1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц доаѓа со порака дека Западниот Балкан припаѓа во ЕУ

БГ /РТР
19 мај 2022

Германскиот канцелар Олаф Шолц на средината на јуни доаѓа во посета на неколку земји на Западниот Балкан со порака дека регионот припаѓа во Европската унија.

https://p.dw.com/p/4BWwA
Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е прашање на кредибилитет и стратешки интерес, порача во четвртокот од говорницата на Бундестагот германскиот канцелар Олаф Шолц, најавувајќи ја својата посета на регионот. 

Шолц рече дека планира да патува во регионот пред состанокот на Европскиот совет, закажан за 23 јуни, а на кој е предвиден и одделен самит со шефовите на држави и влади од земјите на Западниот Балкан. Засега е извесно дека Шолц нема да ги посети сите шест држави во регионот, туку само неколку од нив. Се очекува Скопје и Белград да бидат дел од станиците на неговата мини-турнеја која најверојатно ќе се случи една недела пред самитот на ЕУ, или околу средината на јуни. 

Шолц пред пратениците зборуваше за обврските кои ЕУ и земјите-членки ги преземаа кон државите од Западниот Балкан и ветувањето за нивно полноправно членство. 

„Почитувањето на нашите обврски кон нив не е само прашањето на нашиот кредибилитет. Денес повеќе од било кога, нивната интеграција е исто така и наш стратешки интерес“, порача Шолц посочувајќи на влијанието на „надворешни сили“ во регионот, вклучително и Русија. 

Германскиот канцелар ги отфрли и барањата за забрзан прием на Украина во ЕУ и покрај руската инвазија, но порача дека Брисел мора да најде „брз и прагматичен“ начин да му помогне на Киев. 
„Нема скратени патишта на патот до ЕУ“, рече Шолц, додавајќи дека правењето отстапки кон Украина не би било фер кон земјите од Западниот Балкан. 

Шолц најави дека сака повторно да го заживее Берлинскиот процес и на крајот порача:
„Западниот Балкан припаѓа кон Европската унија“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема