1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Германски Леопард 2 и британски Челенџер тенкови во Украина

ЖА / агенции
28 март 2023

Прв пат по почетокот на војната, Германија и Велика Британија на Украина и` доставија борбени тенкови.

https://p.dw.com/p/4PMuv
Германски тенк од типот Леопард 2 А6
Германски тенк од типот Леопард 2 А6Фотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

18 германски тенкови Леопард 2 и британските тенкови Челенџер се стигнати во Украина, потврдија германската влада во Берлин и владата во Киев доцна синоќа (27.03.).  Со тоа е излезено во пресрет на одамнешните молби од Киев до Западот за испорака на ваков вид тешко оружје, а тенковите веројатно ќе бидат употребени во идна украинска пролетна воена офанзива.

„Нашите тенкови, како и што беше планирано, навремено стигнаа во рацете на нашите украински пријатели“, соопшти германскиот министер за одбрана Борис Писториус синоќа.

Точниот пат на транспортот на тенковите, започнат минатата недела, не е соопштен од безбедносни причини.

Германија на крајот на јануари се согласина Украина да и` испорача тенкови Леопард 2 од залихите на Бундесверот, издејствувајќи најава за доставување на тенкови и од страна на САД. Германските тенкови, заедно со оние испорачани од Шведска и од Португалија, засега достигнуваат сила на една баталјонска тенковска единица  - 31 тенк.

И Полска веќе испрати одреден број тенкови Леопард од постар модел во Украина.

Во изминатите два месеци на полигонот Минстер во германската покраина Долна Саксонија беше извршена обука на украински борци за тенковите Леопард 2.

Покрај тенковите Леопард, испратена е и муниција, а во Украина во меѓувреме се и 40 германски оклопни тенкови Мардер.

Испораката на западни борбени тенкови на Киев за борба против руските агресори, сојузниците ја дискутираа со месеци. Германскиот канцелар Олаф Шолц до последен момент инсистираше Германија да не направи едностран чекор, туку одлуката да биде донесена заеднички со партнерите, а две недели пред Германија, владата во Лондон и` вети на Украина 14 тенкови од типот Челенџер 2.

Тие веќе се во Украина, потврди портпарол на украинското Министерство за одбрана во Киев. Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников извршил инспекција на новостигнатото западно оружје, како што соопшти на Фејсбук.

„Пред една година никој не очекуваше толку силна поддршка од нашите партнери“, напиша Резников, одушевен од британските тенкови Челенџер, кои ги нарече „воени уметнички дела“. 

Британското Министерство за одбрана од своја страна дополни: „Украинските тенковски посади ја завршија обуката во Велика Британија и се вратија дома во Украина за да ја продолжат нивната борба против руската инвазија“. Велика Британија „ и натаму ќе биде на нивна страна и ќе направи се` за поддршка на Украина, онолку колку тоа ќе биде потребно“, порача министерот Бен Валас.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи