1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Северен тек 1: Гасот повторно тече, неизвесноста останува

Gurkov Andrey Kommentarbild App
Андреј Гурков
22 јули 2022

Путин нема да се откаже од гасот како оружје и ќе продолжи да ги уценува Европејците. А тие ќе мора да го издржат тоа за да добијат време да ги наполнат резервоарите за складирање гас за зимата, смета Андреј Гурков.

https://www.dw.com/mk/%D0%B3%D0%B0%D1%81%D0%BE%D1%82-%D0%BA%D0%BE%D1%98-%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%BD%D0%BE-%D1%82%D0%B5%D1%87%D0%B5-%D0%BD%D0%B8%D0%B7-%D1%81%D0%B5%D0%B2%D0%B5%D1%80%D0%B5%D0%BD-%D1%82%D0%B5%D0%BA-1-%D0%B5-%D0%B5%D1%82%D0%B0%D0%BF%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D0%B1%D0%B5%D0%B4%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D0%B5%D0%B2%D1%80%D0%BE%D0%BF%D0%B0/a-62561159
Гасот повторно тече низ Северен тек 1, но прашање е до кога. Карикатура на Сергеј Елкин
Гасот повторно тече низ Северен тек 1, но прашање е до кога. Карикатура на Сергеј Елкин

Низ гасоводот Северен тек 1, по десетдневниот ремонт, во четвртокот (21 јули 2022) повторно протече гасот од Русија кон Европа, иако не со максимален капацитет. И покрај тоа, во Европа, а особено во Германија, тоа предизвика олеснување. Во најголемата европска земја и во најголемата европска економија постоеше страв дека Русија, со овој или оној изговор, може целосно да го затвори овој најважен гасовод.

Путин не го испушта од рака гасот како оружје

Но, рускиот претседател Владимир Путин очигледно не сака да го испушти од рака своето омилено и сѐ уште многу моќно оружје. Ако по некоја случајност му наредеше на концернот Газпром да не ја обновува испораката на гас преку Северен тек, тоа  ќе значеше оти тој дефинитивно ги урнал сите мостови зад него. Во меѓувреме, дури и најнаивните Германци веќе не се сомневаат дека во Русија, особено сега во времето на војната во Украина и целосната конфронтација со Западот, токму Путин е тој што лично носи такви стратешки одлуки.

Во случај на целосен прекин на протокот на гас преку Северен тек 1, Европската унија веднаш ќе го активираше највисокиот степен на енергетска вонредна состојба и ќе применише веќе подготвени планови за снабдување со енергија во случај на најголема нужда. Тоа би значело и ембарго за увоз на руски гас, кој, сепак, не би го вовела ЕУ, туку самата Русија. Потоа, на Русија ќе ѝ беше тешко повторно да продолжи со испораката во краток временски период. Тоа меѓутоа за Москва би значело признание дека без клиенти во Европа, Газпром навистина не знае каде со огромните количества гас што ги експлоатира во западен Сибир.

Андреј Гурков, автор на коментарот
Андреј Гурков, автор на коментарот

И така, тој државен концерн ќе продолжи да заработува девизи за државната каса. Ова е многу важно особено во овој момент, кога рускиот јаглен речиси исчезна од европскиот пазар, а со нафтата тоа треба да се случи до крајот на годината. Но, за Москва, одржувањето на Северен тек 1 во функција е многу поважно како средство со кое ќе продолжи да ја држи Европа во состојба на страв со закани за целосно прекинување на испораките на гас.

Газпром и натаму може да ги уценува Европејците

Газпром и натаму ќе може, повикувајќи се на неиспорачаните турбини и други технички детали, наеднаш да го намали протокот на гас по своја волја, како што последен пат се случи во средината на јуни, непосредно пред посетата на лидерите на Германија, Франција, Италија и на Романија на Киев, за време на која на Украина ѝ беше пружена помош во однос на кандидатскиот статус за членство во Европската унија. Путин и натаму, како неодамна во Техеран, ќе може да најавува дека количеството на гас преку Северен тек 1 мора да се намали на една петтина од капацитетот или ќе бара пуштање во употреба на Северен тек 2.

Во ваква понижувачка ситуација, Европа, а особено Германија, како еден од главните виновници за сегашната зависност од рускиот гас, нема друг избор освен да стиснат заби и да издржат, за да добијат во време. Време што е потребно за да се наполнат складиштата за гас за зимата што е можно повеќе.

Зависноста од рускиот гас значително ќе се намали во 2023-та

Во моментов европските складишта се во просек наполнети околу 65%. Тоа е задоволувачко ниво. Тоа ја прави реална целта за пополнување на 80 или 90 насто во наредните три месеци. Притоа, би требало да се каже оти Полска, Шведска и Данска оваа цел ја остварија, додека Чешка, Шпанија и Франција се приближуваат до неа. Германија е на 65 насто.

Со полни складишта се отвора можност за снижување на моментално астрономските цени на гасот. Но, за Европа во моментов е поважно нешто друго: по секоја цена да создадат доволно залихи за во зима да не дојде до драстичен недостаток на енергија или дури до присилни исклучувања на индустриските потрошувачи. Тоа со себе би можело да донесе верижна реакција - укинување на производството, со што би бил отворен патот кон рецесија и економска криза. 

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

Сѐ се врти околу претстојната зима. Веќе наредната година состојбата би требало да се подобри, бидејќи треба да се зголемат количествата на гас преку гасоводите од други земји, а се очекува и отворање на терминал за течен гас (ЛНГ), што, исто така, треба да го намали притисокот. Својот ефект би требало да го покажат и многубројните мерки за штедење на енергија. Германската влада проценува дека во летото 2024 година зависноста од рускиот гас би можела да стане минато.

Најважна задача - да се наполнат складиштата

Но, во моментов зависноста е сѐ уште преголема, што целата ЕУ ја прави лесна цел за политички и за економски притисоци. А тоа пак ја ограничува можноста да ѝ се помогне на Украина. Затоа сега најважна задача за ЕУ е да ги наполни своите гасни складишта. За да се оствари таа цел, мораат да се трпат игрите на Путин, па дури ако треба и да се прифатат.

Ако Путин верува дека со помош на гасот ќе ја држи Европа во рака, нека го мисли тоа и натаму. Нека се радува на илузијата дека тоа во иднина ќе биде можно. Нека се радува!

Сакаше да му се врати Сименсовата гасна турбина која беше на ремонт во Канада? Правилна е одлуката таа турбина и да се врати. Дали ќе му биде потребна и некоја друга опрема за поправка на Северен тек 1? Во ваква ситуација е потребно, како во вистинска војна, привремено да се повлечеш од некои позиции за да се одржи севкупната борбена готовност.

И додека Путин ги игра своите игри со гасот и преку телевизија ѝ порачува на руската публика дека сè оди според неговиот план, ЕУ ќе ги наполни своите складишта со гас. Од таа гледна точка, фактот што гасот повторно се испорачува преку Северен тек 1, макар и во ограничени количества, е етапна победа за Европа. Европејците со тоа добија и во време и во гас.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница