1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта за Грција ја подели ЕУ

25 март 2010

Денеска (25.03.2010) во Брисел почнува дводневниот Самит на 27-те лидери на земјите- членки на ЕУ. Најексплозивното прашање - финансиската криза во Грција- официјално не е на агендата.

https://p.dw.com/p/Mbow
На спротивни позиции-Жозе Мануел Барозо и Ангела МеркелФотографија: DW/AP

Во поканата која претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, ја испрати до шефовите на држави и влади, зборот „Грција“ не се споменува ниту еднаш. Ваквата одлука кореспондира и со барањата на германската влада, која е против тоа на средбата во Брисел да се договараат механизми за помош во рамките на еврозоната. Конечно, ниту Грција не е инсолвентна, изјави канцеларката Ангела Меркел во пресрет на средбата.

„Оттука и прашањето за помошта не е тема за дискусија. Важно е да не создаваме илузии пред финансиските пазари. Помошта не е на агендата в четврток, затоа што и самата Грција тврди оти не и‘ треба помош во моментов“.

Сепак, за евентуалниот план за помош на тешко задолжената Грција ќе се дискутира и покрај другите важни теми кои се наоѓаат на агендата на европските политичари, како што се развојот, економијата и климатските промени. На почетокот на март, претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо ја претстави стратегијата за развој „Европа 2020“ во која се наведени заедничките цели и инвестициите за заштитата на климата, истражувањата, образованието и намалувањето на сиромаштијата.

Разликите меѓу земјите-членки се проблем, вели Баросо.

„Дебатата за соодветниот одговор на грчките буџетски проблеми и потребата за поделба на товарот, покажуваат дека постојат нееднаквости меѓу земјите членки кои треба да се урамнотежат. Затоа што сега сме позависни едни од други од било кога претходно“.

Griechenland Rettungsring EU Symbolbild
Фотографија: bilderbox/DW

Подобра контрола врз економските политики

Европската комисија сака, спротивно на желбите на германската влада, да се донесе одлука за помош на Грција преку билатерални кредити од земјите-членки на еврозоната. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу се надева дека на тој начин ќе се испрати и силен сигнал кон финансиските пазари кои полека ја губат довербата во политиката на Унијата.

„Кога би имале таков инструмент тоа јасно би им сугерирало на берзите: „Останете настрана, не шпекулирајте!“. Оставете ја оваа земја намира да го стори она што мора“.

За да се заштитат и превенираат идни кризи, лидерите на ЕУ во Брисел ќе дискутираат и за подобра контрола врз економските политики на поединечните земји-членки, како и за можноста за формирање на европска економска влада. Неколку препораки во таа насока пристигнаа од шефот на ММФ, Дoминик Штраус-Кан.

„Сметам дека на Европа и‘ е потребна заедничка рамка за превенција од криза и заштита на инвеститорите. Оваа рамка би требало да им овозможи на европските власти доволен мандат и средства за да го спречат распадот на прекуграничните банкарски системи“.

Затоа, заклучува Штраус-Кан, најважно е да постои силно политичко лидерство кое ќе им овозможи на земјите да го издржат притисокот.

Автор: Сузане Хен/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска