1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин прави уште полошо

Рајнер Золих/превод: Ж/А.8 октомври 2015

Руската воена авијација врши напади во Сирија. Руските воени акции на Сирија и‘ донесуваат само уште повеќе насилство. Но, во смирувањето на ситуацијата во земјата потфрлија и другите актери, смета Рајнер Золих.

https://p.dw.com/p/1GkH2
Фотографија: Reuters//Ministry of Defence of the Russian Federation

Информациите околу напаѓачите и жртвите или наводните цели на нападите во Сирија треба секогаш да се примаат со резерва. Во оваа војна не постојат вистински независни извори, па ни за арапските новинари и медиуми. Зад поголем дел од информациите се кријат интереси. На новинарите не им останува ништо друго освен претпазливо да ги сортираат противречните вести и од нив да создадат слика која приближно ја отсликува реалноста.

Околу една недела по почетокот на руската воена интервенција во Сирија, врз оваа база се отсликува отрезнувачкото сознание: рускиот претседател Владимир Путин нема да донесе никаков мир во Сирија. И натаму останува стравувањето од натамошна ескалација на конфликтот и негово уште поголемо излегување од контрола.

Информациите за наводните руски напади врз „умерените“ и „исламистички“ бунтовници во Сирија се спорни, можеби такви и ќе останат. Но, едно е недвојбено: рускиот претседател го усвои гледиштето на својот штитеник Башар ал-Асад и практично во сите владини противници гледа „терористи“, не само на борците на Исламска држава, кои, барем порано, дури ги поштедуваше.

Sollich Rainer Kommentarbild App
Рајнер Золих

Шиитската против сунитската оска

Руските воени авиони повеќекратно, и сигурно не случајно, го повредуваат турскиот воздушен простор. И тоа го покажува очигледното отсуство на волја од страна на Москва да соработува со Западот за изнаоѓање решение во Сирија и да развие заедничка иницијатива. Наместо тоа, Русија се приклони кон една од страните во војната, се стави воено на страната на „шиитската оска“ сочинета од Иран, Ирак и сирискиот режим, не колебајќи се да извршува високоризични маневри контра членките на НАТО, како Турција.

Со тоа Москва во регионот станува противник на други важни актери: бројни бунтовнички групи, сунитски исламисти, како и секуларни сили сега во Русија гледаат агресор и окупаторска сила, повикувајќи на воена поддршка. Ваквите повици имаат најдобри шанси брзо да најдат одглас во рамките на „сунитската оска“ во која спаѓаат Заливските држави и Турција, мобилизирајќи пари за дополнително оружје. Меѓутоа, и на оваа страна ретко некој е заинтерсиран за праведно мировно решение во корист на сириското население. Пресудни се единствено партикуларните интереси и борбата за стретешки зони на влијание.

Русите, Американците, Иранците, борците на либански Хезболах, како и бројните воени платеници и фанатици од арапските земји, па дури и од Европа, во меѓувреме во одредена форма се борат во и поради Сирија. Ситуацијата станува се‘ понепрегледна и може натамошно да го дестабилизира и Ирак.

Нема мир без порамнување на интересите

Бројот на Сиријци кои бегаат кон Европа и посебно кон Германија, расте постојано. Тезата дека токму руската воена определба за една од страните во конфликтот во Сирија конечно може да донесе мир и растоварување на Европејците во бегалската криза, е сосем нереална претстава. Путин го влече Западот за нос и се обидува да го принуди на своите желби и услови.

Со тоа Москва злонамерно распламтува конфликт, во кој не само ИД и конкурентските бунтовнички групи, туку со најголема бруталност и цинично непочитување на човечките права се истакнува толкму сирискиот режим. Луѓето не бегаат само поради Исламска држава, туку посебно поради бомбите-буриња на Асад.

Колку и да е фрустрирачко сознанието, сепак е така: без се‘опфатно порамнување на интересите меѓу страните во сирискиот конфликт, регионалните сили Иран, Турција и Саудиска Арабија, како и големите сили САД и Русија, во Сирија нема да има мир. Сите тие на некој начин носат дел од вината за продолжувањето на убиствата, вклучувајќи ги и Американците со нивниот неодлучен цик-цак курс. Ниту на Русија нема да и‘ успее воено да изнуди решение или секуларните бунтовнички групи да ги притисне во коалиција со омразениот режим на Асад. Воена интервенција на Путин само ги влошува работите.