1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Symbolbild Kreml Moskau Russland Regierung
Фотографија: AFP/Getty Images/M. Antonov
ПолитикаРусија

Санкциите на ЕУ не ја успорија инвазијата врз Украина

Бернд Ригерт
8 август 2022

Изгледа како санкциите да не влијаат врз Русија, но силен ефект ќе се почувствува долгорочно. Меѓутоа, санкциите не ја успорија руската инвазија врз Украина и тие не го менуваат однесувањето на власта, велат експерти.

https://www.dw.com/mk/sankciite-na-eu-tesko-ja-pogoduvaat-rusija-no-ne-vlijaat-na-vojnata/a-62679791

Од почетокот на инвазијата врз Украина на крајот на февруари, Европската унија усвои  шест пакети санкции против Русија. Економската размена меѓу Русија и ЕУ е речиси целосно запрена, со исклучок на  нафта и гас,  кои и натаму стигнуваат во ЕУ, и храна и одредени ѓубрива, кои не се опфатени од санкциите.

Според податоците од Советот на ЕУ, кој претставува 27 земји-членки, санкции се применуваат врз 1212 поединци, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, неколку главни олигарси и 108 фирми и организации.

Половина од резервите на Руската централна банка се замрзнати, а руските банки се исклучени од меѓународниот платежен систем SWIFT. Забранет е извоз на технологија од ЕУ, на воздухопловно инженерство, електроника и луксузна стока.

САД, Канада, Јапонија, Швајцарија и Велика Британија исто така воведоа санкции против Русија. Повеќе од 1.000  западни компании се повлекоа од Русија.

Во своето следење на санкциите во живо, германската непрофитна истражувачка редакција Correctiv откри дека од февруари до 30 јули се воведени 6.891 мерки. Никогаш немало толку многу санкции против една држава.

Проценка за падот на руската економија од 6 до 15 проценти

Во меѓувреме се достапни неколку студии на реномирани универзитети и институти за економски истражувања за можното влијание на санкциите против Русија и на земјите кои ги воведоа. Сите тие предводуваат драстичен пад на руското економско производство во 2022 година.

Меѓународниот монетарен фонд проценува минус од 15 проценти. ЕУ предвидува пад на руската економија за 10 проценти. Пад од 6 проценти предвидува Марија Шагина од Меѓународниот институт за стратешки студии со седиште во Лондон.

Борел: „Русија е силно погодена од санкциите“

Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика, во интервју за ДВ во петокот рече дека санкциите силно ја погодуваат Русија.

„Руската економија се намалува за 10 проценти, ќе дојде до најголемата рецесија по Втората светска војна или по распадот на Советскиот Сојуз“, изјави Борел.

Тој призна дека  ЕУ останува зависна од снабдување со енергија од Русија,  но истакна дека тоа ќе се промени во наредните месеци. Членките на ЕУ и натаму купуваат гас од Русија, изјави тој, „но увозот го намаливме на половина, не можеме да направиме чуда.“

Belgien Brüssel | Josep Borrell
Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политикаФотографија: Alexandros Michailidis/EU

Кремљ тие пари меѓутоа веќе не може да ги користи за купување во ЕУ, што на пример значи дека технологијата на ЕУ е недостапна за руските тенкови: „Имаат пари, но не можат ништо да купат“, вели Борел и додава: „Модерна економија не може да  функционира ако се прекинат врските со останатите економски и технолошки сили. Ова многу ќе ја погоди руската економија – не утре, војната ќе продолжи, за жал. Но, економијата многу ќе страда. Путин мора да избере дали сака да има оружје или патишта за својот народ. Иако знам дека тој не се грижи многу за својот народ," истакнува Борел.

Шагина: Санкциите дејствуваат на микроекономски план

„Русија продолжува да продава нафта и гас по рекордо високи цени и го полни воениот буџет, кој го имаше пред војната. Значи, постои оваа единствена ситуација во која се чини како Русија да не е  погодена од санкциите“,  анализира Марија Шагина во интервју за Дојче веле.

„Но, ако погледнеме на микроекономско ниво, а посебно автомобилската индустрија и секторот на воздухопловството, продажбата во нив опадна за повеќе од 80-90 проценти. Долгорочно, зборуваме за структурна трансформација на Русија, зашто таа веќе не може да го надокнадува западниот капитал и пристапот кон западна технологија.“

Русија мора да го промени својот економски модел, зашто нема веќе пристап кон  западните финансиски извори и пазари,  вели Шагина и дополнува: „Русија ќе помине низ обратна индустријализација. Големо прашање е колку брзо Русија може да се избори со ова или на пример, да ги здружи силите со Кина и со Индија.“

Хинц: Русија не може да го надокнади падот на извозот на гас во Европа

Јулијан Хинц од Институтт за светска економија од Кил изјави дека трговската статистика покажува дејство на санкциите.

„Руската економија е тешко погодена од санкциите, многу повеќе од европските економии. Тоа воопшто не е споредливо.“

Според Хинц, Русија тешко може да произведува домашни алтернативи за стока од увоз, зашто на националната индустрија ѝ се потребни полупороизводи и техничко знаење од странство.

Економистот од Кил исто така смета дека е отежната потрагата по нови купувачи за нафта и гас кои веќе не се испорачуваат во ЕУ или САД:

„Тоа е само пуста желба, да бидам искрен, зашто нема гасоводи на пример. Постојат некои доводи до Кина, но тоа е можеби само десет проценти од капацитетот користен за извоз во Европа. Во овој момент ништо не може да ги замени гасоводите кои досега ја снабдуваат Европа.“ Санкциите ќе имаат полн ефект на подолг рок, вели Хинц.

Либман: Санкциите не се инструмент кој го менува однесувањето на власта

Останува значи клучното прашање – дали економските санкции на крајот ќе помогнат  да се промени политичката волја  на авторитарниот режим во Москва.

Александар Либман, професор по руска и источноевропска политика на Слободниот универзитет во Берин, е скептичен. За јавниот сервис Дојчландфунк неодамна изјави дека Владимир Путин не е импресиониран од штетата за руската економија.

„Санкциите нема да променат ништо во рок од неколку недели или месеци. Мораме да бидеме искрени: санкциите се инструмент – има доста истражувања за тоа – кој генерално не функционира. Во најголем број случаи, санкциите не влијаеја на однесувањето на санкционираните држави“, смета Либман.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Бугарија парламент

Што да очекува Македонија од изборите во Бугарија?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница