1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Бајден во „невозможна мисија“ на Блискиот исток

Ivor Mickovski
Ивор Мицковски
15 јули 2022

Mисијата на Џо Бајден ризикува да заврши неуспешно доколку не успее да создаде реална дистанца помеѓу земјите од Блискиот исток, пред сѐ мислејќи на Саудијците и Емиратите, и Русија и Кина. Колумна на Ивор Мицковски.

https://www.dw.com/mk/%D0%B1%D0%B0%D1%98%D0%B4%D0%B5%D0%BD-%D0%B2%D0%BE-%D0%BD%D0%B5%D0%B2%D0%BE%D0%B7%D0%BC%D0%BE%D0%B6%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B8%D1%81%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D0%BA/a-62480899
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Претседателот на САД Џозеф Бајден во средата ја започна својата прва посета на Блискиот исток, во текот на која ќе ги посети Израел, Западниот брег и Саудиска Арабија.

Агендата на Бајден е повеќе од амбициозна, како почеток на еден процес после замрзнувањето на односите со Палестинците од времето на Трамп и отворениот судир со принцот наследник на С. Арабија Бин Салман, после убиството на новинарот Кашоги. Но, ова се медиумските проблеми и прашања, суштинските се далеку подлабоки. Бајден е во мисија да му обезбеди гаранции на Израел околу напорите за воскреснување на иранскиот нуклеарен договор; да создаде заедничка воздушна одбрана помеѓу Израел и арапските држави од Заливот против Иран; да ги подобри односите со Палестинските власти, почнувајќи преку донација од 100 милиони долари за нивните болници; да ја отстрани забраната за продажба на офанзивно вооружување за С.Арабија, која за возврат би го затворила конфликтот со Јемен, би се приближила кон потпишување на Абрахамовите договори и би го зголемила производството на нафта со цел намалување на цените.

Како што можеме да видеме Бајден го очекува титански подвиг. Но, малку ќе ги поедноставиме работите ако се фокусираме на клучната цел на оваа турнеја, од чиј успех зависат сите останати цели. Клучната цел е да се постигне нормализација на односите помеѓу Израел и С.Арабија. Ако тој процес на приближување помеѓу двата гиганти од регионот успее, тогаш Америка би можела да се надева на изолација на Русија во рамките на ОПЕК Плус и на зголемување на производството на нафта и гас од страна на сите земји од Заливот со што би се запрел инфлационистичкиот бран во Европа и би и се овозможило енергетска независност од Русија. Потоа би се создале предуслови за одмрзнување на мировните преговори помеѓу Израелците и Палестинците, почнувајќи од одново отварање на нивниот конзулат во Ерусалим. И конечно, би се создала една блискоисточна безбедносна архитектура која би служела да се запре иранскиот експанзионизам.

Првата задача донекаде веќе е исполнета. Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Јаир Лапид во четвртокот потпишаа заедничко ветување да му се ускрати нуклеарното оружје на Иран, што претставува демонстрација на единство на сојузниците долго поделени околу дипломатијата со Техеран. Бајден додаде дека ќе употреби сила како последно средство за да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје. Бајден и понатаму се надева дека може да го оживее договорот на Обама со Техеран, па оттука се стреми да им наметне притисок на ајатоласите со намалени претензии да се вратат на преговорите кои се замрзнати од пролетва.

Претседателот Бајден со израелското државно раководство
Претседателот Бајден со израелското државно раководствоФотографија: AMIR COHEN/REUTERS

Техеран пак во овој момент се опира на притисокот, силен од новопронајдената блискост со Москва, која благодарение на своите шверцерски мрежи ја опскрбува со оружје и воен хардвер од Ирак. Но, оската Москва-Техеран не е од стратешка природа, колку што е тактичка конвергенција наменета да ги покрие заемните слабости. Американската цел на ова поле е да види колку долго може да издржи иранскиот отпор. Во контекст на руско-украинскиот конфликт и создавањето на анти-Западна оска, досието за иранската нуклеарна програма патува на паралелна трака и може да им се врати како бумеранг на Москва и Техеран. Непостигнувањето на договор би било контрапродуктивно и за Русија и за Иран, во ситуација кога и двете земји имаат очајна потреба од зголемена трговска размена со остатокот од светот.

Повеќе од авторот: Киднапирана Европа или трагедијата на Западен Балкан

Оттука јасно е дека целиот овој процес директно зависи од помирувањето помеѓу Тел Авив и Ријад. Целата американска архитектура на Блискиот исток има анти-иранско својство, односно, насочена е против заедничкиот непријател на регионот. Но, за се тоа да успее, неопходно е Америка да се врати во регионот кој само неодамна го напушти дозволувајќи така да се создаде опасен безбедносен и воен вакуум.

Блискиот исток во последните 500 години секогаш имал една голема надворешна сила која функционирала како хегемон и безбедносен гарант. Од Отоманската империја почнувајќи во 16-от век и наредните 400 години, преку Британците почнувајќи од Првата светска војна и се до Суецката криза, до американската доминација во последните 70 години. Силното американско присуство нагло се намали во времето на Обама, за во времето на Трамп да доживее едно стратешко повампирување, иако во негово време сепак се создаде одредена арапско-израелска коалиција преку Абрахамовите договори. Но, и тоа зближување повеќе беше регионална иницијатива и нужност или панична реакција на американското отсуство, кое за возврат му дозволи на Иран и на неговите сателити значително да го зголемат своето влијание во Ирак, Либан, Сирија и Јемен.

Во отсуство на надворешен хегемон, нормално е повеќето арапски земји да се доближат кон регионалниот воен хегемон. Од тие причини, Бахреин, Мароко, Судан, Обединетите Арапски Емирати заедно со Јордан и Египет, одлучија да ги закопаат воените секири со Израел, бидејќи ја ценат неговата воената моќ и одлучноста да ја искористи против Иран.

Повеќе од авторот: НАТО стана глобална алијанса

Катар, Турција и половина Либија пак, се споија околу заемно помагање и симпатии кон Муслиманското братство.

Иран пак се потпира на серија свои пријатели, од режимот на Асад во Сирија, Хутите во Јемен, Хезболах во Либан, Хамас и Палестинскиот џихад во Газа и мноштво други милиции распространети низ Авганистан, Ирак, Пакистан и Сирија. Комбинацијата од герилско-милициско неконвенционално војување и широката употреба на дронови им дозволи на Иран да создадат досега незамисливо влијание во речиси сите од споменатите земји. Како резултат на тоа отворените војни се намалија, но помалите судири во регионот драматично зачестија. Иран на тој начин беше во состојба да напаѓа американски цели во Ирак и Сирија, да води постојана воздушна кампања против С.Арабија, најчесто преку Јемен. Саудијците и Емиратите кои очајнички бараа американска поддршка беа приморани во 2015-та да се вмешаат во Јеменската граѓанска војна, со што си нанесоа поголема штета отколку придобивка. Израелците нападнаа стотици ирански цели во Сирија и најново во Ирак, додека во исто време водат сериозна сајбер-војна со Техеран. Емиратите станаа редовна мета на Хутите од Јемен и други милиции во Ирак под контрола на Иран. Турција пак веќе неколку години војува против руските и емиратските сили во Либија и иранските и сиријските сили во Сирија.

Israel | Besuch US-Präsident Joe Biden | Iron Dome
Фотографија: EVELYN HOCKSTEIN/REUTERS

Се на се, американското отсуство не само што го стави тероризмот во втор план, туку и го распламти регионалното војување и трката во вооружување помеѓу самите држави и нивните прокси инсталации во поединечни земји. Со други зборови, американското повлекување од регионот создаде трка за тоа кој ќе ја преземе улогата на регионален хегемон.

Сега многу нешта ќе зависат од посетата на Џеда во сабота, имајќи предвид дека во меѓувреме и Саудијците отворија еден многу пријателски дијалог со Русија и Кина, додека во исто време беа приморани да отворат разговори со Иран, особено откако не успеаа да набават дронови од Турција. Факторот време ќе биде исклучително важен, па така приближувањето помеѓу Израел и С.Арабија тешко дека официјално ќе се изведе додека на престолот сеуште е кралот Салман, а би се забрзал кога неговиот син Мухамед бин Салман ќе го наследи.

Повеќе од авторот: Расипаната франко-германска локомотива го заглави возот за ЕУ

Се ова ја прави комплицирана идејата на Бајден за еден вид на „Арапско НАТО“, но САД ќе се задоволат ако барем профункционира заедничката воздушна одбрана, синхронизацијата на радарите, и комуникацијата помеѓу таканаречените „early warning systems“. Сигурно би се отвориле разговори околу можноста за нови воени набавки од САД, особено на нови и пософистицирани оружја, нешто што досега беше блокирано со цел на Израел да му се обезбеди „qualitative military edge“, односно, статусот на „primus inter pares“.

Како и да е, настрана техничките и оперативните аспекти, мисијата на Бајден ризикува да заврши неуспешно доколку не успее да создаде реална дистанца помеѓу земјите од Блискиот исток, пред се мислејќи на Саудијците и Емиратите, и Русија и Кина. Пекинг нуди соработка со Ријад околу нуклеарните активности за цивилни цели, додека Москва на Емиратите им нуди балистички ракети и телекомуникациска технологија. Прашање е дали пакетот подароци на Бајден ќе биде доволно поголем од кинескиот и рускиот?!

Краток збор за Палестинците и нивната трагично и перманентно занемарена состојба. Бајден ќе се обиде да ги поправи односите после катастрофата на Трамп, но сеуште не е подготвен да посредува околу создавањето на „две држави“. Многу други работи за жал мора да се случат пред тоа прашање повторно да исплива на површината. Од тие причини посетата на Бетлем и средбата со Абу Мазен е секундарна по важност, повеќе од медиумски причини отколку од реална волја и желба за некаков напредок.

Одличен начин да се илустрира невозможната мисија на Бајден.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Балкански земји, како Србија и Северна Македонија - преку Бугарија ќе можат да добиваат азербејџански гас кој е поевтин од рускиот

Македонски приклучок до „новата епоха“

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница