1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија не сака нова студена војна

28 август 2008

Русија внимателно ги следи маневрите на западот во Црното море, дури и оние со хуманитарна природа. Истовремено Москва предупреди од создавање хистерија и ја потврди својата определба: не сака нова студена војна.

https://p.dw.com/p/F6Ce
Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер и рускиот претседател, Дмитриј МедведевФотографија: AP / PD / DW

Најавените маневри на НАТО со 18 бродови во Црното море предизвикуваат напнатости во актуелната криза. Русија се сомнева во хуманитарните акции, прашувајќи зошто водата и техничките апарати мора да бидат пренесувани во Грузија со американски воени бродови? Заменикот шеф на рускиот Генералштаб, Анатоли Ноговицин на својата вообичаена прес конференција потенцираше:

„Црното Море е премало за толку многу бродови. Ова е апсолутно нетипично.“

Москва будно ја следи ситуацијата

Ситуацијата се следи внимателно. Русија и самата презеде контраакција: рускиот ракетен крстосувач Москва стигна пред абхазискиот главен град Сухуми. Претседателот на републиката, која Русија ја призна за независна, Сергеј Багапч, демонстративно се искачи на бродот. Истовремено Ноговицин во Москва најави дека Русија ќе се воздржи од натамошно засилување на своите трупи:

„Не сакаме да носиме натамошни групи како засилување на флотата во Црното море, зашто има доволно.“

Медведев: не се работи за провокација на западот

Ноговицин го обвини грузиското раководство дека ја потпалува ситуацијата. Минатите денови имало движење на трупите, освен тоа грузиски беспилотни авиони извршиле извидувачки летови над Јужна Осетија, што е во спротивност со мировниот план од шест точки.

Русија пак си ги мие рацете, тврдејќи невиност. Пред камерите на странските медиуми рускиот претседател Дмитриј Медведев повторно побара разбирање за признавањето на независноста на Абхазија и Јужна Осетија:

„Бевме принудени да ја признаеме нивната независност, откако повторно протече крв. Не се работи за провокација на запад, рече Медведев, никој не сака студена војна:

„Нам исто така не ни се допаѓа што постојано се зборува повторно за студена војна, не сакаме ескалација. Во однос на затегнатоста, тоа е во рацете на запад, на земјите кои веруваат дека расте напнатоста, тие треба да ја намалат. Мора да се биде реален, а не хистеричен.“

НАТО во меѓувреме побара од Русија да ја поништи одлуката за признавањето на независноста на сепаратистичките региони. Грузија го повлече персоналот од амбасадата во Москва, но не презеде целосен прекин на дипломатските односи.






Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема