мисли пред се на Русија, која тоа што не успеа да го направи во 90-тите, сега се обидува да го оствари преку поддршка на најрадикалните елементи во Србија и Босна, а ништо помалку и Бугарија. Засилен од поддршката на Путин, Милорад Додик де факто го започна процесот на сецесија на Република Српска од Босна и Херцеговина. И токму Босна може да се претвори во нов фронт на судир помеѓу САД и Русија, иако САД суштински делуваат незаинтересирани за БИХ. Специјалниот претставик на Вашингтон за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се ограничи како излез на босанската криза да предложи брз влез на Сараево во ЕУ, нешто што делува крајно нереалистично на подолг план. Европа самата делува нејасно и поделено, каде додека Европската комисија размислува за санкции кон Бања Лука, унгарскиот министер за надворешни Сијарто, веќе го најави своето противење и вето. Оската Будимпешта - Бања Лука се продлабочува, како што останува витална и во Македонија на релација Орбан – ВМРО. Познавајќи ги структуралните институционални и социјални слабости на Сараево, БИХ може да се покаже како идеален терен во случај кога Путин би посакал да испровоцира ескалација во регионот со цел да ја замаскира својата „(не)победа“ во Украина. 

Гледај видео 01:54

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Србија на Вучиќ, и покрај еквилибризмот помеѓу Русија и евроатлантските институции, останува силен сојузник на Москва, додека тивко и по теркот на Русија, ги гаи своите геополитички амбиции за „српскиот свет“ и Голема Србија, насочени и кон Босна, но ништо помалку и кон Македонија, во еден веќе не толку суптилен империјалистички натпревар со Бугарија. Како што повеќе не е суптилен ни судирот во самата бугарска политика помеѓу силните и конзервативни проруски политичари, и млаките проевропски и американски диригирани политичари, кои сеуште не знаат како да го надминат, намалат или заобиколат влијанието на овие првите.

Повеќе од авторот: Судирот на Путин со историјата

Ништо помалку за потценување не е ни Кина, која со својот проект „Појас и пат“ длабоко пенетрираше во регионот, создавајќи една засрамувачка финансиска зависност, пред се во Црна Гора. Но, уште позастрашувачки е потегот од пред десетина дена, кога Кина испорача поголема количина на ракетни системи за противвоздушна одбрана HQ-22 SAM во Србија. Доставата на кинеско вооружување во Србија се сфаќа како порака, сигнал на сила испратена до администрацијата на Бајден, но и до украинскиот претседател Володимир Зеленски, за зајакнатата соработка и сојуз помеѓу Москва и Пекинг.

Кина испраќа две конкретни пораки, каде првата е дека Пекинг постигнува голем напредок во воената логистика и продажбата на воена опрема во странство. Ова е прв пат шест кинески воени авиони Y-20, да продрат на европско тло, и тоа прелетувајќи преку небото на две НАТО членки, Турција и Бугарија, во екот на руската инвазија во Украина. Второ, Србија заедно со Унгарија, е една од земјите преку кои Кина планира да ја базира својата пенетрација во источното крило на американската сфера на влијание. Со тоа Србија се претвора во порта за влез на кинеските интереси во Европа, нешто што дополнително треба да го загрижува Западот, откако Русија и Кина го договорија своето „пријателство без граници“.  

На се ова не треба да се заборави и силната пенетрација на Турција и нејзините неотомански амбиции кои најдобро се истакнуваат во Босна, во добар дел од јужна Србија, делумно во Македонија, и на голема врата во Албанија, најотоманската земја од сите држави на Балканот. Во Босна, Анкара кокетира и балансира помеѓу односите со муслиманите и босанските Срби, каде и Додик после посетата на Турција во ноември лани, јасно потенцираше дека интервенцијата на Ердоган е незаменлива за фер решавање на босанското прашање. Нешто што пронајде потврда и во јануарската средба помеѓу Вучиќ и Ердоган кои начелно се договорија заедно да го водат процесот на решавање на босанската криза. Се разбира, во очекување на потезите и насоките од Москва.

Повеќе од авторот: Владетелот мора да биде здрав

Конечно, бугарското однесување кон Македонија, не претставува само тотално повампирување на веќе и онака штетните национални вета во рамки на Унијата и нејзините интегративни процеси. Настрана суштината и содржината на неразумните позиции на Бугарија во однос на Македонија, Софија веќе директно ја инволвира ЕУ во спорот, пред се затоа што ги загрозува нејзините надворешнополитички и геополитички интереси, а потоа и затоа што ги руши европските вредности и принципи, додека прима директна помош и пари од европските фондови. Бугарија со своето однесување ги загрозува и американските интереси на Балканот и во Европа, нешто што не верувам дека долго ќе биде оставено на стерилни покани да се престане и оконча со наметнатиот спор. Дојден е моментот тие пораки да се претворат во реален притисок кон Софија за симнување на ветото. Дополнителен поттик за тоа треба да е амбивалентната позиција на Бугарија кон руската инвазија, како и фактот дека Бугарија и Унгарија остануваат единствените земји во ЕУ и НАТО кои не помагаат во одбраната на Украина. И ако се тоа не е доволно, тогаш ќе го додадеме и фактот дека членка на ЕУ и НАТО како Бугарија го користи кон Македонија истиот, идентичен наратив на Путин кон соседна Украина. 

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Се ова ја турка Европа во правец итно и ургетно да се посвети на Балканот. Кризата отворена од страна на Путин, би требало да отвори нова страница во европските напори за забрзана интеграција низ пристапниот процес. Еден од начините тоа да се оствари е преку формирање на еден вид на Европска Конфедерација, во која покрај постоечките 27 држави, би влегле и сите земји кандидати. Со формирање на таква Конфедерација, не би се заменила актуелната формална процедура на пристапните преговори, која паралелно и понатаму би продолжила, туку би се понудила оддржлива алтернатива на постоечкиот и ригиден бинарен систем, каде одредена земја е или внатре или надвор од ЕУ.

Европа мора да си признае дека процесот на реформирање на нејзините институции и процесот на проширување мора паралелно и истовремено да се спроведат. Тоа треба да биде еден единствен процес и проект. И тоа е единствениот начин да се избегнат нови насилства, егзодуси и уназадувања на Балканот и да се избегне балканскиот замор од Европа.

 

Поврзана содржина