1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптоварени односите на Турција со ЕУ и САД

14 октомври 2007

Коментар на Баха Гингер

https://p.dw.com/p/Bqqi
Преживеани сведоци на геноцидотФотографија: AP

Турција почесто во изминативе денови се најде во ударните вести на светските агенции – не само поради настаните во врска со ПКК и навестуваната воена акција од поголеми размери во северен Ирак, туку и поради спорот со САД по усвоената резолуција со која турскиот масакр врз Ерменците во Првата светска војна се оценува како геноцид.

Турција може да прави што сака, но уште долго нема да биде прифатена на рамноправно ниво во западниот свет - иако е негов полноправен партнер. Има две главни причини за тоа: прво, оти таа внатре не постигна зрелост за релаксирана обработка на мрачната глава од историјата на Османлиското царство, и второ, оти е особено погодна како топка за игра на западните популисти.

Конфронтирање на Турција со категоризирање на прогонот и протерувањето на Ерменците како геноцид, како сега во американскиот Конгрес или претходно во повеќе парламенти на европски земји, носи гласови на избирачите и симпатии. Повеќедецениската погрешна турска политика спрема Курдите и острината на воените судири со ПКК, која веќе 23 години се бори за сепаратистичка курдска држава, ја продолжува листата на тешки прекори за неколку важни точки како кршење на човековите права, угнетување и игноранција на елементарните демократски права.

Големи се шансите резолуцијата за геноцид врз Ерменците, по парламентарната комисија, да биде усвоена и од планумот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Во Америка претстојат претседателски избори, а демократите сакат да ја освојат функцијата. Притоа сметаат и на гласовите на силното ерменско лоби и на неговото широко влијание.

Останаа залудни сите предупредувања на Џорџ Буш и Кондолиза Рајс и укажувањата на важната улога на членот на НАТО Турција, директен сосед на Иран, Ирак и Сирија, во борбата против меѓународниот тероризам. Засилена со решението во Вашингтон, ерменската дијаспора во Европа се зафаќа со тоа, на листата на критериуми за продолжување на преговорите со Турција за пристап кон ЕУ да биде ставено и признавањето на геноцидот.

Како може сега да биде спречено решение на Турција, која се повикува на правото на самоодбрана, за голема воена офанзива против бази на ПКК во курдскиот регион на северен Ирак? Со тоа би бил дестабилизиран единствениот половично сигурен регион во Ирак. Уште полошо. Таму сега се заканува директна конфронтација на турски со сили за безбедност на ирачките Курди, обучени и вооружени од САД. Што ќе се случи ако можните собири против Западот џганот ги искористи за подбуцнување безредија? Како може да биде спречено натамошно намалување на бројот на приврзениците за признавање на Кипар во рамките на проширувањњето на царинската унија со ЕУ? Како може да биде спречен порастот на симпатиите во турската јавност за Иран или за исламистите, кои го напаѓаат Западот?

Не можеше да биде понесреќен моментот за новото оптоварување на односите на Турција со Западот, што произлезе од САД. Дури откако ќе се реши ирачкиот конфликт и Блискиот исток барем половично ќе вплови во помирни води, би бил трасиран патот за конфронтирање на Турција со темната глава од историјата на Османлиското царство.

Основачот на Републиката Местафа Кемал Ататурк, кој во рамките на реформите ја ориентира турската држава кон вредностите на Западот, во 15-те години како претседател не отиде ни еден единствен пат во странство. Па сепак, успеа да склучи мир со сите поранешни воени противници – Грција, Велика Британија, Франција и Русија – оти европските шефови на држави и нивните преговарачи беа свесни за значењето на Турција, опкружена со жаришта на немири, па го посетуваа дома, на турска почва.

Резолуции за геноцид може да се оправдани, но не се погодни како пледоаје за меѓународна мировна политика со Турција.