1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Го казнува ли ЕУ патријархот на Путин?

5 мај 2022

Тој му е пријател на претседателот и ги дели неговите антизападни вредности. Европската комисија сака да воведе санкции и против поглаварот на Руската православна црква, Московскиот патријарх Кирил.

https://p.dw.com/p/4As0c
Russland Moskau | Kyrill I. -  Patriarch der Russisch-Orthodoxen Kirche und Wladimir Putin
Фотографија: Alexander Nemenov/AFP/dpa/picture alliance

Европската комисија предлага санкции и против Владимир Гундјаев. Владимир кој? Оваа објава станува спектакуларна кога ќе се појасни за кого станува збор. Бидејќи 75- годишниот маж на кој би се однесувале овие мерки е всушност познат по неговото духовно име. Кирил Први, Московскиот патријарх кој е поглавар на  Руската православна црква. 

Со оглед на неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин, кого посветено го следи и брани, поглаварот на црквата е едно од 58-те лица од новата листа на кои им се заканува забрана за влез во ЕУ и замрзнување на имотот и банкарските сметки во западни банки. Исто како и на олигарсите и важните политички соработници на Путин. Ова би можело да значи дека патријархот Кирил нема да може да присуствува на Светскиот совет на црквите кој треба да се одржи кон крајот на август во Карлсруе. 

Патријархот на Путин 

Патријархот и претседателот се тесно поврзани. Двајцата потекнуваат од Ленинград, денешен Санкт Петербург. Таму Путин во 1970-те години се зачленил во советската тајна служба КГБ, а Кирил, во тоа време уште црковниот ученик Гундјаев, се запознал со руското православие. На 31 година свештеникот станува архиепископ. 

Russland Putin und Patriarch Kyrill
Патријархот Кирил и Владимир Путин, 2021 годинаФотографија: MIKHAIL KLIMENTYEV/SPUTNIK/AFP/Getty Images

Путин е претседател од 2000 година (со прекин од 2018 до 2012). По смртта на Алексеј II, Кирил пак, кој претходно 20 години раководел со важната канцеларија за надворешни работи на Патријаршијата, е избран за нов Московски патријарх и поглавар на руската црква. И додека неговиот претходник Алексеј во 2008 година имаше критички став кон војната во Грузија, сега залудно се бараат слични осуди за интервенцијата на Путин во Сирија, како и варварските воени акции на руските трупи таму, или за актуелната агресија против Украина. Напротив – дури и активностите на Путин во Русија, Кирил ги оцени како „света борба“. 

Црковниот поглавар кој со претседателот дели исти вредности и ги отфрла либералните вредности, ја осудува хомосексуалноста и ја критикува „западната, безбожна цивилизација“, уште по 24 февруари, кога започна инвазијата во Украина, веднаш му даде поддршка на претседателот. Никаков збор за војна или агресија – напротив тој зборува за „света“ војна. Никаква критика не се слушна од него ниту по објавата на информациите за бројни масакри и убиства не невино население во Украина. Според него, Русија не нападнала никого туку само си ги брани своите граници. 

Државата и црквата 

Путин добро се грижи за својот патријарх за кој патем се вели дека има минато и во КГБ. Во Русија се враќа веронауката во училиштата, црковниот приход е ослободен од данок, а претседателот често може да се види на мисите во црква кои ги води Кирил I. 

Експертите по православие на Западот веднаш го критикуваа курсот и одговорноста на патријархот. Наспроти него, папата Франциско, кој како поглавар на римо-католичката црква од Рим се смета на исто рамниште со поглаварот на руската црква и грчкиот патријарх кој е поглавар на православната Патријаршија во Константинопол, долго време се воздржуваше од критика за улогата на Кирил.

Kuba Havanna Papst Franziskus und Patriarch Kyrill
Папата Франциско и рускиот патријарх Кирил во Хавана, 2016 годинаФотографија: GREGORIO BORGIA/AFP/Getty Images

Државен свештеник

Папата Франциско,  првпат во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“  овој вторник настапи отворено и гласно. Еден подолг цитат ја илустрира фрустрацијата на католичкиот поглавар. 

„Околу 40 минути зборувавме со Кирил на ‘зум’. Во првите 20 минути тој зборуваше за сите можни оправдувања на војната. Го сослушав и му реков. ‘Не разбирам ништо од ова. Брате, ние не сме државни свештеници, и не можеме да го користиме јазикот на политиката, туку јазикот на Исус. Ние сме пастири на Светиот Бог. Поради тоа мораме да изнаоѓаме начини како да биде мир и да се постигне прекин на огнот.’ Патријархот не смее да стане ѓаче на Путин.“

Франциско вели и дека претходно договорил  средба со Кирил на 14 јуни  во Ерусалим, која би била втора по  средбата од 2016 на аеродромот во Хавана,  но таа нема да се оствари, се стравува од „двосмислен сигнал“. 

А сега уште и санкциите на предлог на Литванија, кои ги најави Европската комисија. Нивното спроведување не е загарантирано. Пред да се донесе одлука на министерско ниво, на темава се советуваат акредитираните амбасадори на земјите членки. 

Блокирањето на западните сметки во банките може доста да го погоди Кирил. Во Русија постојано има извештаи за неговиот наводно расипнички начин на живот и за вила во Швајцарија. Потврда за ова е и една фотографија објавена на интернет на која се гледа дека патријархот носи часовник од швајцарскиот бренд „Брежет“ ("Breguet") кој чини 30.000 евра.