1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски тенкови за Украина - и тоа брзо

Миодраг Шориќ
Миодраг Шориќ
15 септември 2022

Актуелно успешната противофанзива на Украина ја потпали дебатата за испорака на тенкови. Дали е ова моментот за Западот да го смени начинот на размислување? За брза одлука во секој случај е време, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/4Gszk
Германски тенкови Леопарад 2
Германски тенкови Леопарад 2 - Украина со месеци бара нивна испоракаФотографија: Courtesy Canadian Armed Forces/REUTERS

Не беа само руските сили изненадени од најновите успеси на украинската армија на истокот од земјата. И Западот, вклучително и германската влада, не сметаше на толку брз напредок на бранителите. 

На Берлин му се чинеше преголема силата на двете армии: од една страна наводната воена суперсила Русија со бескрајни можности за дотур на муниција за оружјето, тенковите, топовите и воените авиони; од друга страна украинските сили, кои со месеци на дневна база молат за оружје од Западот за да може и натаму да се борат.

Моментот на борбеното поле

Па така од сојузната влада сега повторно се бара краткорочно да испрати модерни тенкови од типот Леопард-2 во Украина. Киев сака да го искористи моментот на борбеното поле и колку е можно подалеку да ги протера руските напаѓачи. Натамошен поврат на територија ќе биде важен за преговорите со Москва околу можно примирје.

Модерни тенкови за Киев, сега веднаш? 

Сојузната влада е воздржана,  како и често пати во изминатите месеци, кога се работеше за испорака на оружје во Украина.  Берлин оддава противречна слика.  Владини членови ветуваат дека Германија без задршки е на страната на Украина. Истовремено ги снемува кога јасно и гласно треба да кажат дали земјата ќе испорача Леопард-2 тенкови или не. Често се забележува огромен јаз меѓу тоа што се кажува и тоа што се прави. 

Миодраг Шориќ, автор на коментарот
Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Кавга меѓу германските коалициски партнери

Точно е дека пред сѐ канцеларот и Социјалдемократите се воздржани.  Либералите и Зелените пак се залагаат за испорака на тешка артилерија на Украина, во што се вбројуваат и модерните западни тенкови. Киев нема разбирање за кавгата меѓу коалициските партнери. Поддршката им е потребна сега, бидејќи на фронтот брзо може да се сменат нештата. Никој не може да претскаже дали германските тенкови за неколку месеци ќе го имаат истиот застрашувачки ефект врз руските агресори како што тоа би било во следните недели. 

Канцеларот Шолц прво сака да се координира пред сѐ со САД, Французите и Британците. Потоа сака и покрај  испорака на оружје за Киев,  да го задржи дијалогот со Москва. Трето, шефот на владата страхува дека рускиот претседател Владимир Путин со употреба на тактичко атомско оружје може да спречи воен пораз. На крајот на конфликтот, така си посакува Западот, мора да има политичко решение, со кое сите учесници, вклучително и Москва, ќе може да живеат. 

Шансите на Западот

Но, војните ретко се одвиваат онака како што си замислуваат политичарите. Претседателот Путин ова го осети на своја кожа и тоа по потешкиот пат во последните неколку месеци. Тој во февруари мислеше дека неговата таканаречена „специјална операција“ ќе трае неколку дена, во најдобар случај недели, и ќе му донесе огромна победа. Во реалноста дојде до израз воената неспособност и лошиот морал на руските трупи, која тој тешко може да ја сокрие од светската јавност. Воен пораз би ја загрозил неговата моќ. За Западот пак, ова е шанса, а не закана. Путин не е склон кој ирационални постапки. Тој ги почитува противниците само кога можат да му се спротивстават со сила. Тој ја користи слабоста, вклучително и неединството на Западот, во своја полза. Затоа не треба да поминат недели за западните сојузници да се договорат за  испорака на модерни тенкови во Украина.  Тоа мора да се случи брзо - во рок од неколку дена. Таквата одлука, која ќе биде уште една демонстрација на единство на Западот, во голема мера би ја зголемила подготвеноста на Путин сериозно да преговара.

Ризик: војна со НАТО

И уште нешто: Западот не треба да се плаши дека може да дојде до употреба на нуклеарно оружје. Тоа се закани од Кремљ - повеќе реторика одошто намера за делување. Употребата на нуклеарно оружје брзо би придонела за крај на Путин. Кина, неговиот главен сојузник, ќе му го сврти грбот пред сѐ поради економските последици. Истото важи и за Русите. Тие и понатаму сакаат да продолжат да веруваат во она што им го ветил Путин: „специјална операција“ ограничена во време и простор, која речиси и да нема влијание врз нивниот секојдневен живот. Анкетите покажуваат дека Русите најмногу се плашат од воена конфронтација со НАТО. Сепак, тоа тешко може да се исклучи во случај на руска употреба на нуклеарно оружје.