Обвинувања за корупција: Телефонски снимки опасни за Бајден?
20 јуни 2023Во САД веќе одамна се зборува за „Брајб - гејт“. Тоа е игра на зборови, поим кој го поврзува „Вотергејт“, скандалот над сите политички скандали, односно „брајб“ – на македонски: мито. Станува збор за сомнение за корупција на две генерации од семејството Бајден – таткото Џозеф и синот Хантер.
Џозеф „Џо“ Бајден во 2016 година, кога беше на должноста потпретседател на САД, како што се тврди, исплатил голема сума финансиска помош на Украина, условувајќи ја со давање отказ на еден украински државен обвинител. Наводно, поради тоа што бил корумпиран. Стануваше збор за Виктор Шокин.
Но, посебно пикантен е фактот што Шокин во тоа време водел истрага против украинскиот енергетски концерн БУРИСМА. А во надзорниот одбор на компанијата член бил и Хантер Бајден, син на тогашниот американски потпретседател.
Републикански сенатор споменува тонски снимки
Тоа е накратко верзија на приказната која неколку години се шири во јавноста. Новост е она што сега го тврди републиканскиот сенатор Чак Гресли од Ајова. Во американскиот Конгрес тој изјави: „Државјанин на една странска земја, кој, како што постои сомневање, ги подмитил Бајденови, очигледно тајно снимил 17 телефонски разговори“. Притоа мисли на основачот на БУРИСМА, а тоа е Микола Злошевски. Извор за тврдењата е таен информант на ФБИ: „Тој со помош на тонските записи сакал да се осигура, во случај да биде откриено митото“, изјави Гресли.
Но, што точно може да се чуе на тие мистериозни тонски снимки, под услов дека вистински постојат? Во текот на едно конгресно сослушување, сенаторот Тед Круз од заменикот шеф на ФБИ-, Пол Ебет, сакаше да дознае дали федералната американска полиција навистина располага со тие снимки. „За тековна истрага не смеам да давам податоци“, гласел неговиот одговор.
Републиканскиот пратеник Џејмс Комер од Кентаки, кој ја води истрагата во Претставничкиот дом во Конгресот на САД, очигледно знае и нешто повеќе: „На две тонски снимки се слуша Џо Бајден, а на останатите тогашниот менаџер на фирмата БУРИСМА, Хантер Бајден.“ Сите разговори, додава тој, се вртеле околу условите за исплата на мито. Таткото и синот Бајден, додаде Комер, добиле секој по пет милиони долари.
Трамп: „Бајден е најкорумпираниот американски претседател на сите времиња“
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој моментално е под силен притисок поради обвинувањата поврзани со аферата околу доверливи документи, во обвинувањата против Бајден гледа шанса да го одврати вниманието на јавноста од сопствените проблеми. По повторниот избор за претседател, како што изјави Трамп минатата недела, ќе именува посебен обвинител. Тој ќе треба да се позанивама со истрага против „ најкорумпираниот американски претседател на сите времиња“, односно комплетното „злосторничко семејство на Бајден“, како што изјави бившиот шеф на Белата куќа.
Додека републиканска Америка интензивно се занимава со случајот „Брајб-гејт“, онаа другата половина од земјата, наклонета кон Бајден,таа тема повеќе или помалку ја игнорира. Бајден, како што тврдат тие, во вршењето притисок за смена на државниот обвинител во Украина дејствувал по консултации со други нации, вклучувајќи ја и ЕУ. Сите приговори на сметка на актуелниот претседател по тоа прашање се „координирана акција“, тврдат симпатизерите на Бајден.
Пратеникот Џејмс Комер прогнозира дека таа линија на одбраната на Џо Бајден нема да може долго да се одржи: „За Бајден ќе биде сѐ потешко да објасни, а и левите кога-тогаш ќе почнат да потпрашуваат од каде му се парите на Бајден.“
Партијата на Комер најавува дека доказите за наводната милионска корупција на семејството Бајден, односно тонските снимки кои би требало да ја поткрепат, ќе ги објави во рамките на парламентарниот истражен одбор.