1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пречки и надежи за Македонија

27 ноември 2009

„Пречки и надежи“, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во текстот за спорот околу името меѓу Македонија и Грција. Еден најнепотребен или барем најнеобичен конфликт меѓу две европски земји, пишува весникот.

https://p.dw.com/p/KhBD
Атина ја блокира Македонија во желбите за членство во ЕУ

Грција сака да го блокира почетокот на преговорите за членство во ЕУ, препорачан од ЕК, ако земјата не го смени името, како што потврдил во разговорот за весникот грчкиот заменик- министер за надворешни работи, Димитрис Друцас. Во статијата пишува:

„Во атинското министерство за надворешни работи упадливо многу се полага на избегнувањето на зборот ’вето‘ во врска со прашањето за Македонија, зашто со него уште посилно би се истакнала изолацијата на Грција во овој случај. Грција бара соседната држава на своето име да му додаде географска одредница и во иднина да настапува како ’Северна Македонија‘ или ’Горна Македонија‘. На тој начин треба да биде појасна разликата меѓу неа и делот од историскиот регион Македонија, кој по мировниот договор од Букурешт, по Балканските војни од 1912/1913 година, и‘ припаѓа на Грција. Во Скопје во меѓувреме, со оглед на изгледите за долгогодишна блокада, постои подготвеност за повинување кон грчкиот диктат, но се стравува од натамошни проширени барања. Според македонските тврдења, поранешните грчки влади барале земјата својот јазик и националниот идентитет на своите жители во уставот да го внесе како ’северно‘ или ’горно македонски‘. Додека промена на името на државата во краен случај може да биде извршена со декрет, не е можно сопственото население со закон да биде принудено да прифати нов идентитет, гласи ставот на Скопје. Да се зборува за ’северномакедонски‘ јазик е бесмислено веќе и поради тоа, што во грчкиот дел на регионот се зборува грчки, а не ’јужномакедонски‘.

Знаци на меѓусебно приближување

Ако до декември не се најде решение во спорот со името и ако Атина фактички ги блокира пристапните разговори на Македонија со ЕУ, тогаш Македонија сака да ја прошири жалбата што ја поднесе пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција во 2008 година поради грчкото попречување на приемот на земјата во НАТО. Меѓутоа, пресуда од Ден Хаг не може да се очекува пред 2011 година.

Сепак, постојат претпазливи знаци за можно претстојно приближување меѓу Скопје и Атина. Првата неофицијална средба меѓу грчкиот премиер Папандреу и неговиот македонски колега Никола Груевски во Брисел, која се случи на иницијатива од грчка страна, протече охрабрувачки, барем според тонот. Веќе овој петок треба да се одржи повторен разговор на двајцата премиери, и тоа овојпат во Грција. Иако на прв поглед изгледа токму спротивно, сепак е можно, најавата на Груевски, повторена повеќепати во последно време, дека било кое договорено решение меѓу политичарите, ќе го даде на народен референдум, да биде толкувана како охрабрувачки знак. Зашто очигледно, Груевски сака да спречи насетуваното решение во спорот со името, кој во минатото често го инструментализираше во сопствената земја, да стане плен на популистите и потпалувачите во земјата.

Кои опасности се кријат при референдум

Logo der FAZ
Атина ја блокира Македонија во желбите за членство во ЕУ

Пречките за распишување референдум во Македонија се навистина ниски. Парламентот може да донесе одлука за плебисцит со просто мнозинство, и дури е обврзан да го направи тоа, ако 150 илјади гласачи поднесат барање.

Правилото може меѓу другото да ги охрабри исто толку националистички колку и финансиски силните здруженија на Македонците од странство, да го урнат македонско- грчкиот договор кратко пред негово целосно реализирање. Скопје со распишување сопствен референдум сака тоа да го пресретне, зашто владата во таков случај ќе може сама да го формулира референдумското прашање. Преку добро осмислен избор на зборови таа може да се погрижи зa тоа мнозинството граѓани согласноста за ново државно име да ја сфати како патриотски чин на патот кон членство во НАТО и ЕУ и да се изјасни позитивно. Со тоа би бил решен еден целосно непотребен спор“, заклучува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Автор: Михаел Мартенс/„Франкфуртер алгемајне цајтунг“

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска