1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Провокациите кон Атина, автогол за Скопје

22 мај 2024

Молкот што настапи во официјално Скопје по истапот на Сиљановска за името, личи на мало дете кое кога ќе направи беља намуртено чека во ќошот да помине лутината на повозрасните. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4g7vY
Новата македонска претседателка Гордана Сиљановска-Давкова
Новата македонска претседателка Гордана Сиљановска-ДавковаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Впечаток е дека Македонија остана на бришан простор откако новата претседателка Сиљановска и премиерот во најава Христијан Мицкоски одиграа соло игра на непризнавање на името Северна Македонија. Тоа е единствениот заклучок што може да се наметне откако од Атина дојдоа серија реакции а одговорот што уследи од овде е во стилот: добро де, ајде да не се караме. „Не очекувам односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекувам да имаме одлични меѓусоседски односи", рече идниот премиер Мицкоски.

Македонија во оваа игра ризикува многу а Грција речиси ништо. Впрочем и од реакциите кои што пристигнаа од повеќе страни критиката е кон политичарите во Скопје а не кон Атина. За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон  ЕУ потребно е целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Билатералните договори треба да се спроведуваат, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција, се надоврза и портпаролот на Европската Комисија. Реакција имаше и од САД. „САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и беа разочарани што претседателката Гордана Силјановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата на функцијата", рече Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот.

Македонската страна ги одмолче тие предупредувања ако се изземе изјавата на Мицкоски но таа беше насочена само кон грчката страна и не се смета за одговор на пораките кои стигнаа од меѓународната заедница.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

По тоа прашање државата во моментов се однесува како да не постои државно раководство. Нема одговор дали навистина го прекршуваме Преспанскиот договор или не. Нема одговор ни дали тоа е некаква нова стратегија на властите или само постизборен излив на емоции. Така излегува дека идната власт подметна кукавички јајца а потоа се скри кога се дигна на нозе меѓународната заедница.

Владата нем набљудувач

Ова е показен пример и како во Македонија се соработува на највисоко ниво, особено кога владата која ги живее последните денови е во рацете на СДСМ а идната што доаѓа е од ВМРО-ДПМНЕ. Владата се однесува како ништо да не се случило иако прозивки пристигнуваат од сите страни, додека пак идната влада која треба наскоро да стапи на сцена се смета за непрозвана бидејќи сѐ уште не е официјализирана нејзината улога. Така земјава се става во подредена позиција на Грција бидејќи од Атина се случува вистинска канонада од највисоките политички претставници, а одовде нема противаргументи на нивните тврдења.

Сето тоа прави да изгледа дека и овој проблем се третира како партиски а не како државен, што е само континуитет на досегашните односи на врвот на државата кога не можеше да се најде заеднички јазик за ништо.

Молчи и СДСМ – партијата која е архитект на Преспанскиот договор и која пред шест години ја крстареше државата убедувајќи ги граѓаните дека Договорот е влезница за ЕУ и НАТО како и за подобро утре на граѓаните. Во најмала рака СДСМ требаше да се огласи и да ја потсети јавноста на близу тридецениската голгота што претходеше на Преспанскиот договор и на талкањето низ меѓународните лавиринти во неуспешен обид да докажеме дека сме Македонија без никакви додавки. И овој молк на СДСМ покажува зошто земјата е таму каде што е штом од целата партија која 2018 застана зад Преспанскиот договор, единствен што излезе да го брани е екс - премиерот и екс партиски лидер Зоран Заев како да е негов приватен проект а не меѓународно преземена обврска на државата.

Најпосле, и партијата која се подготвува да ја преземе власта ВМРО-ДПМНЕ спремно гласаше во парламентот „за“ ратификација на одлуката за влез на Македонија во НАТО која беше возможна само преку Преспанскиот договор. Да потсетиме 116 гласови „за“ таа одлука не оставаат простор дека тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ биле против влезот во НАТО кој уследи по Преспанскиот договор.

Грчката дипломатија не импровизира

Молкот што сега се случува повеќе личи на мало дете кога ќе направи беља и намуртено чека во ќошот за да помине лутината на повозрасните. И самата Сиљановска која ја предизвика дипломатската бура, во подоцнежна изјава се обиде да се извади со славење на некаква културна дипломатија во која вели повеќе верувала, занемарувајќи го фактот дека нејзината постапка ги запали односите меѓу Македонија и Грција, стави уште еден клинец во блокадата на евроинтеграцискиот процес и предизвика загриженост кај меѓународните партнери на државата до таа мера за сите да истапат со ургентни реакции и пораки.

Оттука и впечатокот дека провокациите кои беа упатени кон Грција, можат да се претворат во автогол за Македонија. Притоа заканите од Грција треба да се сфатат сериозно. Грчката дипломатија не импровизира ниту пак постапува без претходно изградена стратегија. Изјавите на портпаролот на владата во Атина, Маринакис, на шефот на дипломатијата Герапетритис и на самиот Мицотакис навестуваат нова криза во односите со Македонија и ако идната владејачка структура тоа не го препознава тогаш имаме голем проблем како држава. Најмал проблем е дали Грција ќе активира процедура за прекршување на Преспанскиот договор, бидејќи претходното искуство кога Македонија тужеше покажа дека политиката и правото некогаш не одат рака под рака во меѓународните односи. Но не треба да нѐ изненади и доколку ако Грција тужи и добие ќе настапат последици за Македонија бидејќи од другата страна е противник кој ништо не препушта на случајност.

Во фиока во грчкиот парламент веќе пет години се чуваат три меморандуми кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Македонија може да преживее и без тие документи. Меѓутоа, главниот проблем е што отворањето на старите рани во односите меѓу Македонија и Грција, кои сѐ уште не се целосно залечени, ја поткопува тешко стекнатата доверба што нашата земја ја има во меѓународни рамки.

Седиштето на грчкото министерство за надворешни работи во Атина
Седиштето на грчкото министерство за надворешни работи во АтинаФотографија: picture-alliance/TASS/V. Sharifulin

Притоа јасно е дека и ЕУ потфрли замижувајќи пред новите блокади што беа наметнати на нашиот евроинтеграциски пат. Јасно е и дека ВМРО-ДПМНЕ нема историја на конструктивност во надворешната политика, но ставањето на коцка она што е постигнато со големи откажувања нема да биде поен за партијата освен што краткорочно ќе ги задоволи емоциите на сиромашното население кое чека европски животен стандард. А до тој стандард не може да се дојде без реален исчекор кон ЕУ независно од другите успеси кои ги ветува идната влада.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар