1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Србија да покаже на ЕУ дека е сериозна за реформите?

10 декември 2025

Србија започна преговори за приклучување кон ЕУ во 2014 година. Напредокот, во најдобар случај, беше бавен. По години на неисполнети ветувања и закочени реформи, ЕУ врши притисок врз Србија да покаже дека е посветена.

https://p.dw.com/p/552pT
Србија Белград 2025 | Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и српскиот претседател Александар Вучиќ
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (л.) се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ (д.) во Белград за време на нејзината посета на Западен Балкан во октомвриФотографија: Lola Djordjevich/SNA/IMAGO

Фон дер Лајен: „Очекуваме дела, а не зборови“

„Очекуваме Србија да покаже посветеност, со дела како и со зборови“, изјави Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Белград, на 15 октомври.

Претседателката на Европската комисија беше во Србија како дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан за да разговара за проширувањето на ЕУ со земјите кандидати во регионот.

Тој ден, таа го покани српскиот претседател Александар Вучиќ да дојде во Брисел еден месец подоцна за заедно да направат „биланс“.

Тоа беше во октомври, сега е декември. Според повеќе извори кои зборуваа за ДВ, средбата била одложена бидејќи Србија немала напредок кој би го прикажала.

Во вторникot (9.12) беше потврдено дека претседателот Вучиќ ќе отпатува во Брисел во среда на средба со претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.

Што очекува ЕУ од Србија?

Немања Тодоровиќ Стиплија, главен уредник на независниот белградски портал European Western Balkans, за ДВ изјави дека Европската комисија и Европскиот совет јасно ставиле до знаење дека напредокот на Србија ќе се мери според три клучни прашања наведени во документ кој Србија го достави до ЕУ во 2024 година: подобрување на медиумската слобода, обезбедување слободни и фер избори и усогласување на надворешната политика на Србија со онаа на ЕУ.

Србија Белград 2025 | Прес-конференција на Урсула фон дер Лајен и Александар Вучиќ
„Очекуваме Србија да покаже посветеност, и со дела и со зборови“, рече Фон дер Лајен за време на нејзината посета на БелградФотографија: Amir Hamzagic/Anadolu Agency/IMAGO

Како одговор на прашање од ДВ, портпарол на Комисијата рече дека покрај овие области, од Србија се очекува да „вложи повеќе напор и да направи компромиси за да го унапреди нормализирањето на односите со Косово и да се справи со дезинформации и странска манипулација со информации.“

„Србија треба да ги засили своите напори кон постабилно и повисоко усогласување и да нè увери во нејзината стратешка насока, вклучително и преку усогласување со рестриктивните мерки на ЕУ донесени поради агресивната војна на Русија против Украина,“ изјави портпаролот на Комисијата.

Регресија во медиумската слобода

Дали Србија направила напредок во овие клучни области? Иако медиумските закони во Србија беа изменети, измените не го спречија континуираното еродирање на медиумската слобода.

Всушност, најновиот Извештај за напредок на Европската комисија забележува „назадување“ во слободата на изразување во Србија, наведувајќи дека „опкружувањето за новинарите, медиумските професионалци и медиумите сериозно се влошило.“

Наслови во српските таблоиди во Белград
Во најновиот извештај за напредокот на Европската комисија за Србија се забележува „назадување“ во слободата на изразување во земјатаФотографија: Rüdiger Rossig/DW

Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) е клучната институција одговорна за надгледување и обезбедување независност на електронските медиуми во Србија.

Една од неговите главни задачи е изборот на нови членови на советот на РЕМ, процес кој треба да ја гарантира автономијата на телото. Сепак, владејачката Српска напредна партија (СНС) е обвинета за манипулирање со процесот на избор за да ја задржи контролата врз РЕМ, со што се поткопува независноста на електронските медиуми во земјата.

Што е со слободните и фер избори?

Кога станува збор за обезбедување слободни и фер избори, единствената формална промена направена од владата се однесува на измените на Законот за Единствениот избирачки список.

Оваа измена предвидуваше детална ревизија на списокот, која сè уште не е спроведена, изјави за ДВ Раша Недељков од НВО Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА).

Недељков вели дека во изминатите десет години Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) дала 56 приоритетни препораки до Србија за тоа како да се подобрат изборните услови. Според сопствената проценка на ОДИХР, спроведени се само четири.

Србија Заечар 2025 | Локални избори со нерегуларности
Имаше наводи за нерегуларности на локалните избори во Србија и во јуни и во ноемвриФотографија: Jelena Đukić Pejić/DW

Во меѓувреме, ситуацијата на терен станува полоша. Последните локални избори во Неготин, Мионица и Сечањ беа обележани со физички конфронтации, напади врз новинари, набљудувачи и опозиционери, како и со обвинувања за бројни неправилности како местење и купување гласови.

„Србија брзо тоне во изборна автократија, изборите се станати фарса и се заменети со насилно, оркестрирано доведување на гласачи само за да ја регистрираат својата присутност на избирачките места, додека нивната волја — преку разни закани — им се одзема,“ вели Недељков, алудирајќи на извештаи дека луѓето се принудуваат да гласаат на одреден начин.

Дали напредокот на Србија запре?

Земјите што сакаат да се приклучат на ЕУ мора да спроведат реформи во различни области како подготовка за членство. Преговорите меѓу Унијата и земјите кандидати се поделени на т.н. поглавја и кластери.

Србија нема отворено ниту едно поглавје или кластер повеќе од три години.

Покрај тоа, ЕУ веќе ја одложи исплатата на 111 милиони евра (129 милиони долари) поддршка од својот План за раст поради неспроведени реформи.

Белгија Брисел 2025 | Средба меѓу Антонио Кошта и Александар Вучиќ
Промена на расположението на Брисел кон Србија би му помогнала на раководството на земјата и политички и финансиски. (фото: српскиот претседател Вучиќ и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта)Фотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

Во октомври, Европскиот парламент усвои остра резолуција со која ја осуди политичката поларизација и државната репресија во Србија. Извештајот за напредок што потоа беше објавен, забележа назадување не само во слободата на медиумите, туку и во демократијата и основните права.

Што сака Белград?

Белград ќе се надева на промена на расположението во Брисел кон Србија, бидејќи тоа би ѝ помогнало на државната власт и политички и финансиски.

Владата би можела дури и отворањето на еден преговарачки кластер дома да го претстави како доказ за својата легитимност, која е ослабена од повеќе од една година антивладини и антикорупциски протести.

Дополнително, парите од првата транша на Планот за раст на ЕУ би ѝ помогнале на владата да ги пополни буџетските празнини.

Улогата на земјите членки на ЕУ

Но, таквата промена веќе не зависи само од Комисијата, вели за ДВ Бојана Селаковиќ од платформата на граѓанското општество Национален конвент за ЕУ: земјите членки на ЕУ исто така имаат збор.

„Балтичките држави инсистираат Србија целосно да се оддалечи од своето сојузништво со Русија,“ изјави таа за ДВ. „Друга група — како Шведска, Холандија и Данска — е многу строга во однос на демократијата и владеењето на правото, додека Германија сè уште инсистира на решавање на случајот Бањска,“ објаснува таа, алудирајќи на вооружениот судир меѓу етнички српски милитанти и косовската полиција во северно Косово во септември 2023 година, во кој беа убиени неколку лица.

Косовски полицајци патролираат на патот до манастирот Бањска, по инцидентот со пукање, во близина на Звечан, Косово, 26 септември 2023 година
Тензиите меѓу Косово и Србија ескалираа откако неколку лица беа убиени за време на вооружени судири меѓу косовски полицајци и етнички српски милитанти во Бањска, северно Косово, во септември 2023 годинаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Ова објаснува зошто Србија започна интензивна дипломатска офанзива за да ги промени ставовите низ Европа - претседателката на парламентот Ана Брнабиќ ја посети Шведска, а министерот за европска интеграција Немања Старовиќ отпатува во Холандија.

Дали Србија е приоритет за ЕУ?

Во исто време, Брисел се справува со други кризи кои ја туркаат Србија надолу на листата на приоритети.

Експертот за меѓународни односи Душан Рељиќ забележува дека Урсула фон дер Лајен моментално гаси „многу поголеми пожари“ — од мировниот план на САД за Украина до односите со Израел и Газа.

„Настаните во југоисточна Европа имаат мала важност за политиката на ЕУ, бидејќи нема голем ризик од влошување. Она што би можело да предизвика подлабока или посилна реакција на ЕУ е ако повторно стане јасно дека Александар Вучиќ и неговиот режим суштински ги уништуваат зачетоците на демократијата во Србија,“ изјави Рељиќ за ДВ.

Селаковиќ, пак, смета дека ЕУ сè уште е мотивирана да ја задржи Србија во своето гравитационо поле.

„Инаку Србија би останала да лебди во некакво турско сценарио, и всушност би претставувала многу поголема опасност за Европската унија отколку ако остане во пакетот каде се признава минимален напредок и каде се обезбедуваат стратешките интереси на ЕУ,“ заклучува таа.