1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

САД размислуваат за посилна антиракетна одбрана на Украина

Бернд Ригерт
1 декември 2022

Американскиот државен секретар за надворешни работи, Ентони Блинкен, најавува план за подобра одбрана на украинската инфраструктура. НАТО прво се занимава со Кина.

https://p.dw.com/p/4KL7z
Самит на НАТО во Букурешт, Романија
Самит на НАТО во Букурешт, РоманијаФотографија: Andreea Alexandru/AP/picture alliance

Традиционално министерот за надворешни работи на најголемата и од воен аспект најзначајна членка на НАТО, одржува прес конференција по средбата на  Советот на НАТО.  Па така, Ентони Блинкен, државен секретар за надворешни работи на САД, во Букурешт го имаше главниот збор околу тоа што било навистина важно на консултациите во Романија. Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, по краток стејтмент веќе беше на пат за следната средба, овој пат во ОБСЕ, додека Блинкен опширно го објаснуваше курсот на Алијансата. 

Тој најостро го осуди  војувањето на Путин,  бидејќи ја напаѓа инфраструктурата во Украина за да им ја одзеде на луѓето базата за егзистенција. „Тој огнот го насочува кон цивили. Таквото  брутализирање на војната  е варварско”, оцени Блинкен во Мермерната палата во Букурешт, која во 1980 ја изгради тогашниот диктатор Николае Чаушеску и во која сега се наоѓа романскиот парламент.  НАТО е побединет од било кога,  вели Блинкен. „Ќе му докажеме на Путин дека греши. Неговата стратегија досега е безуспешна и таква ќе остане”, рече тој. САД досега во Украина испорачаа оружје во вредност од 19 милијарди долари. Сите останати 29 НАТО членки според Блинкен досега придонеле со дополнителни вкупно 21 милијарда долари.

Останува желбата за антиракетен систем

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во Букурешт го повтори неговото барање за поголема антиракетна одбрана за Украина. „Ни треба антиракетниот систем Патриот", рече Кулеба. Дали САД или други сојузници како Германија, би можеле да постават антиракетни системи од типот Патриот во Украина, останува неизвесно. Системите би морале да бидат оперирани од страна на војници на НАТО, бидејќи во спротивно е потребна повеќемесечна обука на украинските војници. Со тоа НАТО неизбежно би станало директна страна во војната, што Алијансата досега по секоја цена избегнува. НАТО не ја опремува Украина како организација,  туку поединечните земји членки го прават тоа билатерално. 

Блинкен најави дека САД во најмала рака размислуваат за засилување на антиракетната одбрана. „Работиме на тоа да поправиме што е можно поголем дел од инфраструктурата. Истовремено мора таа и да се одбрани на најдобар можен начин. Нашите воени планери сега размислуваат околу тоа прашање", рече тој. Според него, бесмислено е да се обновуваат електрани и електроводи, ако тие потоа повторно бидат уништени од руските напади. Блинкен не кажа детали околу планот. Генералниот секретар на  НАТО,  Јенс Столтенберг, во вторникот рече дека „дебатата околу антиракетниот систем Патриот продолжува”. Бербок исто така не беше прецизна и во Букурешт изјави дека „воената поддршка и помошта за зимата се две страни од иста медалја. Секако дека постојано разменуваме мислења со Украина и НАТО како може да ја засилиме нивната самоодбрана”. НАТО дипломатите не гледаат можност како Германија директно во Украина, како што предлагаше Полска, да префрли единици од своите Патриот антиракетни системи. НАТО би требало да даде согласност за тоа, бидејќи Патриот системите се вклучени во заедничката противвоздушна одбрана на Алијансата. Освен тоа, и САД имаат право на збор по тоа прашање, бидејќи тие му ги ставиле на располагање Патриот системите на Бундесверот. 

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на Алијансата, Јенс СтолтенбергФотографија: Vadim Ghirdau/AFP/Getty Images

Редефинирање на односите со Кина

На вториот ден од средбата во Романија, НАТО не само што формално се занимаваше со Русија, туку за првпат зборуваше и за  предизвиците и заканите што ги носи Кина,  која се претставува како сојузник на Русија. Во новиот стратешки концепт на Алијансата, на комунистичката диктатура се гледа како на долгорочен конкурент и системски ривал. „Не сакаме никаков конфликт со Кина. Сакаме да избегнеме конфликти. Не сакаме студена војна,“ јасно кажа Блинкен. „Не сакаме да ги раздвојуваме економските сфери, но мора јасно да ги согледаме предизвиците“, рече тој.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, додаде дека сегашниот конфликт со Русија покажува колку се опасни зависностите од еден снабдувач и од еден единствен синџир на снабдување. Потребно е да се постигне поголема независност и отпорност. „Мораме да ги препознаеме нашите зависности, да ја намалиме нашата ранливост и да ги менаџираме ризиците“, рече Столтенберг. Кинески производи не треба да бидат вклучени во критичната инфраструктура во Европа и САД. Според дебатата во НАТО, треба да се избегнува и извоз во Кина на технологија релевантна за безбедноста. Сепак, не сите 30 земји-членки се на истиот строг курс како водечката сила на НАТО, САД. „И во НАТО, а исто така и во Европската Унија, се зголемува одобрувањето на таквиот став“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Но,  Кина е неопходна за да влијае на Русија и да работи за мир во Украина, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

„Кина во моментов е најдобар пријател на Русија. Кога станува збор за нешто да се постигне во Русија, потребна е Кина. Тоа не е лесно“, изјави Тајани за ДВ. Економските односи и пазарот во Кина се исто така исклучително важни. „Не се работи за проширување на НАТО во Азија“, појасни американскиот државен секретар Блинкен.

Поддршка за загрозените држави

НАТО во средата се консултираше со Грузија, Молдавија и Босна и Херцеговина, три држави кои поради руската инвазија во Украина на различни начини се под притисок. НАТО има намера да ја продолжи воената соработка со Грузија, чии провинции Абхазија и Јужна Осетија се окупирани од Русија. Грузија се стреми кон членство во Алијансата, а тоа и` беше ветено токму во Букурешт, уште на самитот на НАТО во 2008 година. 

Снабдувањето со енергија на  Молдавија е засегнато од руските напади во соседна Украина. Земјата треба да добие помош од НАТО за да ја преброди зимата. Во  политички нестабилната Босна и Херцеговина  треба да се потисне руското влијание, кое првенствено се врши преку босанските Срби. „Босна и Херцеговина е исклучително важна“, изјави словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон за ДВ во Букурешт. „Сакаме оваа земја до крајот на годинава да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. Тоа би било силен политички сигнал кој ќе има влијание врз целиот Западен Балкан. Нема да изоставиме ниту една земја,“ рече Фајон. Сите земји на Балканот мора да добијат поддршка бидејќи сите се користат како парички за поткусурување во различни геополитички констелации. Покрај Словенија, Хрватска е веќе членка на НАТО и на ЕУ. Србија, Косово и Босна и Херцеговина не се дел од ниту еден од овие сојузи. Црна Гора, Северна Македонија и Албанија се членки на НАТО.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија