1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Во пресрет на самитот на Г7: Надеж за напредок во Украина

15 јуни 2026

Лидерите на зeмјите членки на Г7 на самитот што ќе се одржи во Евиан, планираат да разговараат за војните во Заливот и во Украина. И претседателот Зеленски би требало да учествува на самитот.

https://p.dw.com/p/5FP7I
Лидери на замјите оф групата Г7 на тркалезна маса за време на самит во Канада
Вистинската смисла на самитот на Г7 е неформален разговор во опуштена атмосфера - како што беше случајот во 2025 година во Кананаскис, Канада, со учество на Доналд Трамп, Кир Стармер, Емануел Макрон и Фридрих МерцФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

На глобалната сцена централна претстава е самитот на Г7. Годинава тој се одржува од 15 до 17 јуни во Евиан, Франција, на брегот на Женевското езеро. Французите во моментов претседаваат со оваа угледна група на „седумте водечки индустрискиземји во светот“. Тоа значи и дека Европејците повторно ќе се соочат со Доналд Трамп, многу непредвидливиот американски претседател. Земјите од Г7 се САД, Франција, Обединетото Кралство, Германија, Јапонија, Канада и Италија. Тоа се моќни развиени земји, поради што самитот на Г7 секогаш подразбира и максимални мерки на безбедност - од страв од масовни протести. Некои веќе се одржаа во Евиан. Дневниот ред ќе се фокусира на прашања како глобалните миграциски текови, заштитата на климата или јазот меѓу богатите и сиромашните – а, понекогаш и на милитантните протести поврзани со овие прашања. Тоа потсетува на настаните од истото место во 2003 година, кога голем број продавници беа ограбени, во време кога самитот уште беше Г8 бидејќи учествуваше и Русија. Штетата од грабежите изнесуваше десетици милиони евра.

Луѓе на протест носат голем транспарент на кој пишува „Не за Г7, не за НАТО, надминување на беспомошноста“
И овој самит на Г7 е дочекан со протестиФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Форматот Г7 е круг на либерални демократии

Во пресрет на годинешниот самит повторно се постави прашањето дали форматот - обид на најмоќните светски лидери мирно и без обврски да разговараат за економските прашања - навистина го одразува моменталниот баланс на силата? Новата суперсила, Кина, на пример воопшто не е вклучена. Дијана Панке, професорка по политички науки на Слободниот универзитет во Берлин, за ДВ вели дека форматот сè уште гои смета за прикладен. „Форматот на Г7 беше воспоставен како неформален состанок на тогашните клучни индустриски земји кои делеа либерално-демократска ориентација - а Кина не спаѓа во таа категорија“, вели таа и посочува дека Русија била примена по завршувањето на Студената војна, бидејќи барем на почетокот, се обврзала на истите вредности. Москва од 2014 година наваму веќе нема покана за учество, а од Г8 повторно стана Г7. Панке истакнува дека придобивките од Г7 се во темелните подготовки за состанокот, од страна на министрите за финансии и економија во врска со трговски прашања, или пак од министрите за развој. Министрите за финансии на Г7, на пример, интензивно се занимаваа со војната во Украина. „Клучен аспект беше меѓусебното потврдување на нивниот став за отфрлање на бруталната агресија на Русија врз Украина“, се потсетува германската професорка.

Дали има надеж за мировни преговори за Украина?

Судбината на Украина ќе биде главна тема во Евиан. Извори од германската влада укажуваат на тоа дека воената ситуација во конфликтот со Русија е во последните месеци променета. По некои успеси, Украина може да се надева дека вратата за мировни преговори со рускиот претседател Владимир Путин наскоро би можела да се отвори. Европејците секако сакаат да бидат дел од тој процес.

Француските власти најавија дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на состанокот на Г7 во вторникот наутро, иако е нејасно дали ќе учествува преку видео врска или со лично присуство. Домаќинот на самитот, францускиот претседател Емануел Макрон, минатата недела коментираше дека „е ова многу важно за нас, бидејќи треба повторно да постигнеме консензус во Г7 за поддршка на Украина“. Со други зборови, конфликтот во Украина повторно мора да го привлече вниманието на Доналд Трамп. Во меѓувреме, германскиот канцелар Фридрих Мерц во Бундестагот минатата недела рече дека „одржлив мир може да се постигне само преку преговори во кои учествуваат Украина, Русија, САД и Европа - нема друг начин“.

Самитот одложен поради роденденот на Трамп

Друга клучна тема во Евиан ќе биде војната што САД и Израел ја водат против Иран. Дијана Панке  смета дека повеќето земји од Г7 ќе се обидат да го убедат Трамп што е можно побрзо да стави крај на војната оправдувајќи го барањето со тешките последици по и онака веќе ослабената глобална економија. „Примарната цел е да се постигне консензус за важноста на повторното отворање на Ормутскиот теснец - осигурување на неговата безбедност и слободниот премин - за да не се нарушат дополнително синџирите на снабдување“, вели професорката.

Со оглед на глобалната ситуација, француските организатори веќе може да го сметаат за успех тоа што Трамп цврсто го потврди своето присуство. Состанокот на Женевското езеро дури и беше поместен за да може Трамп изминатиов викенд  да го прослави својот 80-ти роденден во САД. Американската страна најави дека сака да разговара за економскиот потенцијал на вештачката интелигенција, па Французите меѓу другото, го поканија и Сем Алтман, раководителот на софтверската компанија ОпенАИ, од Сан Франциско да им се приклули на Женевското езеро. Како и на минатогодишниот самит на Г7 во Канада, нема планови сите седум лидери да потпишат заедничка завршна декларација. Наместо тоа, целта е да се постигне договор за одредени теми. Сите се надеваат дека во оваа прилика нема да има никакви несогласувања со Доналд Трамп, кој во 2025 година порано го напушти состанокот на Г7 во Канада.