1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО стравува од празни магацини со оружје и муницијаr

Бернд Ригерт
13 октомври 2022

Министрите за одбрана од земјите членки на Алијансата ја притискаат воената индустрија да произведува повеќе оружје за Украина и за сопствените резерви. Противвоздушната одбрана од руски напади треба да биде подобрена.

https://p.dw.com/p/4I7ZE
Без оружје и муниција, нема одбрана, се вели во НАТО
Без оружје и муниција, нема одбрана, се вели во НАТОФотографија: picture-alliance/dpa

„Украина треба да ја добие сета поддршка што ѝ е потребна, сѐ додека има потреба од тоа“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со тоа го зададе правецот за средбата на 30-те министри за одбрана од земјите членки на НАТО и 20 партнерски држави што се одржува во Брисел. Откако Русија ја нападна Украина, ова е шеста средба на т.н. Рамштајн-група, која името го доби според истоимената воздухопловна база во Германија, каде се одржа првата координативна средба за воено опремување. Претседавачот, американскиот министер за одбрана Лојд Остин, ја пофали успешната одбранбена борба на украинската армија против рускиот агресор. Ракетните системи ХИМАРС од САД, според него, значително „ја промениле динамиката на боиштето” во полза на Украина.

Фокусот на оваа средба е ставен врз противракетната одбрана, како и одбраната од крстосувачки проектили и дронови откако рускиот претседател Владимир Путин нареди засилени воздушни напади против цивилни цели во Украина. Германската министерка за одбрана, Кристине Ламбрехт, која изминатиов викенд (8/9.10) ја посети Украина, објави дека германска фирма го испорачала првиот антиракетен одбранбен систем од типот Ирис-Т СЛМ во Украина. Системот, кој се одликува со краток дострел од само 20 километри, според неа е „многу важна поддршка против ракетни напади и теророт што се врши на цивилното население. Тоа е нешто што сега го доживуваме", рече Кристине Ламбрехт во Брисел.

Повеќе антиракетна одбрана

 Уште три ветени антиракетни системи од истиот тип, ќе може да бидат испорачани дури следната година, кажа министерката и додаде дека посакува компанијата побрзо да ги произведува, но тоа не е можно бидејќи сепак се работи за исклучително компликувани системи. Покрај тоа, украинските војници ќе мора да бидат упатени и обучени за начинот на нивно функционирање. Тоа значи дека за актуелниот бран напади од Русите одбранбеното оружје од германско производство нема да биде многу од помош. Но, и покрај тоа, украинскиот министер за одбрана Олексиј Ресников со благодарност зборуваше за „нова ера“ во противвоздушната одбрана.

Германската министерка за одбрана, Кристине Ламбрехт, објави дека германска фирма го испорачала првиот антиракетен одбранбен систем од типот Ирис-Т СЛМ во Украина
Германската министерка за одбрана, Кристине Ламбрехт, објави дека германска фирма го испорачала првиот антиракетен одбранбен систем од типот Ирис-Т СЛМ во УкраинаФотографија: Yves Herman/REUTERS

САД ветија осум нови антиракетни одбранбени ситеми од американско производство, од кои во претстојните недели може да бидат испорачани само два. Останатите шест допрва треба да бидат произведени. Ирис-Т СЛМ ракети за противвоздушна одбрана не се ново оружје, туку веќе се користат во Египет, Шведска и Норвешка. Системите предвидени за испорака на Бундесверот сега практично се пренасочуваат во Украина.

Примерот Ирис-Т СЛМ ја отсликува дилемата што ја имаат многу земји кои ѝ даваат опрема на Украина. НАТО-дипломат во Брисел тоа го формулираше вака: сопствените резерви и можноста за надополнување се минимизираат. Тоа пред сѐ важи за муницијата и ракетните пресретнувачи. „Резервите сѐ повеќе се празнат, а дополнувањето е тешко", предупредува НАТО-дипломатот. Затоа министрите разговараа за тоа како може да биде поттикнато производството во воената индустрија. Според нив, веројатно ќе биде потребно на компаниите да им се дадат долгорочни гаранции за купување на муницијата и воената опрема, за тие да ги прошират капацитетите. Без муниција, гранати за хаубици, ракети за ракетни лансери или едноставни куршуми, и најнапредниот систем не е од никаква корист.

Да се надополнат резервите

Досега групата Рамштајн испорача големи количества антитенковско оружје, проектили за противвоздушна одбрана, артилерија, тенкови од советско производство и големо количество на муниција. Само САД, од почетокот на војната во февруари до сега, ветија воена опрема во вредност од 15 милијарди американски долари. „Сега имаме задача на Украина да ѝ помагаме при одбраната, во следните недели, месеци и години“, рече Лојд Остин. „Знаеме дека на Украина ќе ѝ биде потребно повеќе артилерија со поголем дострел.“

Министрите од НАТО се договорија и да соработуваат. Германската министерка Ламбрехт најави дека како и досега Германија заедно со Холандија ќе става на располагање хаубици со голем дострел. Како добар пример за соработка американскиот колега Лојд Остин  ја наведе иницијативата на Данска, Норвешка и Германија, кои за Украина сакаат во Словачка да се произведуваат мали многу подвижни хаубици од типот Зузана.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин ја пофали успешната одбранбена борба на украинската армија против рускиот агресор
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин ја пофали успешната одбранбена борба на украинската армија против рускиот агресорФотографија: Yves Herman/REUTERS

Заеднички набавки - но не и тенкови

Испорака на тенкови како што Украина постојано бара, не е предвидена. Но, постои можност за испорака на дополнителни тенкови за противвоздушна одбрана од типот Гепард. Министерката Ламбрехт рече дека при посетата на Одеса и самата се уверила колку се тие корисни за одбрана на пристанишни постројки за извоз на житарици. За време на посетата на Украина таа двапати морала да се сокрие во бункер заради заштита од бомбардирање. Тоа, вели, ѝ оставило голем впечаток. Ламбрехт додава: „Како ли е тоа за луѓето кои катадневно го доживуваат ова? Затоа е толку важно Украина да може да се брани со ваквите системи за противвоздушна одбрана.“

Дипломат од НАТО посочи дека руската армија има големи проблеми да ги надополни своите резерви на муниција и крстосувачки проектили, бидејќи индустријата, поради западните санкции, е ограничена во испораките.

- повеќе: Украина: Оружје од Западот е потребно и повеќе и побрзо

Недоволна заштита на инфраструктурата

На дневен ред во текот на вечерата на НАТО-средбата беа осомничените саботажи на гасоводите во Балтичко Море, железничката инфраструктура во Германија и дупката во нафтоводот во Полска за која се дозна неделава. Улогата на НАТО во заштитата на цивилна инфраструктура досега беше мошне ограничена. „Просто е невозможно да штитиш 8000 километри гасовод на морското дно“, вели висок претставник на НАТО, кој не сака да биде именуван. Сепа,к надгледувањето, меѓу другото и од воздух, треба да биде засилено колку што е тоа можно. Спречување и расчистување на саботажите останува задача на операторите и на националните влади. „Инцидентите“, вели дипломатот на НАТО, „повторно покажуваат колку сме ранливи во некои делови.“

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија