1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев бара цврсти гаранции, а не неутралност како Шведска

ЕМФ | дпа
16 март 2022

Украинското раководство им се спротивстави на изјавите од Кремљ за можна неутралност на Украина по урнек на Шведска.

https://p.dw.com/p/48Z4M
BdTD Ukraine | Mutterland Statue in Kiew
Фотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Она што ѝ е потребно на Украина е „моќна група поддржувачи со јасно пропишани безбедносни гаранции“, напиша денеска на Телеграм советникот на украинскиот претседател Зеленски, Михајло Подољак. Со укажувања за наводни предлози на Киев за неутралност по шведски или австриски урнек, Москва само се обидува да добие иницијатива во преговорите, вели Подољак: „Украина се наоѓа во директна војна со Русија“, нагласува Подољак и додава дека затоа на земјата не ѝ е потребен шведски иили каков било друг модел, туку е потребен „украински модел“, односно безбедносни гаранции од партнерите кои лиферуваат оружје кога е тоа неопходно и затворање на небото над Украина кога земјата би била напаѓана од воздух.

Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „опција за која се дискутира во моментов“ е неутралност на Украина по урнекот на Шведска или Австрија. Според Песков, моделот на неутралност би можел да се смета за „компромис“.

- повеќе: Американскиот сенат го осуди Путин како воен злосторник

Рускиот преговарач Владимир Медински оцени дека разговорите со Украина одат тешко и бавно. „Се разбира дека би сакале сѐ да се одвива многу побрзо, тоа е сериозна желба на руската страна. Сакаме мир што е можно побрзо“, изјави Медински за руската агенција Интерфакс. Тој додава дека Украина би морала да биде „мирна, слободна, независна и неутрална“ и да не биде членка на „воени блокови, да не биде членка на НАТО“.