1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Deutschland | M1 Abrams Panzer der US Armee
Фотографија: Patrik Stollarz/AFP/Getty Images
Конфликти

Дали неутралноста е опција за Украина?

Кристоф Хаселбах
25 март 2022

Русија бара Украина да исклучи членство во НАТО. Но, дури и традиционално неутрални земји денес се вртат кон НАТО, поради заканата која произлегува од Русија.

https://p.dw.com/p/491S8

Неутрална Украина по шведскиот или примерот на Австрија? Тоа руското водство го побара кон средината на март во преговарачката рунда како начин за излез од војната. „Тоа е варијанта за која се разговара и која може да се толкува како одреден компромис", рече портпаролот на Кремљ, Димитри Песков на 16 март. 

Меѓу нејзината независност стекната во 1990 и до 2014 Украина и формално беше  неутрална.  Но, по анектирањето на Крим од страна на Русија, украинскиот парламент се откажа од таквата политика. 

На почетокот на 2019 со големо мнозинство ги изгласа промените на Уставот и од тогаш не само членството во ЕУ, туку и во НАТО се државни цели од уставен ранг.

Русија се обидува ова да го спречи по секоја цена, но и самата НАТО има одбивен став, бидејќи не сака да биде вовлечена во војна против Русија. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во меѓувреме призна дека целта за зачленување во НАТО очигледно е недостижна.

Неутралност по сопствен избор или наметната? 

Дали неутралноста може да биде опција за Украина? Како можни примери се истакнуваат пред сѐ три земји: покрај Австрија и Шведска се наведува и Финска. Сите три имаат различна историја. 

Австрија на крајот на втората светска војна, исто како и Германија, беше окупирана од победничките сили. Советскиот Сојуз се согласи да се повлечат само поради тоа што Австрија во државен догвор во 1955 се обврза на „трајна неутралност”.

Леос Милер е историчар на Универзитетот во Стокхолм и автор на книгата „Неутралноста во светската историја”. За ДВ пишува дека во случајот со Австрија „неутралноста дошла во договор наметнат од големите сили”. 

Шведска наспроти Австрија, самата избрала да заземе неутрален став. Таа е на сила повеќе од 200 години, откако земјата во војната против Русија во 1809 морала да ја отстапи територијата на сегашна Финска, која тогаш била дел од Шведска, на Русите. 

Финска пак за независноста самата се изборила во 1917 година и по две војни со Советскиот Сојуз успеа да си ја сочува и за време на Втората светска војна. „Немаше да го сочуваме нашиот суверенитет без самопрогласена, прагматична и во никој случај идеолошка неутралност”, појаснува за ДВ поранешниот премиер на земјата, Александер Штуб. Но, „просторот за безбедносно-политички маневри и носење меѓународни одлуки за Финска за време на студената војна беше многу ограничен".

Неутрални земји учествуваат во маневрите на НАТО

Во сите три случаи таквата неутралност во текот на децениите се разводнуваше. Австрија,  Шведска и Финска до ден денешен не се членки на ниту еден воен сојуз, но заеднички пристапија во Европската унија во 1995. А, таа има и заедничка надворешна и безбедносна политика со воени елементи. Неделава министрите за надворешни работи на земјите членки усвоија план за формирање единица за брза интервенција од 5000 војници. 

Особено двата соседа на Русија,  Шведска и Финска  се стремат кон воена соработка со НАТО. На пример учествуваат во големиот маневар „Студен одговор” на северот на Норвешка само неколку стотина километри од руската граница. Маневарот бил планиран долго пред војната во Украина и Русија беше информирана за тоа. Но, сега воената вежба има сосем друго значење. Во јуни минатата година  Шведска и Финска беа проактивни и поканија седум членки на НАТО, меѓу кои и Германија, на заедничка вежба „Арктички предизвик 2021”. 

Infografik Karte Skandinavien Russland DE
И Шведска и Финска се чувствуваат загрозени од Русија

Големо мнозинство во Финска за зачленување во НАТО

Војната во Украина сосема ја промени ситуацијата. За разлика од Австрија, која географски лежи во средиштето на Европа, Шведска и Финска се чувствуваат „стратешки експонирани” во однос на Русија, вели Милер. Како аргумент ја наведува долгата финско-руска граница, деликатната ситуација во земјите членки на НАТО, Естонија и Летонија со малцинствата од руско говорно подрачје и силно вооружаната руска ексклава Калининград на Балтичко Море.

Ново е тоа што сега и во Шведска и во Финска интензивно се дискутира дали треба да се откажат од неутралноста и да бараат заштита во рамки на НАТО. Тогаш и за нив би важела обврската за меѓусебна поддршка според член 5 на Договорот за Алијансата: напад врз една членка се третира како напад врз сите и мора заедничка да биде и одбраната. 

Руси бегаат во Финска

Поранешниот премиер Штуб смета дека Финска „дефинитивно” ќе се зачлени. „Прашањето не е дали тоа ќе се случи, туку кога”, вели тој за ДВ и додава дека според него „за неколку месеци” земјата ќе поднесе барање за членство. Според најновите анкети, 62% од Финците се за членство, само 16% се против. „Возот тргна”, вели Штуб, а „крајна дестинација е седиштето на НАТО”. Ако Финска поднесе такво барање, таа ќе биде „најдобредојдена” рече германскиот канцелар Олаф Шолц. 

Леос Милер од Стокхолм пак е повнимателен во проценките. Таму има релативно мнозинство од 41% „за" во однос на 35% кои се против членство во НАТО. На парламентарните избори во Шведска прашањето за членството во НАТО ќе биде „главна тема”. Од почетокот на војната во Украина расположението е многу променето, вели Милер кој смета дека „ако двете земји се зачленуваат, тоа ќе биде истовремено и координирано”.

 „Демилитаризација би била незамислива за неутрална земја“

Па така две земји кои сега би можеле да се откажат од својата неутралност поради руската закана, веќе и не се соодветен модел за Украина. Во Австрија досега немало вакви придвижувања во однос на неутралниот статус, но Австрија геостратешки е во сосем поинаква позиција од нив.

Без разлика кој пример и да се земе, Леос Милер верува дека неутрален статус нема да функционира за Украина: други држави или организации, како што се САД, Русија или НАТО, ќе мора да ја гарантираат оваа неутралност и да ја заштитат Украина во случај на напад. 

„Но, тоа бара функционално меѓународно право, функционални договори и организации. Денес Русија го прекршува токму сето тоа”.  Дополнително, Русија бара „демилитаризација“ на Украина - „незамисливо барање за неутрална земја“, категоричен е Милер. Како на Шведска или Швајцарија, и на Украина ѝ е потребна одбранбена структура.

Украина веќе има доживеано ситуации во кои се покажало дека меѓународните гаранции на крајот може да бидат безвредни: во 1994 година, во Меморандмот од Будимпешта таа се обврза да се откаже од нуклеарното оружје што требаше да го добие од стечајниот имот на Советскиот Сојуз. За возврат, Русија, САД и Велика Британија се обврзаа да го почитуваат суверенитетот и границите на Украина. 20 години подоцна Русија го анектира украинскиот Крим – а, двете западни сили тоа го дозволија.

Ист момент како во 1914 година

И шведскиот историчар Милер и поранешниот фински премиер Штуб сметаат дека војната во Украина е драматична пресвртница.

Војната на Путин  моментално го уништува светскиот поредок воспоставен по 1945 година“, вели Леос Милер. Александар Штуб додава: „За мене ова е како момент од 1914 или 1939 или 1989 година на нашата генерација“.

По Железната завеса од Студената војна, сега ќе има нова завеса во Европа и „Русија ќе биде целосно изолирана“. Се разбира, во одреден момент ќе мора повторно да се занимаваме со Русија. „Но, за мене како Финец драматично сознание е дека во догледна иднина веројатно нема да имаме никаков контакт со нашите соседи со кои нѐ дели граница долга 1340 километри.“  Доколку Финска се откаже од својата неутралност и стане членка на НАТО, Русија и западната Алијанса ќе имаат директен допир на оваа долга граница во северна Европа.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Nord-Mazedonien | Feierlichkeiten zum 151 Geburtstag von Goce Delcev (Goce Delchev)

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев во тензии

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница