Вучиќ кај Шолц: Останува ли Србија верна на Русија? | Информации и анализи за Балкан | DW | 04.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Вучиќ кај Шолц: Останува ли Србија верна на Русија?

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин го пречекува српскиот претседател Александар Вучиќ. Ќе се зборува за санкциите против Русија, но и за Косово. Косовскиот премиер Албин Курти исто така е во Берлин.

Ова ќе биде веројатно долг и непријатен ден за Александар Вучиќ во Берлин. На дневен ред се ставени многу контроверзни теми. Реизбраниот српски претседател сакаше да му се „обрати“ на својот народ уште минатата недела, а сега тоа обраќање е одложено за петок (6.05).

Дали Србија ќе ги преиспита односите со Русија?

Во фокусот на посетата на Берлин е прашањето - дали Србија сака да се откаже од прорускиот став. Околу две третини од Србите ја гледаат Русија како нивен најважен сојузник. Десничарски партии редовно одржуваат митинзи и гласно ја оправдуваат руската агресија на Украина.

Околу 90% од гасот во Србија доаѓа од Гаспром, во моментов по „братска тарифа“ од 270 долари за 1.000 кубни метри. На пазарот гасот чини три до четири пати повеќе. Особено пикантно: Во моментов се преговара за нова цена на испорака. Инфлацијата во Србија е над девет проценти, а руско ембарго за гас би го уништило ветувањето на Вучиќ за просперитет на неговите сонародници.

На канцеларот Олаф Шолц веројатно му се познати ваквите размислувања. Сепак, по руската инвазија на Украина, во Берлин се намали разбирањето за српската „политика на клацкалка“ меѓу Истокот и Западот, Москва и Брисел. Формулата на Вучиќ - го осудуваме нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина, но отфрламе какви било санкции против Москва - веќе не изгледа одржлива.

Увертирата за можен пресврт во Белград дојде минатиот четврток (28.04.2022) преку српските таблоиди, кои Вучиќ и неговата партија СНС ги држат на кратки узди и индиректно ги финансираат. На насловните страници, весниците, кои инаку некритички го идеализираат Путин, остро ја нападнаа споредбата на рускиот претседател на Донбас со отцепената поранешна српска покраина Косово.

Serbien | Wahlen | Aleksandar Vucic

Ќе ѝ го заврти ли Вучиќ грбот на Москва?

Косово, „најскапиот српски збор“

Олаф Шолц во Берлин го повика и косовскиот премиер Албин Курти, но со него се среќава одвоено од Вучиќ. Таму ќе биде и специјалниот пратеник на ЕУ за косовското прашање, Мирослав Лајчак. Под негово водство, Вучиќ и Курти, по речиси една година молк, ќе мора повторно да се погледнат в очи.

Ниту еден од нив веројатно не се радува поради тоа. Дијалогот за таканаречената нормализација на односите одамна е во мирување. Белград не ја признава независноста на Косово и инсистира на формирање на полуавтономно тело (ЗСО) на општините со мнозинско српско население во Косово, што беше договорено пред девет години. Курти го отфрла тоа и повторува дека разговорите со Белград мора да доведат до заемно признавање.

Сега Шолц очигледно сака да покаже дека косовскиот проблем нема да биде заборавен за време на војната во Украина. Напротив, Берлин сака да ги пополни празнините на Балканот каде што е забележливо руско влијание. Косовското прашање веројатно ќе биде најголемиот предизвик за германската влада, зашто Москва се смета за заштитничка сила во Белград - руското право на вето во Советот за безбедност на ОН гарантира дека Косово ќе остане надвор од Обединетите нации.

Außenministerin Baerbock im Kosovo

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, 10.03.2022

Босна: Ахилова пета за стабилност на Балканот

Сојузната влада сака и на други начини да покаже колку е важен Западен Балкан во нејзините очи. Политичарот на Зелените, Мануел Сарацин, е назначен за специјален претставник за регионот, а во Босна и Херцеговина на важната функција Висок претставник е поранешниот германски министер Кристијан Шмит. Според Дејтонскиот мировен договор (1995), Високиот претставник може самиот да донесува или отфрла закони.

Шмит тоа и го прави - особено во однос на напорите на Република Српска да станува сè понезависна. Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е особено пријателски настроен кон Путин, редовно се заканува со отцепување.

Така Додик станува сѐ повеќе проблем за Вучиќ, кој на Запад со години се презентира како „фактор на стабилност“, а дома владее со челична тупаница. Во Берлин се очекува Вучиќ да се дистанцира од Додик, што би требало да остави впечаток кај многу гласачи во Република Српска. Зашто таму за главен град се смета Белград, а не Сараево.

Christian Schmidt

Кристијан Шмит е Висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина од 2021 година

Западот не е сакан, а сепак е поважен?

Иако тој самиот со години поттикнува антизападно незадоволство во Србија, Вучиќ знае дека на неговата земја итно ѝ е потребно приближување кон ЕУ. И неговата економска политика е ориентирана кон Брисел. Околу две третини од српскиот извоз оди во ЕУ, додека Русија, со околу четири проценти, е речиси маргинален пазар. Само германските компании, привлечени од евтина работна сила и раскошни државни субвенции, вработуваат околу 70.000 луѓе во Србија.

Во последниот заклучок на Бундестагот, со кој се повикува на вооружување на Украина, германската влада бара да се „прегледа“ претпристапната помош на ЕУ за оние кандидати за ЕУ ​​кои ги „избегнуваат“ западните санкции. Ова веројатно значи и Србија.

Вучиќ повеќепати нагласува дека западниот притисок врз Србија е зголемен. Кон кои санкции би можел да се приклучи Белград во моментов, сè уште е целосно нејасно.

Дали е реално брзо приклучување во ЕУ?

Како и сите земји од Западен Балкан, и Србија официјално е на пат кон ЕУ. Но, балканските експерти тоа со години го опишуваат вака: ЕУ се однесува како да сака да се прошири на југоисточниот дел на Европа, а Србија се однесува како да сака да се реформира.

Војната во Украина даде трошка надеж дека работите би можеле да одат побрзо. Шолц неколкупати, без да биде прашан, рече дека ЕУ мора да ги исполни ветувањата кон балканските држави. Но, во Елисејската палата сè уште седи познатиот кочничар на проширувањето на ЕУ, Емануел Макрон. Приемот на нови членки не е особено популарен и меѓу западноевропските гласачи.

Затоа критичарите на Вучиќ дома стравуваат дека српскиот властодржец може автократски да си продолжи да ја води својата де факто еднопартиска држава без гласни критики од Западот. Така беше и во времето на Ангела Меркел - стабилноста на Балканот секогаш беше поставена пред почитувањето на демократските стандарди.