1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Нова студена војна

Борис Калноки
27 октомври 2018

Нуклеарна војна - тоа е во основата на судирот меѓу Путина и Трамп околу ИНФ-договорот. Источноцентрална Европа е распната меѓу двете страни. Дали да се држи до Путин, или до Трамп? Колумна на Борис Калноки.

https://p.dw.com/p/37F4v
Boris Kalnoky
Фотографија: privat

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да го откаже ИНФ-договорот со Москва од 1987 година за повлекување на ракетите со среден дострел од Европа. Како да се вратиле 1980-те: треба да се потсети на двојниот заклучок на НАТО од 12 декември 1979 година, со кој се овозможи од 1983 година да бидат стационирани американски Першинг-ракети и крстосувачки проектили како одговор на тогашните руски СС20-ракети. Се чинеше дека Третата светска војна ќе биде нуклеарна и дека ќе се одвива во Европа. Оттука, големо беше олеснувањето кога двете страни во 1987 година го потпишаа ИНФ-договорот.

Во Германија и кај нас, земјите од Источноцентрална Европа, има многу различни сеќавања на тоа време. Во Германија тогаш постоеше гласно „Мировно движење“ со „Велигденски маршеви“ и масовни демонстрации. Само да нема американски ракети со среден дострел! На истокот на Европа, каде главен збор имаше СССР, се славеше комунистичката пропаганда, но многумина во Полска или Унгарија тајно вртеа со главите. Од Западот се очекуваше ослободување од потчинетоста кон Русите, а не кукавичко кукање.

Чуму договор кој го почитува само една страна?

Сега се чини како тоа повторно да почнува. Од Германија татнат предупредувачки гласови да не се загрозува мирот. „Одлука со катастрофални последици“, се вели од Министерството за надворешни работи. Притоа, и тогаш и денес провокацијата доаѓа од Русија. Тогаш беа СС20, денес 9М729 „Новатор“, наводно ракета со краток дострел, која според американски сознанија може да има дострел до 3400 километри и која, според полски сознанија, неодамна била стационирана во руската енклава Калининград. Тоа е прекршување на ИНФ-договорот. Така на работите гледа и НАТО. Значи, чуму договор кој го почитува само една страна?

Во 1980-те успех беше постигнат поради американската цврстина. На крајот, ИНФ-договорот беше последица на двоен заклучок на НАТО. Во Источноцентрална Европа денес владее уверување дека цврстината е единствениот јазик кој го разбира Русија (но, за жал, единствениот јазик кој богатата, мека Германија не го зборува). Полска има „разбирање“ за Трамповата одлука околу ИНФ-договорот.

Други колумни од авторот:

Моја Европа: Исток и Запад- два погледа на реалноста

Моја Европа: Пари за добрите, казни за лошите?

Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан

Варшава се опремува против Русија: за таа цел во 2017 година беа потрошени повеќе од 10 милијарди американски долари и се бара една американска дивизија да биде постојано присутна во Полска, а земјата ја има и една од најсилните армии во ЕУ. Полска и Романија, како што се жали Москва, дозволиле стационирање на мобилни американски МК 41-системи за вертикално лансирање проектили. Тие може да се користат и за старт на крстосувачки ракети. Значи, ракети со среден дострел кои се забранети со ИНФ-договорот. Тоа е реакција на стационирањето на руските Искандер-ракетни системи околу Калининград. Овие системи би можеле да се употребат за старт на новите Новатор-ракети.

Правото на посилниот во политиката

Источноцентрална Европа е растргната среде оваа нова Студена војна. Додека Полска и Романија, како и повеќето загрозени балтички републики се залагаат за политика на цврста рака и за воена сила, во Унгарија, Чешка и Словачка на работите се гледа попрагматично. Тие се чувствуваат помалку загрозени од североисточните Европејци. Тие сакаат да прават бизниси со Путин.

Но, сепак, сите препознаваат дека доаѓаат нови времиња. Правото на посилниот повторно се враќа во политиката, а за такви времиња е неопходна силна армија. Источноцентрална Европа се вооружува. Според Институтот за истражување на мирот СИПРИ, воените издатоци во Источноцентрална Европа во 2017 година пораснале за 12%, додека во Западна Европа  (со Германија) за само 1,7%. Дури и Унгарија, чија армија е смешно слаба, сака „ударни воени сили“. Од Ербас - за да им се допадне малку на Франција и Германија во постојаниот судир околу иднината на ЕУ - се купени два воени транспортера А319 и 20 хеликоптери за напад од типот Х145. Бројот на војници од 30.000 треба да се зголеми на 37.000. Застарените Т72-тенкови треба да се заменат со помодерни, но не е наведено со кои точно. Треба да се создаде домашна индустрија за оружје.

При посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган двете страни договорија интензивна соработка во индустријата на оружје. Притоа, не се работи само за Русија. Во ектсремен случај се замисливи дури и судири меѓу Украина и Унгарија во западна Украина, каде во последните месеци се разви вистинска криза околу унгарското малцинство. Источна Европа се вооружува против опасноста од воена конфронтација, но кој е против кого - тоа не е секогаш јасно.

Борис Калноки, роден 1961 година, е дописник од Унгарија за германскиот весник „Велт" и други германски медиуми. Тој е автор на книгата „Земјата на предците" (2011), во која е опишана неговата потрага по своите предци, меѓу другите царскиот и кралевски министер за надворешни работи Густав Калноки.